Бројките покажуваат дека може да освоиш и 55 илјади гласа, но ако ти се подеднакво распределени во 6 изборни единици, нема да освоиш ниту едно пратеничко место! Тоа не е праведен изборен систем!
ЖАРКО ТРАЈАНОВСКИ
На парламентарните избори во 2016 гласаа речиси милион и 200 илјади избирачи, а тоа кога ќе се подели на 120 се добива бројката од околу 10 илјади гласови за пратеник (кога бројките би биле идеално распределени). Ама не се.
Три политички субјекти освоија над 10 илјади гласа и не се претставени во собранието, поради сегашниот изборен модел со 6 изборни единици.
Еве накусо како изгледаше распределбата на мандати во 2016, а како би изгледала со една изборна единица.
Што може да се заклучи од табелата?
На прв поглед, најголеми добитници од сегашниот изборниот модел се ВМРО-ДПМНЕ (3 пратеника), СДСМ (2 пратеника), ДУИ (1 пратеник), а најголеми губитници се ВМРО за Македонија (2 пратеника), Левица (1 пратеник), Коалиција за промени и правда (1 пратеник), ДПА (1 пратеник), Беса (1 пратеник).
Значи, 5 „помали риби“ биле буквално изедени од 3 поголеми риби.
Зошто не го бива сегашниот модел со 6 изборни единици?
Многу е јасно зошто не го бива.
Бројките покажуваат дека може да освоиш и 55 илјади гласа, но ако ти се подеднакво распределени во 6 изборни единици, нема да освоиш ниту едно пратеничко место!
Тоа не е праведен изборен систем!
Овој систем е неправеден и затоа што дополнително ги наградува „големите политички риби“ со коалициони партнери, кои воопшто не би коалицирале со нив ако има само една изборна единица.
Овој систем е неправеден затоа што го стеснува политичкиот избор и обесхрабрува формирање на нови политички партии.
Овој систем е неправеден затоа што обесхрабрува независни кандидати, кои сигурни би влегле во парламентот ако обезбедат достижни 10 илјади гласови.
Ете, затоа сум за промена на постојниот изборниот модел кој произведува политичка неправда и апатија!