Русија во првите денови успеа да го пополни информативниот простор со лажни вести и информативно ѓубре, но сега ситуацијата е стабилизирана
Примерите на руска пропаганда што деновиве ги анализирам покажуваат дека идеолошката машина толку великодушно финансирана од Русија сега ги има истите проблеми како и „втората армија во светот“. Дури и поголеми, истакна во интервјуто за Цивилмедиа амбасадорката на Украина во Република Северна Македонија, Наталија Задорожњук.
Русија во првите денови успеа да го пополни информативниот простор со лажни вести и информативно ѓубре, но сега ситуацијата е стабилизирана. Повеќето граѓани разбраа, сѐ повеќе македонски медиуми даваат вистинити информации. Ги гледаме, се разбира, троловите од Кремљ и други специјални сили на руската пропаганда, тие се бучни, но слаби, извикуваат некои празни слогани.
Рускиот режим со својата информативна кампања ги понижува македонските граѓани, нивната способност да анализираат, да ја гледаат вистината, тие објавуваат некои луди лажни вести, надевајќи се дека некој навистина ќе поверува во такво лудило. Мислам дека дури и жестоките поддржувачи на путинизмот веќе не им веруваат, туку ги поддржуваат по инерција. На луѓето им е тешко да ги признаат своите грешки, да признаат дека нивните идоли воопшто не се идоли, туку злосторници.
За среќа, руската пропаганда, ова информативно ѓубре ќе се намалува.
Убедена сум дека оваа брутална војна, почната од Русија во 21 век, ќе влијае на сите сфери на животот во европските земји, вклучително и на информативната сфера. Ќе има сѐ повеќе објективни, чесни информации, повеќе професионални новинари.
Во оваа насока, работата на Цивилмедиа, Контраспин, Вистиномер, Мета, Независен и многу, многу други професионални медиуми заслужува почит и поддршка.