КАЛИНА МАЛЕСКА
Ако почнат преговори со ЕУ, стандардот може постепено да се подобрува во текот на следните дваесетина години; инаку, веројатно ќе ни бидат потребни околу 140 години. Не затоа што „не нé бива“, туку затоа што системот е толку гнил и корумпиран, што ни оние кои ги бива не можат сами да издејствуваат ништо во таков систем
Поддршката за референдумот не е поддршка за една политичка партија, зашто резултатите од него ќе бидат можност за елиминирање на самоволие на власта, без разлика која партија е на власт.
За време на средбата на Американската асоцијација за јавно здравство во Њу Орлеанс во 1879 година, било речено дека: пренатрупаните домови кои биле премали за бројот на луѓе кои живееле во нив, загадените улици и реки преполни со отпадна вода, како и ѓубрето што не се собирало предизвикале крајно нездрава урбана околина во која од загадувањето и болестите што произлегувале од загадувањето умирале илјадници луѓе годишно. Ситуацијата почнала да се менува дури откако во соодветните институции задолжени за општествен напредок, службениците поставени со политички клуч биле заменети со експерти (во: America and Its Peoples од Martin et al., стр. 502).
Ова приближно е ситуацијата во Македонија околу 140 години подоцна. И во однос на загадувањето, а особено во однос на кадрите поставувани со партиски клуч наместо луѓе (експерти) со квалитет и знаење во државната администрација. Колку животи се упропастени поради ова, колку човечки потенцијал е уништен, колку луѓе се заминати од земјава? Можеби, без интегирање во ЕУ, и кај нас ќе дојде до промени по 140 години. Но, со поддршка од земјите во кои ситуацијата е подобра, може да дојде и многу поскоро.
Последниве три месеци, меѓу другите наведени причини против договорот со Грција, имаше и некои цинични изјави дека штом почнат преговори со НАТО и ЕУ нема одеднаш сé да стане подобро и платите автоматски да станат европски. Нема потреба од вакви изјави зашто никој не го ни очекува тоа, но ако почнат преговори, стандардот може постепено да се подобрува во текот на следните дваесетина години; инаку, веројатно ќе ни бидат потребни околу 140 години. Не затоа што „не нé бива“, како што често се наведува – не се согласувам ни најмалку со ваквите констатации – туку затоа што системот е толку гнил и корумпиран, што ни оние кои ги бива не можат сами да издејствуваат ништо во таков систем.
Државата не се состои само од природни убавини, туку и од луѓето кои живеат во неа, а ако постојат изгледи луѓето да имаат подостоинствен живот, тогаш изјавите дека со поддршка на договорот Македонија губи или капитулира немаат никаква смисла. Договорот е политички, но импликациите од него не се само политички, туку може да имаат и многу поголемо конкретно влијание во секојдневниот живот и во менување на тој систем за кој можам да наведам неколку ситуации со кои сите се соочуваме.
Пред неколку години во една градинка во Скопје, родителите добиваат објаснување од вработените дека во градинката нема место за нови деца и дека ако, и покрај тоа објаснување, родителите инсистираат да го запишат своето дете во градинка, тогаш треба да потпишат изјава дека тоа го прават на своја одговорност. Ова е застрашувачка илустрација за тоа колку е гнил целиот систем. Ситуацијата можеби и би била решлива кога би можело да се идентификува кој е одговорен што има премалку градинки или премалку вработени или групи со многу повеќе деца отколку што е стандардот – дали се тоа вработените кои постапуваат според насоките на директорот/ката кога бараат таков потпис од родителите; директорот/ката кој/а постапува како што ги толкува насоките од општината; општината која не дава јасни насоки и која нема (или има?) буџет за нови градинки и вработувања; пратениците кои не донеле соодветен закон да се реши ова прашање и кои немаат (или имаат?) увид во ситуацијата на терен; или родителите кои праќаат протестно писмо кое нема никаков ефект?
Во основните училишта царува малтретирање од страна на насилни деца кое психички уништува илјадници други деца без да се санкционира на никаков начин. И тоа е системски проблем во кој ниту наставници, ниту родители, ниту директори, ниту општини имаат претстава кој што треба да преземе за да го спречи тоа. Кој може бесрамно зборува за национална гордост кога со децении се остава да опстојува понижување и уништување на детската психа?
Има илјадници вакви примери каде што нема воспоставен функционален систем на одговорности – во здравството, од кое најбуквално зависат човечки животи, во сообраќајот, екологијата и во сите други сфери на нашето живеење. Да се надоврзам на друга група цинични изјави дека ЕУ и НАТО имаат многу мани – да, имаат, но секој кој престојувал таму знае со сигурност дека функционирањето на институциите е подобро.
(Окно)