ИВИЦА ЧЕЛИКОВИЌ
Не дека на македонските политичари не им потребно повеќе знаење околу принципите врз кои функционираат европските интеграции, и околу унапредувањето на европскте вредности и стандарди, но прашање е дали токму Софија има кредибилност да им очита таква лекција за демократија
Екатерина Захариева никако да проговори малку самокритички за периодот кога нејзината земја зад Железната завеса беше заробена и затворена држава и верен сервилен сателит на Москва, но затоа сè почесто изнесува критички гледишта за улогата на Југославија, и посебно за „потчинетата“ положба на Македонија во стегите на поранешната југословенска федерација. Таквите „историски заблуди“ на западниот сосед, сега ја мотивираат бугарската министерка за надворешни работи да им држи лекции на македонските политичари за тоа како функционира ЕУ.
Не дека на македонските политичари не им потребно повеќе знаење околу принципите врз кои функционираат европските интеграции, и околу унапредувањето на европскте вредности и стандарди, но прашање е дали токму Софија има кредибилност да им очита таква лекција за демократија, дијалог и толеранција врз кои се потпира, или би требало да се потпира ЕУ.
Можеби станува здодевно, но тешко би можело да се заобиколи фактот дека Бугарија не беше примена во полноправно членство на ЕУ поради високите резултати и успешното справување со проблемите во периодот на посткомунистичката транзиција, туку пред сè со политичка одлука и поради потребата од тампон зона меѓу ЕУ и Русија.
И по четиринаесет години членство, Бугарија е еден од најлошите ученици во европското семејство. Нејзиниот европски пат е сè уште мошне долг. Бугарија е најсиромашната и најкорумпирана земја во ЕУ и е на последно место по висина на платите, пензиите, по продуктивноста на работата и енергетската ефикасност. Освен тоа има и лоши оценки за реформите во правосудството и во делот на управување со субвенциите од европските фондови. Токму затоа, според анкетите, многумина Бугари сметаат дека нивната земја била примена во ЕУ како „членка од втор ред“.
Разочарувањата во ЕУ, која постојано со нови услови го усложнува и развлекува пристапниот процес за прием на нови членки, постојано се шират и во Македонија, како и во останите земји од Западен Балкан. Оттаму и актуелизирањето на идејата дека ЕУ не е единствената алтернатива, во услови кога земјите во региониот не успеваат да ја забрзаат демократизацијата на државниот апарат и продолжуваат да тонат на меѓународните ранг-листи и индекси на демократскиот развој во разни области.
Низа европски медиуми пишуваат за зголемувањето на влијанието на Кина во Србија во текот на пандемијата. Прифаќајќи ја помошта и испружената рака на Пекинг, Србија го критикуваше недостигот од солидарност во ЕУ, изразувајќи незадоволство од „бајката на хартија“. Веќе е констатирано дека Кина, која во последните години сè повеќе инвестира во индустријата и инфраструктурата во целиот регион, ја смета Србија за пријателски настроена база, од каде што Кинезите можат да се грижат за своите вложувања во Европа.
Регионалните и глобалните интереси на големите сили се прекршуваат во балканскиот регион, каде што ЕУ предизвикува иритираност барајќи постојано добри односи меѓу соседите и билатерално решавање на проблемите. Но се чини дека Брисел не успева да покаже соодветен и принципиелен пристап на тој план, дозволувајќи ирационални меѓудржавни спорови, како што е наметнатиот бугарско-македонски спор околу толкувањето на историјата, идентитетот и потеклото на јазиците, како и претходниот спор со Грција околу името, да продолжат да се закануваат на зацврснувањето на европската архитектура.
Тоа секако им оди во прилог на амбициите и интересите на Русија и Кина да ја спречат натамошната експанзија на ЕУ и НАТО на подрачјето на Западен Балкан. Затоа и се случуваат инвестициите на руските олигарси во соработка со владите во регионот, како и понудата на евтини кинески кредити за големи инфраструктурни пројекти. Брисел тоа го забележува и нотира главно како непосакуван развој во своето непосредно соседство, користејќи ја секоја поволна можност да повтори дека земјите од Западен Балкан се „стратешки партнер на ЕУ“.
Во документите во Брисел што деновиве им претходеа на подготовките на вонредниот ЕУ-самит, проширувањето на Унијата воопшто не беше ни споменато. Како последна точка во дводневната дискусија беа наведени: „Односите со јужното соседство на ЕУ“, како дел од заклучоците од состанокот на Европскиот совет во декември лани, во кои се споменуваат односите со Турција, Либија и поширокиот регион на Медитеранот. Западнобалканските земји ќе почекаат на некоја наредна пригода.
Во такви околности не зачудува многу дека Ектаерина Захариева се чувствува слободна да го прошири својот дипломатски маневарски простор, порачувајќи му на Скопје дека „никој не може на Бугарија да ù наложи што да прави во Унијата“, и дека ниту една држава не може да ја притисне Бугарија да попушти и да дозволи пристапни преговори на Македонија со ЕУ. Нејзината лекција е мошне едноставна и брутална – ЕУ најдобро функционира кога овозможува право на вето, а што често, за жал, се манифестира преку закани да се прифатат еднострани услови.
Во големата слика во Брисел влијанието на Захариева секако нема некакво поголемо значење, но успешно се приклонува и ги злоупотребува недоволно дефинираните и недоречени ставови околу иднината на процесот на проширување на Унијата, кој во последните години се иситни и разлеа врз мозаикот на поголеми и помали интереси меѓу најмоќните европски партнери.
Тоа што ЕУ, всушност, поради својата нерешителност и тактизирање на брановите на „заморот од проширувањето“, ги подотвора вратите за пробив на други алтернативи во регионот, за Захариева, и останатите бугарски лидери, очигледно не претставува ниту најмал повод за некаква загриженост.