Општина Струга располага со пет противпожарни возила за кои две се речиси половина век стари, две се произведени пред 30 години додека најновото им датира од 1992 година. Градоначалникот Мерко сега се вози со ауди вредно речиси 70 илјади евра а општината за обнова на возниот парк дала 110 илјади евра
ЗОРАНА ГАЏОВСКА СПАСОВСКА
Општините имаат противпожарни возила стари половина век, а градоначалниците купуваат службени возила, за кои велат, дека не биле скапи. Во изминативе три месеци, пак, само во скопската околина имало над 600 пожари, велат пожарникарите. Клучни проблеми во справувањето со пожарите се недостигот на нови возила и кадар. За жал, таков е приоритетот за добар дел од локални власти, покажуваат податоците од датабазата на Центар за граѓански комуникации.
Седум противпожарни возила во земјава се постари од половина век покажуваат податоците од дата базата на Центарот за граѓански комуникации. Во олдтајмери рекордери се Валандово и Струмица со противпожарни возила произведени во 1966 година. По нив следуваат Демир Хисар, Крива Паланка и Битола кои поседуваат противпожарни возила произведени во 1967 година. А Битола и Берово поседуваат и возила произведени 1968 година. Во земјава има 30 противпожарни единици кои можат да гасат пожар со само 220 возила чија што просечна старост изнесува 27 години од кои три четвртини се произведени минатиот век.
За споредба, локалните власти не возат автомобили постари од 24 години со исклучок на Општините Богданци и Боговиње кои се единствени што поседуваат мерцедеси произведени во 1987 година. Во просек патничките возила што ги возат локалната и централната власт се стари 12 години.
Владимир Симоновски, командант на Противпожарната Бригада на град Скопје вели дека старите противпожарни возила и недостигот на кадар се клучните проблеми со кои се справуваат.
„Колегите од другите градови имаат и поголеми проблеми од нашите во Скопје, особено затоа што се соочуваат со помал број на вработени. Ние сме 200 луѓе распоредени во четири смени и од почетокот на годинава имаме до денеска интервенирано на преку 600 пожари“, вели Симоновски.
На пример градоначалникот на Општина Струга Рамиз Мерко се вози во ново ауди А6 кое вреди 70 илјади евра. Општината се подновила и со три други автомобили за кои вкупно платила 114.000 евра. Но, за градоначалникот Мерко аудито од речиси 70 илјади евра не е луксузен автомобил.
„Воопшто не е луксузна, затоа што луксузни коли се тие што ќе поминат цена од 100 илјади евра. Ние не купивме А6 со фул опрема со три илјади кубици и ли А8 од поновите кои чинат над 120 илјади евра. Немојте така, еден обичен граѓанин денеска патува со кола од да речеме 50, 70, 100 или повеќе илјади евра“, изјави градоначалникот Мерко за Алфа ТВ.
Општината во својот возен парк располага и со седум други возила за чија набавка во изминава деценија платила речиси 200 илјади евра.
Од друга страна, пак, општина Струга располага со пет противпожарни возила за кои две се речиси половина век стари, две се произведени пред 30 години додека најновото им датира од 1992 година.
Слична е ситуацијата и во други општини. На пример со Св. Николе која при набавка на патничко возило во 2010 година потрошила речиси 80 илјади евра, но најновото противпожарно возило кое е во нивна сопственост е произведено во 2001 година. По висина на цена за едно патничко возило во оваа низа е и Општината Гостивар која поседува Ауди А6 набавен во 2014 година за 65 илјади евра но 7-те возила во противпожарната единица се дел наследени од МВР, а дел на користење им ги отстапила Дирекцијата за заштита и спасување.
Општината Велес во изминативе три години набавила седум возила меѓу кои и Фолксваген Пасат Комфорд 2.0, но пари за нови противпожарни возила не потрошила. Според податоците кои ги доставила има три противпожарни возила кои се во неисправна состојба, едно поново кое го добиле како донација и едно кое се води на Дирекцијата за заштита и спасување.
Со еден олдатајмер од речиси 50 години расплага и противпожарната единица на Град Скопје. Во својот возен парк оваа единица поседува 25 противпожарни возила од кои најновата е произведено во 2010 година.
За споредба најмногу пари за набавка на патнички возила помеѓу единиците на локална самоуправа, според базата на податоци на Центарот за граѓански комуникации, потрошил Град Скопје и тоа 472 илјади евра за купени 36 возила.
Според податоците од датабазите на Центар за граѓански комуникации од 220 пожарникарски возила 63 се донација која општините ја добиле од Здруженија на пожарникари од Британија, Шведска и Словенија како и возила кои ги преземале од МВР и Дирекција за спасување.
(Радио слободна Европа)