Интересни подвојувања во владината коалиција пред локалните избори! Идвата табори кај албанските политичари како да се натпреваруваат со користење на картата на национализмот

Зошто Мицкоски во Гостивар објави јавно дека го поддржува кандидатот на ВЛЕН, а во Тетово ја премолче владината коалиција? Држејќи се стриктно до говорите што му беа напишани, со рамен глас, како на предавања, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, синоќа за време на двете предизборни обраќања во Гостивар и Тетово направи една дистинкција спрема кандидатите на ВЛЕН („Вреди“) во овие два града. Во нив (како и во Струга) ВМРО-ДПМНЕ не предложи свои кандидати за градоначалници, што е прв пат во плуралната историја на Македонија.
Мицкоски во Гостивар јавно го поддржа кандидатот на ВЛЕН, Сабаедин Даути (кој беше во салата), а зборуваше и за владината коалиција. Но во Тетово ниту ја спомена владината коалиција (само нејасно зборуваше одоколу за обединување), ниту го спомена актуелниот градоначалник Билал Касами од Беса, кој е и сега кандидат, ниту пак објави поддршка за него. Јасно е дека политичката атмосфера во двата града е различна, па Мицкоски изгледа реши да не ги разгорува страстите во Тетово.
Во говорот во Гостивар Мицкоски имаше елаборација пред јавно да застане зад Даути. Тој зборуваше за семејство, за владиното семејство, и како за него треба да се бориш. Што рече Мицкоски:
„Ние сме едно владино семејство, составено од три коалициски партнери. На овие избори во Гостивар, Тетово и Струга се подготвува стапица од страна на Али Ахмети и неговиот прокси измеќар Левица. Ако веруваат овие измеќари од Левица дека се толку силни и дека нивната програма е толку добра, зошто не извадија свој кандидат во родниот град на Апасиев, Велес, или во Штип.
Семејството е нешто најважно, за семејството се бориш, семејството го сакаш, семејството го штитиш. Ова наше владино семејство има кандидат за градоначалник во Гостивар и Сабаедин (Даути) ја има мојата поддршка“.
Заедно со Даути со салата беше и министерот за здравство Азар Алиу.
Во говорот во Тетово, кој беше покус, Мицкоски не споменуваше ни владино семејство, ни семејство, ни за тоа дека за него треба да се бориш и да го штитиш. Сето тоа беше исфрлено. Ни збор за коалициските партнери. А не пак да му се даде јавна поддршка на Билал Касами. Немаше ни гости од ВЛЕН во салата каде што се одржуваше митингот. Сета програма беше коалициски спуштена на патос. Единствено имаше неколку реченици за обединување, кои можат да се сведат на овие зборови на Мицкоски: „Мора да покажеме како изгледа обединувањето. Нема напредок ако секој се бори сам за себе“.
Сабаедин Даути, кој сега работи како нотар, е позната личност во Гостивар. Бил судија и претседател на Основниот суд во Гостивар. Имал функции во МВР и безбедносните структури. Билал Касами е познат на државно ниво, но неговото досие како градоначалник на Тетово е повеќе исполнето со коруптивни скандали, отколку со признати достигнувања. Ако се додадат и инцидентите со кокетирањето со платформата за „Голема Албанија“ на Мицкоски тоа му носи многу поголем проблем отколку што претпоставува. Плус на тоа треба да се додаде планот на Касами дека сакал да гради џамија на тетовскиот плоштад.
Затоа во Тетово одлучи да премолчи дека Касами ја има неговата поддршка, за да не отуѓи не само важен дел од македонските гласачи, туку и од самите поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ.
И покрај тоа што велеше дека не сака да зборува за ДУИ и Али Ахмети, тој посвети значаен дел од говорот во Гостивар за интегративците, како тие зборувале „Христијан, па Христијан секој ден“. И дека „мислењето во меѓународната заедница за Али Ахмети и партијата што ја предводи е на дното“. Дека не сака да се „објаснува со Али кој е поголем патриот“. А, алудирајќи на Арбен Таравари споменуваше „пластелин политичари“. Генерално, атмосферата во двете сали беше камерна, со повремени аплаузи за говорите на Мицкоски полни со патриотски фрази.
зјавата на лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, дека „е потребен нов историски договор меѓу Албанците и Македонците“, повторно ја отвори темата за меѓуетничките односи и иднината на Охридската спогодба – темелот на мирот и стабилноста во земјата.
Таравари бара нов почеток
– Сметам дека Албанците и Македонците, како 90 проценти од населението во Северна Македонија… имаат потреба од нов историски договор, со кој ќе ги утврдат односите така што тие секогаш ќе бидат функционални и да не зависат од тоа кој е на власт, а кој во опозиција, изјави Таравари.
Неговата порака доаѓа во период на вжештена изборна кампања, во која меѓуетничката реторика повторно стана дел од политичката борба за власт.
Долгогодишниот новинар и политички аналитичар Ацо Кабранов, во изјава за Фронтлајн, смета дека играта со национализмот е веќе видено сценарио во македонската политика:
„Меѓуетничките односи за секои избори се тензични, а тоа секогаш го прават ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за градење на својот рејтинг. Така е и за овие избори. Мислам дека премиерот Мицкоски, со навреди и закани кон ДУИ, ја води играта со односите меѓу Македонците и Албанците за да го зголеми рејтингот на неговата партија и да обезбеди подобар резултат за коалицијата ‘Вреди’ во однос на ДУИ.“
Кабранов предупредува дека реториката на навреди и закани меѓу партиските лидери може да остави длабоки последици:
„Сведоци сме на досега невидени навреди и закани во релација Мицкоски – Ахмети. Заканите на премиерот дека ќе го пензионира Ахмети, дека се криминалци и слични изјави, предизвикуваат гнев во кампусот на ДУИ и реакција дека е албанофоб и слично. Мислам дека досега немало премиер кој толку отворено навредува и си игра со меѓуетничките односи.“
Аналитичарот додава дека улогата на коалицијата „Влен“ е да му служи на премиерот како „алиби“:
„Улогата на ‘Влен’ во ваквите односи е да му служи на Мицкоски како алиби – дека со ‘добрите Албанци’ е добар, а со ‘лошите’ како ДУИ постојано им се заканува дека ќе ги апси, пензионира итн. Разбирливо е дека за таквата реторика Мицкоски добива аплаузи од неговите следбеници националисти. Но, нема да ме изненади ако целата оваа игра заврши со ново коалицирање на ВМРО-ДПМНЕ со ДУИ во евентуални предвремени парламентарни избори напролет следната година.“
Од друга страна, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на митингот во Долнени потсети дека Охридската рамковна спогодба е темел на мултиетничкиот соживот и предупреди на опасностите од националистичката реторика.
– Често ги слушам македонските политичари како зборуваат за национализам. Јас велам, треба да бидеме заедно – Албанци, Турци, Бошњаци, Роми – за да ја зачуваме Охридската спогодба, да ги чуваме институциите што нè обединуваат и да ги заштитиме правата на секоја заедница, рече Ахмети.
Тој порача дека секој напад врз овој договор е удар врз иднината на државата: „Охридската спогодба ја одведе Македонија во НАТО и ја постави на патот кон ЕУ. Оној што го напаѓа овој договор, не ја сака ниту државата, ниту мирот.“
Иако идејата на Таравари за нов историски договор меѓу Македонците и Албанците се претставува како повик за еднаков и стабилен соживот, реакциите на останатите политички актери откриваат дека меѓуетничките теми и понатаму се користат како алатка за собирање политички поени.