ЖАРКО ТРАЈАНОВСКИ
Сега, по протерувањето на рускиот шпион од Македонија, ВМРО-ДПМНЕ е ставена на уште еден политички испит: Дали да се солидаризира со прозападните „сестрински“ партии од ЕПП (кои дадоа целосна поддршка на Велика Британија по нападот во Сализбери) или отворено да заигра на проруска, анти-НАТО „сесловенска“ карта?
Руската пропаганда во Македонија политички се засили со ребрендирањето на една партија во „Единствена Македонија“ (како клон на Путиновата „Единствена Русија“), која идејно се надоврза на „Граѓанската иницијатива за Единствена Македонија“, чиј насилен упад во собранието беше поддржан од страна на Русија. Иако клонот на путиновата партија „Единствена Русија“ се нарекува „Единствена Македонија“, оваа проруска партија веднаш покажа дека не е за „единствена Македонија“.
Гласноговорникот на проруската партија Стефан Влахов Мицов, во присуство на руските идеолози Дугин и Савин, неодамна истакна дека „едно малцинство од 13,6 отсто прави што сака во Македонија“. Ваквото негирање на бројноста на Албанците во Република Македонија – кога бројот на првоодделенци кои учат на мајчин албански јазик е над 30% – не е ништо друго туку обид за провоцирање на меѓуетнички конфликт во Република Македонија.
Исто така, гласноговорникот на „единствена Македонија“ Влахов Мицов на едно ТВ гостување навредливо изјави дека Албанците ќе имале две можности: „или ќе почнат да го учат рускиот јазик или да се научат да пливаат“. Ако на овие хушкачки изјави се придодадат антиалбанските „племенски“ провокации на прорускиот „новинар“ Миленко Неделковски (кој деновиве од Крим повикува на протести против протерувањето на еден руски дипломат од Македонија), сликата станува уште појасна. Јасно е дека проруските гласноговорници во Македонија создаваат атмосфера, па и директно поттикнуваат на меѓуетнички конфликт, а таков конфликт не и носи ништо добро на единствена Македонија. Некои од нив ја гледаат Македонија како терен за воен конфликт меѓу НАТО и Русија. На пример, гласноговорникот на руската идеја Миленко Неделковски кој лажно се претставува како „антифашист“ во една своја „анализа“ ќе напише: „Она што на фашистите што се на власт во Македонија не им е кажано е дека Македонија е избрана како место каде што ќе започне следната војна, односно светскиот конфликт помеѓу НАТО и Русија.“
Јасно е дека покрај обидите за провокација на меѓуетнички конфликт, руската пропаганда во Македонија се обидува да игра на „антифашистичка“ карта, претставувајќи го „Западот“ како фашистички. Така, во присуство на „преродбеникот“ Дугин – Стефан Влахов Мицов ќе истакне дека „САД, НАТО и ЕУ се четвртиот фашистички рајх, при што САД и НАТО се воениот рајх, а ЕУ е економскиот рајх.“ На истата трибина на македонскиот клон на „Единствена Русија“, Дугин ќе истакне дека „Западот пропаѓа“ а дека „Европската унија веќе не нуди перспектива“, дека „може да пропадне или да се трансформира“. Да потсетиме дека Дугин на едно ТВ гостување кај Миленко Неделковски експлицитно го изедначи САД со сатаната.
Исто така, проруската „новинарка“ Мирка Велиновска во колумната „Русија го менува светот“ отворено пропагира за „рускиот модел“ во Македонија против „вандалскиот нецивилизиран запад“. Велиновска е одликувана со медал од Путин заради нејзините писанија против „либералниот фашизам“, „западоидите“, „соросоидите“ и „квислинзите“. За Велиновска, „Евро-атланската западна политичко-елитистичка номенклатура е напросто вулгарно, вандалска племенска збирштина…“, а Русите гласајќи масовно за Путин „им одржаа и час по култура, цивилизираност на наперчените евро-атлански вандали“.
Сепак, највисокиот дострел на руската пропаганда во Македонија е соопштението на руската амбасада ден по терористичкото загрозување на уставниот поредок на 27 април 2017. Тогаш Русија отворено застана против новото парламентарно мнозинство, кое беше со месеци недемократски спречувано да избере претседател на собранието и на владата.
За руската амбасада, волјата на парламентарното мнозинство била „обид за насилно освојување на власта во земјата“, а на 27 април немало терористички упад, туку настанала „физичка пресметка со учество на демонстранти кои им се спротивставија на „самозванците““. Партијата на Путин, неколку месеци подоцна го прими еден од водачите на Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија” (заедно со претседателите на партиите ГРОМ и ДПС).
Колку за потсетување, на протестите за „За заедничка Македонија” (кои кулминираа со насилен упад на 27.04.2017) неколку пати се скандираше против „клетите Шиптари“ и за „чиста Македонија“, а директни учесници во протестите беа и проруските гласноговорници „новинари“ спомнати погоре.
Засилувањето на руската пропаганда во Македонија по формирањето на партијата клон на Путиновата „Заедничка Русија“ постигна кулминација со доаѓањето на идеолозите Дугин и Савин. Ден пред нивното доаѓање, на една национална телевизија гостуваа претседателот на клон-партијата „Заедничка Македонија“ и „интелектуалецот“ Тони Науновски кој јавно пропагираше воведување на вонредна состојба од страна на Иванов по 27 април. Бачев експлицитно укажа дека верува оти „Војната е неизбежна“ помеѓу САД и Русија, прашувајќи „Каде е тука Македонија?“. Неговата политичка визија е Македонија да стане сојузник на Русија, верувајќи дека Русија како нејзин сојузник ќе застане во одбрана на Македонија од НАТО. Тони Науновски со години, особено на српските портали, навива за „повторно враќање на Русија на Балканот“ и верува во посветла економска иднина на Македонија и Србија во Евроазиската унија. Идејата за нови сојузи и свртување кон Евроазија не е идеја која ја пропагираа само Науновски и Бачев, туку и дузина проруски новинари-пропагандисти кои креираат страв и паника во врска со името и идентитетот, двојазичноста, безбедноста и опстанокот на Република Македонија.
Руската пропаганда во Македонија пак се засили со неодамнешното предупредување на руското МНР за „негативните последици од плановите за вовлекување на Република Македонија во НАТО врз регионалната безбедност и за билатералните односи”. Оваа имплицитна закана, рускиот амбасадор во Македонија се обиде да ја легитимира со инсинуации дека НАТО е закана за Македонија: „Кој може да ја нападне Македонија од надвор во услови кога истата речиси од сите страни е опкружена со земјите-членки на истото НАТО односно Албанија, Бугарија, Грција, како и Косово каде се наоѓа најголемата воена база на САД во регионот „Бондстил” Како што е познато, Србија исто така има посебни партнерски односи со НАТО. Кој ѝ се заканува на Македонија? Само што вонземјани или самото НАТО?“
Интересно е прашањето како ќе влијае засилената руска пропаганда на гласачкото тело во Република Македонија. Досега, засилената руска пропаганда беше катализатор за формирање на прозападната коалиција меѓу СДСМ и ДУИ, а поттикнувач на дополнителен политички раскол во ВМРО-ДПМНЕ. Сега, по протерувањето на рускиот шпион од Македонија, ВМРО-ДПМНЕ е ставена на уште еден политички испит: Дали да се солидаризира со прозападните „сестрински“ партии од ЕПП (кои дадоа целосна поддршка на Велика Британија по нападот во Сализбери) или отворено да заигра на проруска, анти-НАТО „сесловенска“ карта?