Два заклучока кои можат и два заклучока кои не треба да се извлечат за македонско-бугарските односи по објавувањето на бугарската брошура „За официјалниот јазик на Република Северна Македонија“
МАРИЈА ТОДОРОВА
Мојот омилен виц за македонско-бугарските односи гласи вака:
„Очајна македонска делегација го посетила Господ и плачливо се пожалила за нивната судбина.
„Аман кажувајте што е проблемот?“ прашал Господ.
Ох, Господе Боже, зошто толку не казни? Ти направи така, сите нормални народи да потекнуваат од мајмуните; а само ние од Бугарите“.
Македонските националисти се несреќни со оваа шега (доколку ја разбираат), затоа што таа имплицитно ја поддржуваа идејата дека тие се Ausbau нација. Бугарските националисти (доколку ги разбираат импликациите) се несреќни затоа што тие сакаат македонските националисти да бидат среќни со шегата. А кога не ги разбираат импликациите, бугарските националисти се несреќни затоа што тоа е македонски виц (во кој се тврди дека тие потекнуваат од мајмуните наместо од Тракијците). Постојат два заклучока кои можат да се извлечат и два заклучока кои што не би требало да се извлечат за македонско-бугарските односи поттикнати од актуелната кармакаша со објавувањето на бугарската брошура „За официјалниот јазик на Република Северна Македонија“.
Прво, што може да се заклучи:
- Националистичката реторика е предвидлива, статична, свесно несофистицирана, свесно избегнувајќи каква било амбивалентност. Таа се заснова врз категории на апсолутна вистина, каде што фактите зборуваат сами за себе, и врз биолошкото поимање за примордијалноста на нацијата. Формирана како таква во 19-ти век, оваа реторика многу малку е променета, иако дури и во рамките на овој церемонијален дискурс постојат нијанси на интензитет, од безопасна, и без трошка хумор виктимизација, се до пакосна агресија.Оттука, не е за чудење што публикацијата од 2020 година ги повторува старите клишеа, честопати од збор до збор, со аргументација која што е искристализирана пред многу децении, како да не постои огромна научна литература за идентитетот/повеќеслојноста на идентитетите, за нациите и национализмот, особено онаа напишана од осумдесетите години на минатиот век, па се до денес. Ова е свесен пропуст, затоа што не само што оваа литература е преведена на бугарски јазик и е достапна секому, туку постои и респектабилен корпус на трудови од бугарски научници кои се во дијалог со оваа литература.
- Природно, националистичката реторика е инструментализирана и манипулирана од политичарите. Но, би било погрешно да се прифати дека нужно постоикаузална врска меѓу реториката и политиката. Политиката се води од интереси. Следејќи го курсот на бугарската политика кон Македонија, може да се заклучи дека повеќе или помалку реториката е истата, додека политиката се менува: од политика на целосна идентификација и иредентизам, преку постепена асимилација, се до прифаќање на геополитичкиот статус-кво, и до нејзино целосно сведување во сферата на културата.
А што не би требало да се извлече како заклучок:
- Оваа публикација не треба да се гледа како илустративна за бугарската наука во целина. Како што веќе беше споменато погоре, постојат бројни првокласни и теориски потковани трудови на бугарски научници (антрополози, историчари, политолози, итн.), вклучително и трудови за Македонија и македонскиот идентитет. Дополнително, ниту еден од овие автори не е потписник на публикацијата (како автор или консултант), и притоа, иако оваа публикација е издадена од Бугарската академија на науки, таа не спаѓа во жанрот на службен документ за јавна политика (иако, сигурна сум дека цели да биде таква). Треба да се признае дека софистицираните трудови не се мнозинство во бугарската наука,ниту, пак се дел од мејнстрим-от, а камоли од јавниот дискурс. Но, во која човекова активност преовладува врвниот квалитет?
- Додека политичарите очигледно се обидуваат да извлечат корист од оваа реторика, треба да се биде реален и за штетата која таа може да ја направи. Сепак, бугарската влада ја призна (прва) територијата и суверенитетот на Македонија, го прифати новото име Северна Македонија и покрај можноста за двосмислено читање. Единственото што и останува на бугарската влада се дефинирање на јазикот и конфликтите околу споделената историја (каде Бугарите немаат монопол врз провокациите). Она што може да се забележи во оваа, не само голема агресивност, е обидот на еден несигурен идентитет да ги јакне своите мускули врз друг уште понесигурен идентитет. Јас не велам дека културните војни не можат да бидат опасни, како што тоа, впрочем, го демонстрираше повеќедецениската тврдоглавост и опструктивност на Грција кон Македонија, но не мислам дека во оваа фаза бугарско-македонските односи влегуваат во таква замка.
Да се вратиме на вицот, зад оваа битка за „среќата“ на националистите од двете страни на границата, мнозинството Бугари и Македонци се смеат на шегата. Оттука, поуката од приказната гласи: секоја реакција е претерана реакција.
(Марија Тодорова, професор по историја на Универзитетот Илиноис е една од најеминентните светски историчарки чија специјалност е историјата на источна Европа, Балканот и Османлиската империја со посебен фокус на национализмот. Нејзината најзначајна книга е „Замислувајќи го Балканот“, преведена на 14 јазици, вклучително и на македонски јазик)