Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ЗAВИДНА НЕЗАВИСНОСТ

September 17, 2025 Filed Under: Колумни

ОЛИВЕР АНДОНОВ

Честита и вековите да ние е независноста! Да живее слободна, суверена и независна Македонија!

Со овие зборови пред 34 години тргнавме во независност, за прв пат во својата историја, особено онаа на новиот век, Македонија стана независна држава. Се откачивме од Белград како тутор. А навистина ли се откачивме од Белград?

Во реалност не се откачивме. Посебно во однос на политичката, безбедносната и културната зависност. Затоа ние прославуваме во зависност или божем независност и по 34 години формална независност. Затоа сѐ уште сме неизградена држава. Впрочем, имавме изградена држава во 1991 година кога физички се одделивме од Белград, но ние со своето однесување, а под влијание на структурите од Белград и нашите политиканти кои денес, 34 години подоцна, јавно ја покажуваат својата приврзаност кон Белград и српскиот свет, ја урнавме изградената држава. Така влеговме во поголема зависност од Белград отколку што тоа беше за цели 45 години од 1944 година до 1991 година.

Станувајќи формално независни, денес можеме да ја видиме на дело таа формалност во разликата помеѓу Македонија и Словенија. Зошто токму споредба со Словенија? Затоа што во 1991 година според Бадинтер (во кој денес се колнат мнозина политиканти) само Македонија и Словенија ги исполнуваа условите за независност. Не само политичко-правните услови за меѓународно признавање туку и општествено-економските услови беа на страна на Македонија. Институциите функционираа исто како и во Словенија и на истиот принцип.

Но Словенците покажаа дека сакаат држава со сите нишани и активно ги решаваа проблемите со кои се соочуваа согласно условите и можностите, но со јасна цел да бидат дел од НАТО и ЕУ. Така ги решаваа и решија сите спорни прашања со Италија и Австрија, ги признаа малцинските права согласно европските вредности и копенхагенските критериуми и ги реализираа сите услови за да станат полноправен член на НАТО и ЕУ. Сега со полна сила ги користат бенефитите од тоа членство. Дури се и една од водечките држави во ЕУ. Секако дека имаат проблеми, секако дека општествено-политичките и економските прашања се динамични и зависат од многу фактори, но за нив не се драматични како за нас сите овие 34 години зависност. За нас се драматични како што Белград тоа ќе го диктира, односно колку што Белград 34 години продуцира драматичност и конфликтност на Балканот. Македонија не сака да стабилен и демократски партнер на државите од ЕУ со кои ќе се поврзе и чии искуства и совети ќе ги прифати. На нашите политиканти партнер им е Вучиќ и помалку или повеќе и Орбан, иако е црна овца во ЕУ.

Нефункционирањето на институциите на државата се гледа и на наједноставни показатели. Тоа е демократското право на свое мислење. Ете тоа е политичко-културолошката матрица на Белград, или што би рекле, на УДБ-а. Како е возможно во Словенија членка на НАТО и ЕУ свои различни ставови во однос на некои политички прашања да имаат премиерот и претседателот на државата. Тие различности јавно да ги говорат пред словенечката и светската јавност, а при тоа да нема конфликт до оспорување и политички жртви или не дај Боже општествен конфликт. Тоа е демократско однесување и секако во рамките на надлежностите на секоја од институциите.

Кај нас во Македонија, особено во ВМРО-ДПМНЕ, доколку се спротивставиш на политикантството на Мицкоски, веднаш си еретик и изопштен од партијата, маргинализиран и со јасна тенденција за исклучување од општествениот живот. Па што е тоа ако не е тоталитаристичка матрица наследена, копирана како политичка прагма и зависна од Белград и Вучиќ и тоа не само како политика, туку како модел на владеење.

И така доаѓаме до нашата македонска зависност која ние ја викаме независност.

Најпрво, како Македонци, како нација, а на прво место како македонски народ, го немаме чувството за одговорност кон самите себе, кон нашата држава. Македонија е наша држава и немаме друга. Таа е аманет на претходните генерации кои се бореле за нејзината независност (без разлика на нивното етничко потекло, тие се Македонци) и залог за идните генерации (повторно без разлика на нивното етничко потекло, бидејќи се родени во Македонија и се Македонци), а кои треба да наследат уредена и вистински независна држава.

За тоа да биде така, на прво место е личната одговорност кон општеството, кон негова изградба во сите општествени аспекти за нормален и уреден живот. Одговорност помеѓу себе, или хуманизација на општеството и одговорност кон животната средина во која живееме. Едноставно не е прифатливо Аеродром да се труе со денови од загаден воздух од Вардариште, а државата да не реагира експресно. Дури и протестите на граѓаните политикантските божем лидери се обидуваат преку ботовската партиска структура да ги компромитираат и уништат. Секако, во предизборие сме и тоа токму во предизборие за локални избори, а Вардариште е прашање за општините Аеродром и Гази Баба чии градоначалници се токму од нашата партија ВМРО-ДПМНЕ. Секако ним, на градоначалниците поважно им е да се сликаат на наместени настани и да прават празен ПР отколку нешто конкретно и корисно да сторат за граѓаните, особено за нивното здравје. И доколку некој нешто им спомене во врска со ова енормно загадување кое носи и болести и тоа конкретни кај граѓаните на Аеродром (само што кај нас одамна нема реална слика за јавното здравје) или пак се побара итна и остра реакција на институциите (каде што Меџити е министер) или обвинителството да преземе конкретни мерки, тогаш тоа е политички антипартиски чекор. Е, до кога бе така сопартијци? Кога сме на власт може сѐ, кога сме во опозиција ќе се буниме за сѐ. Тоа труењето од нашите помалку боли или не е толку труење?

Токму овој недостаток од демократија, одговорност и совесност нѐ прави да не сме независна држава. Таа демократија започнува во партиските структури. Всушност, по дефиниција, напоменувам, по дефиниција, партиите се креатори и најзадолжени за создавање на демократски амбиент за функционирање на државата и заштита на нејзините граѓани. На сите граѓани, не на поединци кои се на чело на политичките партии.

Оттука не е јасно зошто и по чија пријава, обвинителството влегува во АНБ за истражување на некаква си афера со прислушкување – следење или не знам што. Каде се инструментите на демократска контрола на работата на безбедносните служби кои намерно никогаш политикантите на власт, ниту нашите, ниту оние од СДС не ги воспоставија и го комплицираа спроведувањето на Законите? Дали обвинителството ќе постапи и во врска со фалсификатите на божем директорот на АНБ? Сепак, фалсификат е фалсификат на било кој документ со кој против правно се остварува некаква корист, а во овој случај ќе имаат поприлично работа. Ова е одлична можност за обвинителството онака независно да побара и по закон да мора да му бидат достапни сите документи, како во врска со конкретниот случај на следење, така и во врска со прашањата во врска со фалсификатите и образованието на актуелниот директор, бидејќи јавноста е заинтересирана за овие прашања и со право, а и мора да знае. Ние ги плаќаме институциите, а во тој контекст и АНБ. Дали обвинителството на крајот ќе ги објави резултатите од истрагата за наводното следење и оперативна обработка на Мицкоски и други лица и во кој контекст била таа? Дали тие факти и докази ќе предизвикаат отворање на друг обвинително-судски предмет или се ќе заврши на едноставната приказна за замајување на јавноста пред избори?

Е сега драги мој сопартијци од ВМРО-ДПМНЕ, кога сме кај замајувањето, не само на јавноста, туку уште повеќе на вас како партиски членови, а во контекст на демократијата во партијата и основата за постоењето на Внатрепартиската фракција за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ, сакам да ве информирам за некои внатрепартиски случувања за кои со сигурност не сте информирани. Едно што не сакате да читате, барем јавно достапни партиски документи, второ да анализирате случувања, постапки и изјави и трето, затоа што имате поданички ментален склоп и се туркате со останатите сопартијци за да остварите определена своја лична цел при што сопствените сопартијци ги доживувате како поголема закана од било кој. И сето тоа е така затоа што по изминатите 34 години зависност се навикнавте дека за сенешто ви требаат врски поради што институциите ги дерогиравме, а го промовиравме неквалитетот кој создаде спирала на неквалитет која нѐ однесе во амбис како држава, како македонска нација и како македонски народ.

Што се случува во партијата, а што ви поминува без да го забележите? Додека вие низ оговарачко-интригантските кулоари на партијата поттикнати од Мицкоски расправате за тоа дали на следниот партиски конгрес во декември или малку подоцна, Николоски и Муцунски ќе се кандидираат за претседатели на партијата, притоа измислувајќи разни фантазмагории за нивно делување, можам да ви кажам: Ниту Николоски, ниту Муцунски, ниту било кој друг нема да се кандидира како противкандидат на Мицкоски. Не затоа што не сакаат. Тие имаат желба и тоа огромна. Туку затоа што немаат храброст да тргнат во таква битка во која ќе ги ризикуваат своите партиски и државни позиции и ќе бидат под удар на Панче (Шија ми га Ѓура) и под следење на фалсификаторот од АНБ и секако оцрнети од партискиот агитпроп и напуштени од членството – клиентелата. Тие многу добро знаат дека со влегување во еден таков процес на отворен судир со Мицкоски за местото претседател на ВМРО-ДПМНЕ ќе можат да ги видат сите нивни гооолеми пријатели околу нив и како сите клиентелисти ќе започнат да ги избегнуваат. А бидејќи се невработливи на друго место како што вели еден мој драг пријател, поранешен министер, тие како и мнозина други клиентелисти во нашата окупирана партија не се воопшто подготвени да се борат за смена на Мицкоски поради што, всушност, се само обични конформисти кои ја користат својата шанса сега и додека можат. И секако, тоа никогаш нема да го направат, затоа што мандатот на Мицкоски никогаш нема да заврши – никогаш или барем во следните десет-петнаесет години. Како што велеше еден друг мој драг пријател и колега професор, сопартиец: „Мандатот на Мицкоски ќе престане кога ќе му здосади“.

 

Filed Under: Колумни

ПОРАНЕШЕН ЈУГО-ПАЗАР НА ТРУДОТ: УСЛОВИ, ВРАБОТЕНОСТ, ПЛАТИ….
КАЛАЈЏИЕВ ЗА ТРИЛИНГ: ВЛАСТА НЕМА ИНТЕРЕС ДА ОБЗНАНИ КОИ КОМУНИКАЦИИ СЕ СЛЕДЕНИ КАЈ МИЦКОВСКИ
ОРБАН СО КОМПЛИКУВАН ИЗБОРЕН СИСТЕМ ПРОТИВ УНГАРЦИТЕ
АЛШАР КАКО РУДНИК ОД КАДЕ СЕ ГЛЕДА СОНЦЕТО
КАКО ГИ ЛАЖАТ ЛУЃЕТО ВО СЕВЕРНА КОРЕЈА ЗА УБИЕНИТЕ ВОЈНИЦИ ВО УКРАИНА

Најново

  • ПОРАНЕШЕН ЈУГО-ПАЗАР НА ТРУДОТ: УСЛОВИ, ВРАБОТЕНОСТ, ПЛАТИ….
  • КАЛАЈЏИЕВ ЗА ТРИЛИНГ: ВЛАСТА НЕМА ИНТЕРЕС ДА ОБЗНАНИ КОИ КОМУНИКАЦИИ СЕ СЛЕДЕНИ КАЈ МИЦКОВСКИ
  • ОРБАН СО КОМПЛИКУВАН ИЗБОРЕН СИСТЕМ ПРОТИВ УНГАРЦИТЕ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet