ТОНИ ПОПОВСКИ
Очекувањето за ефективна работа на Комисијата за историски прашања е дел од пакетот „5 +1“, а притоа сѐ уште недостасува јасен и отворено соопштен став од бугарска страна по однос на нашето очекување за опстојување на македонскиот јазик во преговарачката рамка без фусноти и дообјаснувања
Пишувам поттикнат од двете неодамнешни „надградби“ на претходните и сѐ уште формално зачувани бугарски позиции, проследени со нови специфични барања на бугарското водство кон нас. Едната, искажана од страна на Румен Радев, е линеарна поради проширувањето на корпусот на историско-идентитетски прашања со наводни предизвици во остварување на човековите права на Бугарите кај нас. Втората, искажана од страна на Кирил Петков, е дисруптивна поради иновативниот обид за лоцирање на историско-идентитетските прашања во рамниште со низа други, претежно развојни теми од несомнено заеднички интерес.
За разлика од првата „надградба“, втората беше дочекана со резерви внатре во бугарската владеачка коалиција и особено од опозицијата, но и од пошироката јавност, на што деновиве се надоврзуваат и низа критики упатени до бугарскиот премиер, а по однос на неговиот избор да ја оствари првата посета кај нас, наместо да упати покана за посета на нашиот премиер кај нив. Истовремено, кај нас, наместо пошироко да се поздрави овој гест, секојдневно се искажуваат низа предупредувања дека се работи за недобронамерен маневар, односно нова „игра во играта“.
Заедничко образложение од бугарска страна е дека и покрај евидентното усложнување на опфатот на отворени прашања, на тој начин се придонесува за приближување на позициите и евентуално деблокирање на нашиот европски пат.
Од наша страна, покрај интересот да ги започнеме преговорите, има резерви најмногу поради фактот дека историско-идентитетските прашања, кои ги отвори Бугарија и кои ги доживуваме како закана, не се ставени во втор план. Очекувањето за ефективна работа на Комисијата за историски прашања е дел од пакетот „5 +1“, а притоа сѐ уште недостасува јасен и отворено соопштен став од бугарска страна по однос на нашето очекување за опстојување на македонскиот јазик во преговарачката рамка без фусноти и дообјаснувања, како и за повлекување од „несреќното“ инсистирање на други историско-идентитетски одредници во рамката (како обид за билатерализација на рамката), кои експлицитно или имплицитно ја негираат или ја замаглуваат етнојазичната генеза на Македонците.
Историја пред економија, двете во рамниште или обратно, прашање е сега?
Во една ваква дополнително усложнета ситуација која се приближува до кулминација, сметам дека на процесот треба да му се даде шанса, најмногу поради претстојниот дијалог кој треба да го водат нови премиери во двете држави. Ковачевски и Петков се истакнати економисти во своите средини и, барем мене, ми оставаат впечаток дека доколку е само до нив, економијата би ја ставиле пред историјата. Но, за жал, и покрај нивното големо влијание, во парламентарни демократии не е сѐ само до премиерите.
За историско-идентитетските прашања е многу пишувано и кај нас и во Бугарија. Позициите на двете страни, иако во моментов се доживуваат како спротивставени, барем во голема мера се разјаснети. Впечаток е дека доколку дневната политика со моќни фактори кои печалат на демофилија, се повлече од влијание врз Комисијата за историски прашања, би било можно да се пронајде квалитетен пресек на историски настани и личности кои ќе нѐ приближат наместо да нѐ отуѓуваат. На овој евентуално променет пристап во работа на деполитизирана Комисија, заснован на искрено почитување и меѓусебна доверба, полесно би се надградило и сензибилизирање на учебниците и спомен-обележјата на двете страни. Најверојатно, тоа е и единствениот начин да се дојде до некаков мерлив резултат кој ќе ги задоволи и двете јавности. Притоа треба да се внимава на чувствителноста на овие прашања и потенцијалот преку недоволно добро обмислени решенија да се влошат односите. Европските искуства укажуваат дека за одржливи решенија е неопходно одвојување на доволно време. Ако се следат овие позитивни искуства, неосновано е оперативниот почеток на преговорите, па и самите преговори, да се врзуваат со конкретни резултати на Комисијата, ниту пак тоа е специфицирано на тој начин во Договорот за пријателство.
Човековите слободи и права, нова закана или можност да се унапредат односите?
Аспектите поврзани со остварувањето на човековите права и слободи поврзани со етничкото себеопределување и неговото изразување, превенцијата од дискриминација по тој основ и овозможување слобода на здружување, по својата природа налагаат да бидат разгледани и адресирани во двете држави.
Несомнено, етничката себеопределба е првенствено личен, односно интимен избор и право и слобода кои мора да ги заштитиме во двете држави, доколку се придржуваме до европските стандарди и практики. Но во нашиве односи има карактеристичен феномен за кој треба да се разговара и покрај тоа што претставува своевидна „табу“ тема за нас, но и за нив. Се работи за потребата двете страни безрезервно и добронамерно да ја согледаат и прифатат фактичката состојба на постоење на двоен етнички идентитет кај многу Македонци во Бугарија (покрај конвенционалното двојство на етничкото и националното подразбрано како припадност на државата и пошироката нација, и предизвиците за определување кај децата од мешани бракови), наспроти единствениот и цврст етнички идентитет на мнозинството Македонци во нашата Република. Следствено и потребата да се покаже висок и цивилизиран степен на толеранција за Македонците со двоен етнички идентитет (истовремено етнички Македонци и Бугари) и етничките Бугари кои се наши државјани, како и за Македонците со еден етнички идентитет кои се државјани на Бугарија, штитејќи ги нивните права и слободи. За нештата да бидат усложнети наместо да бидат поедноставени, во моментов се разменуваат меѓусебни обвиненија за систематска дебугаризација односно македонизација на населението кај нас и бугаризација односно демакедонизација на ова население кај соседот. Овие обвинувања се крајно непродуктивни, некритички и тенденциозно се загледани во минатото и целосно ја игнорираат сегашноста, но и иднината, а притоа драматично ги поткопуваат односите и нѐ водат во ќорсокак.
– повеќе од авторот: Божиќно писмо до разумните од двете страни
За формирањето на македонскиот етнички идентитет најпресудно значење има името на територијата односно географскиот регион во кој живее ова население, а кој е распределен во три држави, заедно со севкупното културно-историско наследство на регионот како целина. На идентификувањето со името на територијата се надоврзуваат јазично-културолошките одредници.
Македонскиот јазик нѐ разликува од Грците, а нѐ поврзува со Бугарите, но и со Србите и другите народи чии јазици припаѓаат на групата на јужнословенски јазици. Болен и крајно штетен парадокс е што јазикот, кој суштински поврзува, наеднаш станува првата и најсуштинска пречка во нашите односи.
Феноменологијата на „македонското“ во двете држави, ја зголемува чувствителноста на аспектот на човековите права и слободи и поради севкупната сложеност, најдобро е да се артикулира согласно европските стандарди и меѓународното право од областа. Секако предвид треба да се земат и уставните решенија, кои се разликуваат во двете држави. Притоа, факт е дека нашиот Устав е „полиберален“ и соодветен на мултикултурниот карактер на нашето општество, што не треба да исклучи можност за правење на еден или повеќе гестови на добра волја од страна на Бугарија кон Македонците кои се нивни државјани и кои чувствуваат само еден етнички идентитет покрај припадноста на бугарската држава и нација, секако доколку заедно целиме кон изнаоѓање на целосно продуктивни и одржливи решенија.
Ние ги имаме разработено нашите уставни решенија во низа специјални закони и имаме воспоставено безмалку целосна институционална рамка за заштита на човековите права и слободи, која соодветствува на европските стандарди. Овој систем е предмет на континуиран мониторинг и давање на детална оценка во Извештаите на Европската Комисија, а по однос на слободите и правата поврзани со етничкото себеопределување и здружување како и дискриминацијата, барем засега, немаме добиено забелешки. За разлика од нас, Бугарија има документирани предизвици на ова поле, но нивното адресирање пред сето останато, е внатрешна работа и обврска на Бугарија, како што заштитата и унапредувањето на овие права и слободи кај нас е наша работа и обврска.
Имајќи ги предвид сите овие понови случувања, како и сите старо-нови, но исклучително сложени аспекти во нашите односи, на кои сосема накусо се осврнав, сметам дека ни се неопходни поедноставни и попрактични решенија насочени кон развојна соработка, а преку неа и кон иднината, наспроти дополнително усложнување на состојбите и загледаност во минатото.