ФАТМИР БЕСИМИ
Обезбедување на свеж капитал однадвор за да не се „истиснува“ реалниот сектор
Во однос на начинот на финансирање на буџетскиот дефицит, ќе објаснам зошто е препорачливо поголемо потпирање на надворешните извори. Носењето на свеж капитал од странство ги дополнува девизните резерви и овозможува услови за водење на релаксирана монетарна политика. Приливот на надворешното финансирање компензира дел од падот на паричните дознаки и странските директни инвестиции и го помага финансирањето на трговскиот дефицит и дефицитот на тековната сметка. На тој начин нема да се врши финансиско “истиснување” на реалниот сектор до пристапот на финансиски средства на домашниот финансиски пазар и задолжувањето на државата не влијае врз состојбата на монетарната политика и каматните стапки на домашните финансиски пазари.
Инаку глобално, монетарната политика го префрла фокусот на зголемената инфлација и инфлациските очекувања. ФЕД и Банката на Англија веќе ја зголемија основната каматна стапка, додека најавите на ЕЦБ се дека нивните одлуки ќе зависат исклучително од макроекономските показатели и очекувања. Со зголемувањето на каматните стапки со цел спречување на раст на инфлацијата, трошоците за задолжување се зголемуваат, како за приватниот сектор, така и за владите. Во таа насока од исклучително значење е моментот кога би се излегло на меѓународниот пазар на капитал за да се обезбедат тие средства однадвор. Од почетокот на годината ние сме подготвени да излеземе на меѓународниот пазар на капитал со еврообврзница. Сепак, ги следиме движењата на пазарите со цел да излеземе со еврообврзница во оптималниот момент, како што го направивме тоа минатата година.
“Златното правило” при задолжување и буџетскиот дефицит
Златното правило (“golden rule”) при задолжувањето треба да се применува во текот на еден бизнис циклус. Тоа значи дека во услови кога економијата се наоѓа на дното на кривата на бизнис циклусот, се препорачува и поголем буџетски дефицит (како процент од БДП) за финансирање на инвестициски проекти и ликвидносна поддршка. Во периодите на експанзија, буџетскиот дефицит треба да биде помал, за да се создадат резерви (т.н. бафери) и поголем фискален простор за идни интервенции.
Фискалната консолидација на среден рок претставува важен фактор во обезбедување на оддржлив раст. Со едноставни зборови кажано, доколку сакаме да финансираме раст, ако немаме доволна сопствена заштеда, тоа може да го направиме со задолжување, но тоа мора да е економски оправдано за да може да обезбеди одржлив раст. Ако се задолжуваме денес тоа значи дека треба утре да се врати, а тоа значи дека ако инвестираме денес, утре треба да се видат и бенефитите, или ако една генерација се задолжува, а друга треба да врати, секако дека тие треба да ги имаат и бенефитите од таквата одлука.
Фискална внимателност и меѓугенерациска солидарност
Барањата за буџетска поддршка речиси секогаш доаѓаат без да се земе предвид приходната страна на буџетот. Многу од тие барања се сосема оправдани, бидејќи се однесуваат на финансиска поткрепа на ранливи категории на граѓани или компании. Во жарот на политичката борба често се предлагаат износи на буџетска поддршка, кои би биле превисоки и во нормални околности или неприфатливи и за самите предлагачи, доколку би биле на одлучувачки позиции.
Од тие причини, потребна е фискална прудентност (внимателност) и грижа финансиската позиција на буџетот да биде на одржлива патека. Таа патека на јавните финансии подразбира доследно почитување на принципот на меѓугенерациска солидарност, односно избегнување на искушението да се позајмува премногу лесно и премногу на товар на значаен дел од сегашните и на идните генерации.
Со други зборови, со новите задолжувања особено внимаваме на намената или употребата на тие средства. Во моментов, буџетот позајмува само за финансирање на капиталните расходи, односно инвестициските проекти од јавно значење. Дури и при претпоставено пониски фискални мултипликатори на краток рок, капиталните расходи на буџетот имаат позитивно влијание на среднорочниот и долгорочниот раст. Зголемувањето на економскиот раст и поддршката на економското заздравување ќе овозможи намалување на јавниот долг како процент од БДП, кој на среден рок ќе го сведеме под 60% од БДП. Оваа цел ќе биде постигната и со посилна фискална консолидација во следниот период, преку намалување на буџетскиот дефицит и создавање поголем фискален простор за идни интервенции и идни предизвици.
Цената за финансирање на политиките за пребродување на кризата и поддршката на растот
Главни теми на дискусија во овој период со економисти, бизнизмени, новинари, но и граѓани, се „Како се справуваме со кризата? Има ли доволно пари во буџетот? Од каде да се најдат пари?„ Мислење кое преовладува е дека за време на криза најбитно е да се најдат решенија за пребродување на истата и да се обезбедат доволно финансии, додека цената за финансирање е на втор план. Сепак, би додал, дека, кога станува збор за раст и развој, важна е и цената за финансирањето на истата, односно таа треба да биде пониска од стапките на раст што ги генерира.