КАРЛ БИЛТ
Поранешниот генерален секретар Даг Хамарскјелд еднаш забележа дека оваа организација не е создадена за да ни го даде Рајот, туку да нè спаси од Пеколот. Таа нејзина задача е подеднакво важна и денес. Но, тоа бара големи промени
Годишните седници на Генералното собрание на Обединетите нации секогаш се можност да се процени состојбата на светот. Но, овој пат, во годината што ја одбележува 80-годишнината од нивното основање, собирот во Њујорк беше и можност да се обрне внимание на состојбата на самата организација.
Од која било страна да го гледате, ООН е во неволја. Иако одговорноста за руската агресија врз Украина и растечките тензии меѓу САД и Кина не може да се припише на ООН, овие процеси јасно укажуваат на фундаментален проблем. Советот за безбедност – во кој Кина, Русија и САД имаат право на вето – е во состојба на постојана конфронтација околу едно или друго прашање, што резултира со тоа што остатокот од организацијата не е во можност да постигне напредок практично на ниту еден фронт.
Да ја земеме за пример ситуацијата на Блискиот Исток, каде што ООН традиционално игра централна улога во решавањето на конфликтите и мировниот процес уште од основањето на Израел (кој настанал врз основа на резолуција на ООН). Бројни мировни мисии на ООН во регионот помогнаа во намалувањето на тензиите и направија многу на хуманитарниот фронт, со примарна цел да им помогнат на заедниците на палестинските бегалци – спасувајќи безброј животи. И иако ООН не ја постигна целта за воспоставување траен мир, таа секако спречи избувнување на некои војни или го скрати времетраењето на други.
Сепак, во поново време, ООН сè повеќе се турка настрана. Таканаречениот Квартет – ООН, САД, Европската Унија и Русија – сега е само далечно сеќавање, а бројните операции под покровителство на ООН се изложени на директни напади, првенствено од Израел. Израелската влада не само што ги доведува во прашање хуманитарните активности на UNRWA (Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци), туку сега ги блокира и активностите на целата организација секогаш кога може.
Пред нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, ООН играше клучна улога во одржувањето на релативната стабилност во Газа. Иако не беа во можност да помогнат во надминувањето на поделбите меѓу Палестинците, особено откако Хамас ја презеде власта во Газа во 2006 година, тие беа во можност да помогнат – и успеаја во тоа – обезбедувајќи барем основни услови за опстанок на речиси два милиони жители на оваа енклава. Но, сега Израел ги доведува во прашање или напаѓа буквално секој аспект од активностите на ООН на овој фронт, што не можеше да го направи без премолчена американска поддршка. Претседателот Доналд Трамп, особено, покажа дека е подготвен да се согласи буквално со сè што прави екстремистичката влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Во меѓувреме, ОН се бори да организира ефикасен одговор на ситуацијата во Јужен Судан, полупропадната држава; и во Судан, каде што разорната граѓанска војна влезе во својата трета година. Уште од отцепувањето на Катанга во 1962 година, па сè до неодамнешните мировни операции во североисточен Конго, централна Африка продолжува да ги преокупира мировниците и медијаторите на ООН.
Од едниот до другиот крај на светот, нема недостаток од кризи што бараат вклучување на ООН: од Газа и Судан до Демократска Република Конго, Хаити, Мјанмар и Авганистан, да споменеме само неколку. Но, со оглед на тоа што големите сили се фокусирани на конфронтации едни со други, а администрацијата на Трамп не само што им негира активна поддршка, туку и финансирање, перспективите за ООН изгледаат мрачни.
САД обезбедуваат 25 проценти од буџетот на ОН, но ги суспендираа исплатите. Тие традиционално учествуваат со уште поголем дел во доброволното финансирање на хуманитарните операции, но сега протокот на овие средства е прекинат. Уште полошо, Кина, вториот најголем донатор на ОН, исто така доцни со исплатите.
Како што финансиската состојба на ООН станува сè подраматична, генералниот секретар Антонио Гутереш предупредува дека поради ова, административниот апарат на организацијата ќе мора да се намали за една петтина. Расположението меѓу персоналот е лошо, како и изгледите работите да се подобрат. Во своето септемвриско обраќање пред Генералното собрание, Трамп јасно стави до знаење дека нема ништо друго освен презир кон ООН. Се чини дека ја наоѓа нејзината единствена цел во тоа некако да му помогне да ја освои Нобеловата награда за мир. Претстојниот преглед на мултилатералните обврски на САД, објавен од администрацијата на Трамп, речиси сигурно ќе донесе нови лоши вести.
Дали ООН воопшто има иднина? Потребата за нив е поголема од кога било досега, но нивната способност да постигнат нешто е очигледно минимизирана. Нема начин да преживеат без да го стеснат опсегот на нивните амбиции и капацитети; Како да се стигне таму ќе биде централно прашање во следните неколку години
Мандатот на Гутереш истекува во 2026 година, а процесот на избор на негов наследник ќе мора да вклучува дебата за тоа како да се обезбеди долгорочен опстанок на ОН. Еден природен чекор би бил да го преместат своето седиште надвор од САД, не само поради задржувањето на американските плаќања и потребата од намалување на трошоците, туку и затоа што Американците одбиваат да издаваат визи на оние кои треба да присуствуваат на состаноците на ОН, како што беше случајот со палестинското раководство оваа година.
Вистина е, ООН која повеќе нема да биде со седиште во Њујорк би била различна во многу погледи. Но, преместувањето би можело да биде и нивниот единствен начин да преживеат. Даг Хамаршелд, вториот генерален секретар на ОН, еднаш забележа дека оваа организација не е создадена за да ни го даде Рајот, туку да нè спаси од Пеколот. Таа нејзина задача е подеднакво важна денес како што отсекогаш била. Но, за работите да останат исти, сè мора да се промени.