Зошто сметаме дека политичар може да биде секој што е партиски активен или јавно застапува партиски идеи? Дали секоја позиција треба да биде достапна за секој што застапува партиски ставови? Со влегувањето на еден интелектуалец во партиските органи и застапување партиски ставови тој или таа престанува да биде она што според дефиниција треба да биде – согледувач на процесите и нивен критичар. Како ќе критикуваш погрешни политики кога политичката положба ја должиш на партиските структури? Ако не си критички свртен кон појавите тогаш со што го оправдуваш своето разбирање на поимот – интелектуалец? Две лубеници под една пазува не се носат
ВОЈО МАНЕВСКИ
Дефиниции за политичари има многу. Некои и не се за пофалба, но и политиката и политичарите се дел од организираното општество, откако тоа постои. Во овие триесет години на независност често се прашуваме какви карактеристики треба да поседуваат лицата кои ги избираме за највисоките државни функции. Со падот на довербата во институциите, излезот го бараме постојано во нови лица. Се надеваме дека тие ќе бидат подобри или според наши критериуми ќе го гледаат општиот интерес, а не партискиот или сопствениот. Забораваме дека сите тие се производ на времето и вредностите со кои сите живееме. Кога ги поддржуваме пред сѐ ги имаме предвид сопствените интереси кои најчесто ги прикажуваме како партиски или сеопшти, а се надеваме дека нашите поединечни интереси ќе бидат на врвот. Дали нашите интереси се и сеопшти не сакаме да размислуваме? Ако не ни се остваруваат нашите очекувања веднаш бараме „друго дете“. Не е тоа ништо специфично само за нашите граѓани. Историјата на човештвото е постојан судир меѓу личните, групните и општествените интереси.
И да се вратам на дилемета од насловот. Зошто сметаме дека политичар може да биде секој што е партиски активен или јавно застапува партиски идеи? Дали секоја позиција треба да биде достапна за секој што застапува партиски ставови? Со влегувањето на еден интелектуалец во партиските органи и застапување партиски ставови тој или таа престанува да биде она што според дефиниција треба да биде – согледувач на процесите и нивен критичар. Како ќе критикуваш погрешни политики кога политичката положба ја должиш на партиските структури? Ако не си критички свртен кон појавите тогаш со што го оправдуваш своето разбирање на поимот – интелектуалец? Две лубеници под една пазува не се носат.
Онака како што функционира нашиот политички систем не е необично, лица кои никогаш не се занимавале со општествена проблематика со економија или право да станат пратеници или директори. Ова често се случува со лекарите. Во секоја изборна трка имаме по неколку лекарски имиња. Како еден медицинар ќе се справува со буџетската проблематика или урбанистичките планови тоа ретко кој се прашува. Доволна е партиската поддршка. Од пратениците и не се бара многу освен да ги спроведуваат партиските политики, било да се на власт или во опозиција. Додуша за овие три децении се појавија политичари кои навистина покажаа талент и познавање на функционирањето на парламентарната демократија. Некако тие и беа најподготвени за консензуалност со противничката парламентарна страна. Од другите се очекува да притиснат на копчето да присуствуваат на комисиите и да ги избегнуваат сопствените ставови, ако не се поклопуваат со партиските. Во досегашните влади пред сѐ се бараат лица кои можат да ги водат ресорите. Да ги водат, зошто вистинската моќ за донесување важни одлуки е кај партиските претседатели и нивната околина. Ако е талент за политика ламентирањето и нивелирањето на интересите на владините коалиционери тогаш имаме доволен број на политичари. Ако е целата формулирање развојни политики и нивна операционализација од страна на министрите, тогаш не сме за пофалба. Што би рекол нашиот народ – затоа и ни е вака.
Сега сме на чисто со кандидатите за претседател на државата. Седуммина влегуваат во трката. Според уставната положба тој треба да биде застапник на интересите на сите граѓани. Според законот така треба да делуваат и сите политичари. Но ако знаеме дека министрите и пратениците се партиски кадри, а според нашето разбирање на политичкото делување, тие секогаш гледаат да ги заштитат партиските интереси. Ова е оправдано, ако се работи за остварување на партиски концепти кои пред сѐ имаат за цел напредок на државата и општеството во целост. Нашето искуство досега покажува дека тоа не е секогаш така. Приоритет сѐ најчесто интересите да се дојде или задржи власт и придобивките од неа.
Стево Пендаровски е политичар со децении. Работејќи во МВР, кабинетите на двајца поранешни претседатели, ДИК, во Собранието како пратеник и национален координатор за НАТО, имал шанса да се запознае со спецификата на реал политиката и да направи низа на контакти со странски политичари што е несомнена предност за него. Да потсетиме дека на врвот на овластувањата на претседателот е преставување на државата и водење на меѓународната политика. Некогаш и морал да прави компромиси со актуелните влади, но тој во изборите за претседател и 2014 и 2019 година влезе како претставник на еден политички концепт кој го застапуваа тие влади, иако не бил член на партија. Не сум сигурен дека е задоволен со предлозите и работата на дипломатските кадри, но во суштина тоа е политичкиот компромис со владата и партиите партиципиенти во неа. Во согласност со една од дефинициите за политика. Компромис е кога двете страни се незадоволни од решенијата. За учеството во внатрешната политика можеме да најдеме низа на оправдување или замерки. Оправдувањата се во корпусот на овластувања на претседателот, а замерките се дека сепак требаше да направи поголема дистанца од низата на партиски трговии и комбинаторики. Политиката е занает, беше правило до пред една деценија и изборот се правеше меѓу политичари. Во последните десеттина години на европска сцена се појави сфаќање дека политичари треба да бидат разни технократи или партиски апаратчици кои политиката ја разбираат како бирократски процеси на донесување на одлуки. Сега општа констатација е дека Европа има недостаток на лидери според старата дефиниција на политичари. Дали перманентната криза ќе изнедри политичари или демагози и популисти е дилемата која низ интелектуалната јавност се разгледува се поинтензивно. Врвните политичари своите најголеми дострели ги направиле во својот втор мандат, кога се ослободени од зависноста на повторниот избор. Велам, врвните политичари, а просечните и вршителите на должност само си го одработуваат мандатот. Во овие параметри треба да се согледува и вреднувањето на мандатот на Пендаровски. Мојот заклучок е дека тој е политичар.
Според анкетите проф. Силјановска е сериозен кандидат за претседател. Таа четири години беше пратеник во Собранието. Била и министер во една од владите во деведесеттите. Како професор и интелектуалец има углед кај граѓаните. Но дали таа е политичар? Ако е политичар мора да ја прашаме за политичките концепти кои ги застапува и пред сѐ за концептот за водење на меѓународна политика каде претседателот има најголеми овластувања. Според настапите во Собранието не стекнавме заклучок дека застапува самостоен или одржлив концепт на надворешна политика. Повеќе беше во склад со партиските политики. Познавањето на научните кругови не е гаранција за разбирањето на реал политиката која од претседател на држава се очекува. Нејзиниот избор како единствен кандидат на партиската конвенција сериозно ја доведува во прашање нејзината професура за демократичност и демократски политички постапки. За позицијата делегат на конвенцијата на партија во која не е член ќе мора да дефинира нови политички правила во своите научни трудови. Можеби јавноста сѐ уште не дознала дека меѓувреме станала член на партијата која ја номинира. Тогаш дилемите се селат на друго ниво поврзано со дигнитет на еден професор по политички системи. Засега проф. Силјановска е во обид да стане политичар.
Бујар Османи е еден од кандидатите. Тој е лекар, а со политика се занимава со децении. Беше министер за здравство, а во последните влади водеше сектори за евроинтеграции и надворешна политика. Како успех секако треба да му се препише позицијата на претседавач на ОБСЕ и самитот на оваа меѓународна организација во Скопје. Ако ги занемариме домашните критики за маргиналноста на оваа организација, сепак како министер ја извршуваше таа функција во склад со нејзиниот опис во дефиницијата. Да спроведува надворешна политика во што е можно повеќе контакти со претставници на други држави каде ќе ја застапува таа политика и ќе ги афирмира интересите на државата. Со политиката кон Бугарија на себе ја навлече негативноста на најголемата опозициска партија и низа десничарски мислења. Опозицијата од самиот почеток ја отфрли неговата политика како што велат, пред сѐ поради тоа што не биле вклучени во целиот процес до финалниот договор. Несомнено е дека е застапник на реал политиката на меѓународно ниво, но како истакнат партиски кадар не успеваше да ги разграничи квалитетите во поставување на дипломатски кадри. Или тоа не беше во негов домен туку партискиот шеф ги имаше предвид интересите на партиското раководство. Затоа често беше критикуван од професионалните дипломати за недоволно квалификувани кадри во ДКП. Сѐ на сѐ Бујар Османи е политичар кому националните и партиските рамки му се тесни, ама времето е такво што не може да ги исчекори.
Популарниот министер за здравство, а сега градоначалник Таравари, според мене е некако на расчекор. Со едната нога е политичар, а со другата лекар кој се обидува да биде разбирлив за пациентите. Како и сѐ кај нас кога нешто не е јасно ставено во рамки кои ги познаваме и случајот со Таравари ќе зависи од негова одлука да стане политичар или да остане лекар. Партиски активист што обавува претседателска функција во партијата или политичар од државен формат. Тој процес на станување политичар може да биде посеан со низа на стапици. Додека не му заврши тој процес ќе мора да чека нови избори за претседател на државата.
Максим Димитриевски е партиец кој се труди да постане политичар. Засега се тетерави низ идеолошките матрици и политичката прагма кој ја научил низ долгогодишната партиска активност. Колку ќе успее да се профилира зависи од него и од низа на наследени соодноси со неговите поранешни партиски пријатели. Тој дел од политиката го има совладано, но кога се работи за профилирање јасни политики кои како претседател ќе ги води, засега впечатокот е дека користи сѐ што му е оставено на располагање. И десни ставови и либерални определби. Иако кај нас идеолошката или програмска платформа е најчесто само формалност, сепак ќе мора да се определи што е во основа на неговата концепција? Социјалдемократијата или мешавина од леви идеи и популизам. Калемењето едно на друго може да биде неродна фиданка. Не се зафаќа секој калем на секоја подлога. Многу често едното од нив овене и се исуши.
Стевчо Јакимовски е политичар и тоа во два политички система, што како негова определба е повеќе од 40 години. Неговите упростени ставови некогаш се допадливи за обичниот гласач, но неговата реторика е обоена со бои од југословенско време и тогашните вредности. Неговите ставови изгледаат стамено кога се споредат со интелектуалистичките еквилибристики на неговите против кандидати. Прифатливи се за постарата генерација, но очигледна е разликата со новото време и силата на државата која сака да ја води. Македонија не е Југославија и потребни се некој нови лица и политики што ќе ја водат низ разните современи предизвици. Тој е политичар, ама не во склад со денешната реална политика.
Проф. Ванковска е можеби и во најголем склад со дилемата од насловот. Како интелектуалец често е критички настроена кон состојбите. Но таа не е политичар и работите ги гледа од интелектуалистичко ниво и логика. Како нов министер за нешто во некоја влада можеби ќе даде свој придонес, ама како некој што ќе формулира политики и ќе води држава (па макар и мала) тешко може да се замисли. Посебно кога е кандидат на партија која засега се профилира само како антиестаблишмент. Претседателот на држвата по дефиниција е естаблишмент, па дури и кога како австрискиот претседател со велосипед оди на работа.
За крај да кажам дека не се повикувам на некаква моја објективност, туку напротив на моите перцепции за кандидатите за нов претседател на Македонија. Само зад моите ставови можам да застанам.