БИЛЈАНА СЕКУЛОВСКА
За жал, досегашните објавени снимки не покажуваат експлицитна вина на Катица Јанева – кога станува збор за директна поврзаност со рекетот, туку само навестуваат- ако се поврзат подоцнежните дејствија на СЈО – со пуштањето од домашен притвор и подоцна и врачувањето на пасош на Камчев, со образложение дека неопходна алатка за неговата работа или понатамошно едуцирање
За жал, за жал. За жал, не е воопшто значајно кој навистина и преку кои посредници ја пратил снимката на италијанскиот весник „Ла Верита”, каде Боки 13 и Зоки Кичеец стапуваат на сцена во куќата на Орце Камчев, со торба, за која се претпоставува дека им е врачена полна со пари од рекет, или мито наречете го, сеедно.
За жал, нема апсолутна никаква суштинска важност за остварување на крајната цел – што менува кој е политичкиот или подземен интерес на весникот, од каква политичка провиниенција е тој, до кои политички структури, фигури и подземје е близок, колку се силни врските на оската Салвини – Орбан – Путин – Груевски – Мицковски, за да го уништат Заев, и со тоа барем краткорочно, иднината на земјава – шансите за добивање на датум за преговори со ЕУ есенва.
За жал, ниту пак се некаква утеха сомнежите за вистинските, задни намери на новинарот Ларис Гајзер, кој се потпишува зад објавените текстови кои изобилуваат со видео и аудио снимки за наводен рекет- дали сака да ја сруши само Владата на Заев, наместо како што тврди – да и помогне на Македонија да го најде својот пат, дали цели кон уништување на ЕУ и НАТО процесите. Што е тоа воопшто важно во целата приказна, доколку е вистинита, за можната поврзаност во рекет операцијата на Јанева и Боки 13 кон Орце Камчев.
Ништо од ова не го анулира проблемот и сомнежите дека гласот на обвинителката Катица Јанева може да подразбира и нејзина евентуална вмешаност во рекетот на Боки 13 за ослободување на Орце Камчев: „Ќе биде се океј”… “Јас сум премногу ангажирана затоа не ја држам (говори за обвинителката Лиле Стефанова) редовно под контрола. Инаку она без мене не може ништо”.
За жал, досегашните објавени снимки не покажуваат експлицитна вина на Катица Јанева – кога станува збор за директна поврзаност со рекетот, туку само навестуваат- ако се поврзат подоцнежните дејствија на СЈО – со пуштањето од домашен притвор и подоцна и врачувањето на пасош на Камчев, со образложение дека неопходна алатка за неговата работа или понатамошно едуцирање.
За жал, дури и самата снимка на сега веќе обвинетиот рекетар Боки 13 и неговиот помошник Зоки Кичеец во комбинација со давателот на Орце Камчев – не се цврст доказ дека парите навистина им се врачени: гледаме на маса пари и женски раце кои ги бројат, слушаме разговор кој се однесува на спецификација на парите по апоени, се споменуваат фази на испорака на милионите но во шифри, но и глас на Камчев кој ја објаснува важноста од нивото на Луј Витон чанта, во која мора само таму да бидат ставени парите, за да соодветствува со турбо фолк стилот на самиот Боки 13.
На крај, гледаме заминување на господата со таква чанта, и тоа секако е доволно да се извлечат заклучоци за криминалот, кои се логични, иако не премногу очигледни, ако сте нивен адвокат, но веројатно се доволни за некакви првични сознанија дека коцките се едноставни за склопување, ако сте нивен обвинител.
За жал, целосната слика на таа криминална операција се уште не е покажана.
За жал, постојат претпоставки дека постојат и други видео и аудио записи, затоа што нема никаква логика да бидат само неколку епизоди и само една сезона во серијалот- тие би требало да бидат очигледен доказ за тоа дека навистина се земени пари од Камчев, од страна на од Боки 13 и Кичевскиот. О, да, не се работи воопшто само за сегашните фрлени коски – сегменти од педантен редослед на слики и снимки кои играат на логичката поврзаност на дејствијата.
За жал, има и претпоставки дека постојат и непобитни докази дека Катица Јанева точно ја знаела мисијата на Боки 13 и Кичевскиот во домот на Камчев – онаа рекетарската за која се обвинети. Тоа би било рушење на нејзините тврдења дека таа користи обвинителски, вообичаени методи за понатамошна обработка на обвинетиот Камчев. Иако, за жал, Јанева во нејзиното соопштение за сопствената невиност и фрапираност од снимките, не објаснува каква е улогата на Боки 13 во реализирање на нејзините обвинителски методи против Камчев: дали Боки е назначен посредник, еден вид таен агент, уфрлен обучен шпион, или само врбуван доушник, можеби нејзин несвесен соработник кого таа го искористува и манипулира, конечно можеби тој е само лаком случаен познаник кого таа го подметнува за повисоки цели- извлекување на информации од Камчев за неговите и воедно и туѓи криминали, но нему блиски и добро познати, секако.
За жал, има многу непознаници, дупки и празен од во снимките кои произведоа обвинувања, сомнежи, невешти оправдувања.
За жал, тие ќе мора да се пополнат и заокружат со најзначајната- каде завршува торбата полна со пари, ако воопшто е полна- дури и за тоа во моментов немаме очигледни докази.
За жал, последните претпоставки се шеговити- дека Боки 13 и Кичеец имале хумана мисија, согласно благородните цели на фантомското и сомнително Меѓународно здружение на Боки: дека тие всушност дошле со полна торба пари кај Камчев, а си отишле со празна, како што ги личи и е ред, конечно. Конечно, само така треба да изгледа исправниот, нормален тек на работите со имањето и немањето во оваа земја, онаква како што ја знаеме во време на владеењето на Груевски, за жал, за да продолжи по истите текови.