Поранешниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски кој е осомничен во случајот „Адитив“ во којшто повеќе лица се товарат за криминал со трговија со адитиви за трите термоцентрали во Македонија со месеци е надвор од земјава, но за него сѐ уште не е објавена потерница на веб страницата на Министерството за внатрешни работи – пишува Слободен печат
ФРОСИНА ФАКОВА СЕРАФИНОВИЌ
Иако за поранешниот вицепремиер Артан Груби веднаш беше објавена потерница и му беше одреден притвор во отсуство, за Ковачевски не само што нема потерница, туку не се одредени ниту мерки бидејќи МВР сѐ уште не ги известило Кривичниот суд и Обвинителството дека Ковачевски е недостапен за органите на прогонот.
Ова произлегува од одговорот што го добивме од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција кое го води случајот во кој се осомничени вкупно 23 лица.
– Лицето за кое покажувате интерес од страна на МВР не беше обезбедено во моментот на извршување на наредбите за претрес на повеќе локации. Откако ќе се утврди дека лицето е недостапно и за тоа Министерството за внатрешни работи ќе го извести надлежниот суд како издавач на наредбите, Судот ќе достави известување до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кое ќе донесе одлука за понатамошно постапување – велат од Обвинителството за „Слободен печат“.
Претходно од МВР за одговор не упатија до Обвинителството.
– Во врска со Васко Ковачевски, поранешен директор на РЕК Битола, за кого прашувате дали има распишана потерница, ве упатуваме да се обратите до надлежното јавно обвинителство ( ОЈО или ОЈО за ГОКК) кое има оформено предмет за лицето да ви даде одговор на вашето прашање, дали за истиот има издадено Наредба за приведување и распишување на потерница – одговорија од МВР на нашето прашање зошто нема потерница по Ковачевски.
Според соопштението што го објави Кривичниот суд за мерките кои ги одредил за лицата во оваа истрага, за Ковачевски нема никакви мерки.
– Што се однесува до осомничениот В.К. кој, до овој момент не е лишен од слобода, ниту е спроведен или се јавил во судот, до Основниот кривичен суд Скопје, надлежниот Јавен обвинител достави предлог за определување мерки за претпазливост согласно член 146 ст.1, т.2, 3. и 6. односно одземање на патна исправа, обврска повремено да се јавува во судот и забрана за одржување и воспоставување контакти, за кои судот дополнително ќе одлучува откако истиот ќе биде обезбеден од органите на прогон. Јавноста треба да биде запознаена дека согласно законските одредби, судија на претходна постапка не може да определи построги мерки за обезбедување присуство од мерките кои ги предлага Јавниот обвинител. Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет – се вели во соопштението од соопштението од Судот.
Кривичниот суд, според нашите информации, сѐ уште не одлучувал за мерките за Ковачевски, а Обвинителството не побарало притвор за него, затоа што немало известување од МВР дека лицето не е достапно.
„Слободен печат“ испрати дополнително прашање до МВР зошто нема доставено известување до Судот и Обвинителството дека лицето е недостапно, но одговор не добивме.
За Ковачевски уште претходно се шпекулираше дека е надвор од земјава, а и самиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски по акцијата потврди дека тој подолго време не бил во земјава.
Ковачевски е осомничен за кривичното дело несовесно работење во службата, за разлика од другите, чиј опсег на кривични дела што им се ставаат на товар оди од злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, злоупотреба на службена положба и овластување и перење пари и други приноси од казниво дело.
Тој беше прв човек на РЕК Битола, а потоа на ЕСМ, две клучни институции во секторот енергетика, а премиерот Христијан Мицкоски уште како мандатар на владата најави истраги за овој сектор. Засега за овој епски криминал, како што го нарекуваше Мицкоски, има отворено само една истрага за злоупотреба со местење тендери за коишто државата е оштетена за 6,5 милиони евра. И зборот на премиерот за Ковачевски „ќе го најдеме“.
(sloboden.mk)