Канадскиот премиер Марк Карни покажа дека не е импресиониран од заканите на САД. Во многу борбен говор во Давос, кој доби огромно одобрување, тој објасни што неговата земја почнува да менува. Може ли тоа да стане пример за ЕУ?

Ова дефинитивно беше најискрената анализа на моменталната светска ситуација: во својот говор на Светскиот економски форум во Давос, канадскиот премиер Марк Карни го употреби зборот „расцеп“. Според него, стариот светски поредок нема да се врати – затоа, не треба да жалиме за минатото. Носталгијата не е стратегија, рече и Карни, бидејќи, од расцепот може да се роди нешто поголемо, подобро, посилно и пофер.
Во исто време, канадскиот премиер повика на обединување на средните светски сили за да не бидат згмечени од големите сили на САД и Кина. „Затоа што ако не се на маса, ќе завршат на менито“, рече Карни, според кого заедничките инвестиции во одбраната и отпорноста се попрофитабилни отколку ако секој изгради своја тврдина“.
13 ДОГОВОРИ ЗА 6 МЕСЕЦИ На крајот на 2025 година, Канада се приклучи на иницијативата SAFE на ЕУ, која им овозможува на канадските компании за оружје полесен пристап до европскиот пазар. Во изминатите шест месеци, Канада потпиша и уште 12 договори во областа на трговијата и безбедноста со земји на четири континенти, нагласи Карни.
Кина е меѓу овие земји, истакнува ARD. Минатата недела, кинескиот лидер Си Џинпинг и Карни се согласија да отстранат голем дел од постојните билатерални трговски бариери за одредени производи. Кина ги намалува царините за канадската канола, а Канада за возврат ги намалува царините за кинеските електрични автомобили.
Канадскиот трговски експерт Жак Шор верува дека ваквите чекори се правилни. „Ја диверзифициравме нашата трговија, вклучувајќи ги и другите делови од светот – Европа, Индо-Пацификот. Мислам дека можеме да сметаме на растот на овие земји.“
НА САД ПОВЕЌЕ НЕ МОЖЕ ДА СЕ ПОТПРЕТЕ Бидејќи Канада повеќе не може да смета на својот некогаш најблизок сојузник, САД. Бидејќи Доналд Трамп наметнува сè повисоки тарифи за Канаѓаните, па дури и се заканува дека ќе ја анектира земјата, Канада сака поголема независност.
На американскиот претседател ова воопшто не му се допаѓа, истакнува ARD. Еден ден подоцна, на истото место, Трамп реагираше навредено на смелиот говор на Карни: „Канада, патем, добива многу бесплатни подароци од нас. Тие треба да бидат благодарни, но не се. Слушнав што рече нивниот премиер вчера. Канада живее благодарение на САД. Запомни го тоа, Марк, следниот пат кога ќе одржиш говор.“ Во меѓувреме, Трамп, исто така, ја повлече поканата до Канада да се приклучи на неговиот „Совет за мир“, забележува германскиот јавен медиум.
Апелот на Карни е недвосмислен: за единство и силно спротивставување на суперсилите по економски и одбранбени прашања. Овој апел е упатен првенствено до Европа, истакнува и АРД. Германските јавни медиуми забележуваат дека нема подобар сосед и сојузник од Канада – земјата е богата со суровини како Русија. Но, за разлика од Русија, Канаѓаните ги делат европските вредности.
(ARD)




