АЦО ЛУКАРЕСКИ
Јавните набавки и економската контрола се веројатно еден од двата негови најголеми мотиви за да ја оддалечува Македонија од ЕУ. Многу владини тендери и тендери на јавни претпријатија ги добиваат фирми со само еден или двајца вработени, или фирми коишто се регистрирани само неколку дена пред распишување на тендер
Ако ги тргнеме настрана политикантските “про-европски” изјави на Мицкоски, Муцунски, Николоски и другите членови на македонската влада и ако се фокусираме на логичкото резонирање базирано на факти, се исцртува една многу специфична политичка стратегија. Стратегија на „бегање од ЕУ”.
Конекцијата на Мицкоски со идеолошката оска Вучиќ – Обран – Путин сугерира афинитет кон моделот на „илеберална демократија“.
Додека Вучиќ му служи на Мицкоски само како модел за манипулирање со народните маси, Унгарија е пример како една земја може да биде внатре во ЕУ, а постојано да биде во конфликт со Брисел. Логиката на Орбан е: „Сакаме европски пари, но не сакаме европски правила“.
Путинизмот, пак, како политичко дејствување, се потпира на силен национализам и скептицизам кон мултилатерални институции во Европа.
Зошто на Мицкоски му е потребна ‘еврофобија’ во Македонија?
Јавните набавки и економската контрола се веројатно еден од двата негови најголеми мотиви за да ја оддалечува Македонија од ЕУ.
Многу владини тендери и тендери на јавни претпријатија ги добиваат фирми со само еден или двајца вработени, или фирми коишто се регистрирани само неколку дена пред распишување на тендер. Мислам дека имаше дури и еден тендер на којшто победила фирма регистрирана по распишување на тендерот.
Да ги споменам овде и тендерите на коишто едни исти фирми победуваа на по неколку десетици тендери, распишани за сосем различни дејности и услуги.
Зошто ЕУ е „пречка“ тука?
Влезот во ЕУ и самото отворање на поглавјата носат строг мониторинг од европските тела (OLAF) и зголемена транспарентност. За секоја власт која сака да ги контролира економските текови преку државни ресурси, престрогата европска контрола е директна закана за тој модел на владеење.
Правосудството како „тврдина“ е втората голема причина за страв од Европа.
Именувањето на блиски луѓе во судството и Уставниот суд е најсилниот аргумент за зачувување на внатрешната моќ. Ако судството е под партиска контрола, тоа служи како штит од одговорност.
ЕУ интеграциите бараат суштинска департизација. Оттука, логично е да се претпостави дека постои страв од губење на таа контрола.
Тактиката којашто се применува, барајќи од ЕУ работи за кои се знае дека не можат да се исполнат (како промена на преговарачката рамка) е позната во политичката наука како „стратегија на заглавување“.
На домашен терен се користи реторика, да не кажам ‘се продаваат пуфки’, дека барањата до ЕУ се заради заштита на идентитетот и јазикот.
Во недостаток на реформи (економски, судски и др.), лекот се бара во поттикнување омраза кон опозицијата, а на моменти и омраза кон „татарската Бугарија” и „нечесната Европа”.
Логика за вакво нешто нема, но за своите „навивачи” во Македонија логика и не е потребна.
И да завршам со уште едно „политичко маневрирање”.
Во недостаток на грантови од ЕУ, заради отсуство на реформи, Владата е принудена да бара алтернативни извори на пари. Такви се примерите со „Унгарски кредит”, „Стратешкото партнерство со Обединетото Кралство” и домашните задолжувања.
Многумина потенцираат дека последиците од таквата политика ќе ја почувствуваат идните генерации, но јас сум сигурен дека најголемите последици ќе ги имаат всушност сегашните генерации.
Последиците веќе ги чувствуваме.
(текстот е објавен на неговиот ФБ профил)




