Законот за судска служба е променет, ама не е подобрен статусот на судските службеници
РАДА ИСОВСКА МАНЕВСКА
За предвремените парламентарни избори (декември 2016), СДСМ вети дека со измени на Законот за судска служба ќе го подобри статусот на судските службеници и во својата изборна програма: „План за живот во Македонија“, стр. 232, се обврза дека тоа ќе го стори во период од шест месеци по изборот на новата Влада. Што значи, споменатото ветување требаше да се реализира најкасно до крајот на ноември 2017 година, имајќи предвид дека Владата предводена од СДСМ беше избрана на 31 мај 2017 година. Овие законските измени се направени во октомври ова година (2018) – со задоцнување од речиси една година од изборно проектираниот рок, но тие не ги исполнуваат целосно очекувањата на судската администрација, па според методологијата на „Вистиномер“, ова изборно ветување на СДСМ добива оценка „делумно исполнето“. Да напоменеме дека Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судската администрација, уште пред неколку години кога беше донесен овој Закон (2014), бараа негови корекции особено во делот на условите за вработување, платите и додатоците за плати. А, деновиве (03.12.2018), Синдикатот на УПОЗ се закани со штрајк, откако судскиот Совет најави зголемување само на додатоците за платите на судиите, со објаснување дека во новиот судски буџет не се предвидени средства за додатоци на платите на судските службеници.
Инаку, во мај годинава (2018) Министерството за правда ги најави измените на Законот, а во јуни беше подготвен Предлог – закон за изменување и дополнување на Законот за судска служба, со предлог да се донесе во скратена постапка. Владата ги разгледа предложените измени на својата 80 седница од јули годинава и утврдениот текст го достави до Собранието, кое ги усвои во октомври. Но, и покрај тоа што со донесените измени се подобрени некои делови од Законот за судска служба, Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судската администрацијa не се задоволни од нив. Нивни претставници на првата средба со министерката за правда Рената Десковска во јули побараа запирање на предложените измени на Законот и побараа да се донесе нов закон. Тие тврдат дека измените не обезбедуваат поволни одредби за унапредување на вработените во судската служба. Претставниците на Синдикатот на УПОЗ, забележуваат дека и овојпат не биле вклучени во подготовката на измените на Законот за судска служба и до министерката доставија забелешки на предложениот Закон за измена на Законот за судска служба.
Според Синдикатот, прва измена која треба да се направи во Законот за судска служба е да се утврди правото судските службеници да ги добијат додатоците на плата за посебни услови, постоење на висок ризик, доверливост и ноќна работа, како што тоа го добија судиите, јавните обвинители и јавно обвинителските службеници, Синдикатот на УПОЗ да добие член во Советот на судска служба и можност стручните соработници да бидат избирани за судии.
Засега додатокот на плата е регулиран само за судиите, обвинителите и службениците во обвинителството, но не и за другите судски службеници. Во однос на јавнообвинителските службеници Синдикатот на УПОЗ побара повторно да почне исплата на додатоците на плата и да се реши проблемот со степенот на кариера кој им следува на овие вработени.
Проблемите кулминираа деновиве кога Судскиот совет одлучуваше за доделување на додаток на плата за судиите од 35 отсто за месец ноември, но ваков додаток не е предвиден и за судските службеници, бидејќи како што беше образложено, за тоа не постои законска основа.
Според горенаведената аргументација може да се каже дека ветувањето на СДСМ дека за шест месеци од изборот на Владата „ќе го подобри статусот на судските службеници со измени на Законот за судска служба“, е само делумно исполнето, бидејќи законските измени се донесени, но со нив не се решени главните барања на судската администрација.
Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери. Опремата е на Глобус