ВОЈО МАНЕВСКИ
Се обидувам да разберам врз какви темели ја прават таа платформа од која би требало да произлезат идните владини активности? Врз идеолошка определеност на партиите тешко дека ќе најдат заеднички јазик. Посебно што клиентелистичката идеологија како производ на триесетгодишната транзиција ги исклучи препознатливите определби
Некои термини се наметнуваат според зачестеноста на нивното употребување. Како што е редот, после парламентарните избори партиите што ја добија довербата на граѓаните се зафатија со правење „платформа за идната соработка“. Веројатно ќе прават и владина програма која ќе треба да ја образложат пред пратениците и во јавноста. Со оглед на комотното мнозинство, нејзиното усвојување нема да е доведено во прашање.
Се обидувам да разберам врз какви темели ја прават таа платформа од која би требало да произлезат идните владини активности? Врз идеолошка определеност на партиите тешко дека ќе најдат заеднички јазик. Посебно што клиентелистичката идеологија како производ на триесетгодишната транзиција ги исклучи препознатливите определби. ВМРО вели дека се демохристијанска партија и би требало политиките да ги креираат врз такви основи – помали даноци за работодавачите, поголем даночен опфат што значи поголем број даночни обврзници, повисоко третирање на идентитетските прашања, заштита на семејните вредности и слично. Од друга страна, барем досега, од ВЛЕН имаме најмногу ставови поврзани со правата на Албанците, акцент на регионалниот развој и задржување на европскиот пат, а при тоа потпирајќи се на упатствата на стратешките партнери. Овде ВМРО за почеток најавува некаква своја политика и нема да слуша сѐ што му се каже од меѓународните поддржувачи. Најинтересно е со учеството на ЗНАМ. Тие се изјаснуваат како продолжувачи на определбите карактеристични за социјалдемократијата. Еднаш напишав дека да се има милиони евра и развиен бизнис, а да се вели дека си социјалдемократ е неприродно. Тоа е очигледно на денот кога се делат платите. Нивната висина е израз на социјалната определба, само што кај нас ваквите социјалдемократи тоа го разбираат како социјален додаток за своите работници. Тоа да им го оставиме на членовите на партијата која допрва треба да се реформира и бара своја нова платформа. ЗНАМ ќе мора да покаже на кои определби стои или е формирана само врз незадоволство од претходната кадровска политика во поранешната СДСМ.
Досега слушнавме три столба од таа платформа која ја договараат идните владини партнери. Првиот столб би биле евроинтеграциите. Според досегашните изјави на партиите овде не би требало да има разногласија. Но, ние како граѓани да прашаме зошто тоа треба да е дел од некаква платформа кога државата е кандидат за членка и има направено еден получекор кон отворањата на преговорите? Тоа се уште е неразјаснето? Во оваа платформа би требало да стојат мерките и роковите како и кога ќе се направат политичките чекори кон забрзување на тој поцес. Ама ајде да не ги урекнуваме сега кога се во расположение за разни комбинаторики и да почекаме што ќе стават во владината програма.
Вториот столб, според изјавите е забрзување на економскиот развој. И овде исто прашање. Со што треба да се занимава една влада, ако не со зголемување на стандардот на граѓаните? Ако се менуваат само да го трошат буџетот, тогаш се губи воопшто смислата на изборите и демократијата. Дајте без избори нека се менуваат на секои две години, ќе си го подигнат личниот стандард и ќе чекаме да се извртат сите, па после со празни кесиња и испразнета држава нема да ни треба ниту развој, ниту избори. Над Македонија (Наша, Северна) ќе завиваат само ветровите, свирејќи реквием за некои некогашни граѓани и народи.
Очекуваме и овде во новата програма на владата и она што потоа ќе следи да видиме јасни мерки со кои ќе се помогне ликвидноста на компаниите, а бирократските постапки да се намалат и упростат. Да има јасна законска рамка за растот на платите, а не политички одлуки употребувани за кампањи пред избори. Ако не се направат реформи во администрацијата и судството и не се реформира образованието овие претходниве два столба ќе бидат исто како сламки исправени на ветрот.
Третата определба од платформата била борбата против организираниот криминал и корупцијата. Да прашам само, ако може? Ова треба да се истакнува како столб од некаква платформа, владина програма или настап на медиум? Па господа, ова е опис на вашата работа за која сте добиле доверба и за која земате плата. Со што би требало да се занимаваат МВР, инспекторатите, финансиска инспекција, обвинителството? Со што друго ако не со оние што го кршат законот и земаат нешто што не им припаѓа по закон? Нема што да истакнуваат определби, туку да си ја работат својата со закон определена работа како целина од права и обврски.
Како споровозечки филозоф објаснувањата за насловот ги оставам за последниот дел. Новинарска цака за да го читате текстот до крај. Не верувам дека преговорите се заради градење на некаква платформа, туку за пеглање на разните интереси.
Министерствата се мерат според буџетот определен за нив и според афинитетите на највисоките партиски кадри. Градоначалниците кои имаат година и половина уште од мандатот се подготвуваат да станат министри. А довербата на оние што ве избрале за градоначалници, а отчетот кон нив на крајот од мандатот? Сето тоа е само ситна препрека пред предизвиците во водењето на државата. Би било добро кога некој лидер на партија би рекол дека за некое министерство нема соодветен кадар кој би го водел успешно тоа министерство и да предложи тоа министерство да го преземе друга партија затоа што таму има посоодветен кандидат. Ова јас не можам да го замислам, а вие почитувани читатели? Вториот и третиот ешалон од власта влегува ли во платформата? Секако дека влегува, ама во списокот на спогодбата за поделбата на директорските места. Ако се делат по некаков партиски клуч мора по кој знае кој пат да го поставиме прашањето – кому му одговараат вака поставените директори? На надлежниот министер или на оној кој го држи клучот за распределба на функцинерските и директорските места? Што ќе реформираат партиите во администрацијата, ако овој начин на доделување на раководни места не го сменат?
Да не ги заморувам премногу сега кога се зафатени со платформи и програми и само да поставам едно прашање до моите сограѓани. Ви требаат ли новинари кои не се критички кон власта? Билборди со реклами имате на секој чекор.
Во еден филм имаше една интересна реплика – ЗОШТО ВЕЛИШ ЉУБОВ, А МИСЛИШ НА СЕКС? Не, не мислев на нашата политичка состојба, само случајно, намерно ми се наметна ваквата асоцијација.