Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ЗAMРЗНАТИОТ ИМОТ НА ВМРО-ДПМНЕ ЈА „ЗАМРЗНА“ ЛЕНЧЕ РИСТОСКА

October 21, 2025 Filed Under: Македонија

Ние имаме најниски плати во регионот, потоа – ниедна влада досега не го обезбедила минимум законски определениот буџет за функционирање на Обвинителството, а трет е фактот дека и Европската комисија во своите извештаи упатува на тоа дека мора да имаме доволно финансии за непречена работа на Обвинителството – вели обвинителката

ЛЕНЧЕ РИСТОСКА Подложена на многи видови на притисоци

ФРОСИНА ФАКОВА СЕРАФИНОВИЌ

Дали замрзнатиот имот на „Белата палата“ и останатите партиски седишта на владејачката ВМРО-ДПМНЕ се причина за анимозитетот на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кон обвинителката Ленче Ристоска?

Оваа дилема се поставува ако се земе предвид тоа што Владата ја поништи листата на кандидати за судија во Стразбур, на која беше Ристоска, но и изјавите на премиерот дека обвинителката како претставник на „Еуроџаст“ зема неколкупати повисока плата од законски предвидената.

Имотот на владејачката партија со судска одлука остана замрзнат, односно партијата не смее да го продава, но по предлог на Ристоска, може да се издава под закуп, што не беше случај и досега. Парите од евентуален закуп, сепак, треба да бидат распределени на посебна сметка и не смеат да се користат.

ПОСТОИ ЛИ АНИМОЗИТЕТ Ристоска толкува дека сето тоа заедно во контекст не е случајно, но за тоа дали Мицкоски има анимозитет кон неа, упати на одговор од него.

– Можам да кажам дека ваквите тврдења кои се изнесуваат за мене од премиерот, доведени во корелација со тоа што листата не е пратена до Стразбур, доколку се земе предвид дека и одредени провладини медиуми шират клевети и невистини за мене во јавноста, сето тоа во одреден контекст не сметам дека е случајно. Но, дали постои одреден анимозитет, тоа треба да го прашате премиерот и претседател на ВМРО – ДПМНЕ, бидејќи еве сега сме тука и за предметите што ги застапувам за ВМРО-ДПМНЕ. За имотот се водат две судски постапки, тој е замрзнат, судските постапки се во тек, конкретно ова судење почнува од почеток поради измените на Кривичниот законик. Се надевам до крајот на 2026 година ќе успееме да добиеме пресуда пред да ни застари делото – рече Ристоска.

Таа на денешното рочиште остана на предлогот партискиот имот да остане замрзнат, а побара само да им се дозволи да ги издаваат под закуп.

СУДЕЊЕ ШТО ТРАЕ 6 ГОДИНИ Останувам на наводите искажани во записникот, во кои се противам за укинување на привремените мерки за обезбедување на имотот. Предлагам замена на мерката имотот да се става под закуп, односно истата мерка да се замени со привремена мерка – забрана за располагање на средствата од закуп, со што би се задолжил сопственикот на имотот средствата од закупот да ги уплаќа на посебна сметка и да не може да располага со нив до завршување на кривичната постапка – рече Ристоска пред судот.

Случајот „Талир 2“ го води судијката Даниела Алексовска Стојановска. Тој почна од почеток откако Кривичниот совет се прогласи за ненадлежен за барањето на партијата имотот да се одмрзне, но судијката не го одмрзна имотот на партијата.

– За замрзнувањето на имотот на ВМРО – ДПМНЕ, јас, како полномошник на партијата и колегата претставник, доставивме заеднички предлог со детално образложени причини и со барање да се укинат таквите мерки, пред сè, поради тоа што има голем проток на време. Зборуваме за период од неколку години, практично не е оправдано нивното опстојување, променети се многу околности. Нашиот предлог, практично, е одбиен од судечкиот судија, иако се наведе дека се уважи еден дел и се дозволува политичката партија да го издава имотот, а средствата да ги уплаќа на друга сметка. Тоа не беше наш предлог, ние не сме предложиле такво нешто, туку, за жал, тоа беше некаква главна гимнастика од Обвинителството врз основа на споредбено искуство од друго право, а не од нашето право и судот очигледно го удоволи тоа – рече полномошникот на партијата, адвокат Ружица Николовска.

ГРУЕВСКИ ОДНОВО На повтореното судење за судскиот процес кој трае шест години во кој е замрзнат имотот на партијата ќе му се суди на поранешниот премиер Никола Груевски во отсуство. Со првичната пресуда, Груевски беше осуден на шест години затвор и конфискација на партискиот имот, но пресудата падна на Апелацискиот суд поради контроверзните измени на Кривичниот законик.

Од доаѓањето на власт, Мицкоски ги критикува овие измени за кои ги обвинува СДСМ и ДУИ, но скандалозните измени не се коригирани уште и по една ипол година владеење на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Тој секојдневно ги критикува судиите и обвинителите и најавува чистка меѓу нив по изборите. Иако Европа бара, тој не се согласува ни да имаат поголеми плати, затоа што не ги заслужувале ниту оние што ги земале.

– Во однос на платите ќе посочам неколку факти. Првиот е дека ние имаме најниски плати во регионот, потоа – ниедна влада досега не го обезбедила минимум законски определениот буџет за функционирање на Обвинителството, а трет е фактот дека и Европската комисија во своите извештаи упатува на тоа дека мора да имаме доволно финансии за непречена работа на Обвинителството. Не би се впуштила во лични интерпретации што е тоа малку, а што многу, или што е доволно. За мојата плата веќе кажав дека се неточни тврдењата на премиерот – дека земам повисока плата. Јас, како и сите обвинители, земам плата што ми е определена со закон – рече Ристоска која смета дека правосудството треба да биде независно, а не да се плаши од реперкусии на власта.

Ристоска го алармирала Советот на Европа

КОНКУРС Ристоска не конкурирала на новиот оглас за кандидат за судија на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, а за сите прекршувања на постапката го известила Советот на Европа.

– Никогаш не добивме формален одговор и одлука дека таа постапка е завршена. Со отворањето на нов оглас и отворање нова постапка без претходната да се заврши, се создава еден дуализам и тоа е спротивно, како на правната сигурност, така и на начелото на фер постапка. Тоа е само едно од прекршувањата. Би го споменала и тоа дека Владата формираше нова комисија. Претходната комисија беше составена од членови кои самите институции ги назначуваа, за разлика од новата комисија каде Владата ги именуваше директно членовите и токму истата Влада кажа дека јас не ги исполнувам условите. Токму и затоа решив да не конкурирам. За сите прекршувања во постапката и тоа дека огласот е објавен во изборен период, го известив Советот на Европа. Останува да видиме како Советот ќе ја цени новата листа која ќе биде проследена од аспект на фер и законитост на постапката која претходела на составување на оваа листа – вели Ристоска.

(sloboden.mk – oпремата е на Глобус)

Filed Under: Македонија

ПО ПРВИОТ КРУГ: ВМРО-ДПМНЕ ГО ГУБИ ГЛАСАЧКОТО ТЕЛО АМА ПАК ПОБЕДУВА
КАКО ИЗЛЕЗЕ ТРКАТА МЕЃУ ФАВОРИТИТЕ ВО АЛБАНСКИОТ БЛОК
ЕВРОИНТЕГРАЦИИ: ЦРНА ГОРА И АЛБАНИЈА ОДАТ ПОНАТАМУ
MАКЕДОНСКИТЕ ФИЛМАЏИИ ЖНЕАТ НАГРАДИ ПО СВЕТОТ
УРСУЛА ФОН ДЕР ЛАЈЕН И СОСТОЈБАТА СО МЕДИУМИТЕ НА БАЛКАНОТ НА ЛОКАЛНИТЕ ЛИДЕРИ?

Најново

  • ПО ПРВИОТ КРУГ: ВМРО-ДПМНЕ ГО ГУБИ ГЛАСАЧКОТО ТЕЛО АМА ПАК ПОБЕДУВА
  • КАКО ИЗЛЕЗЕ ТРКАТА МЕЃУ ФАВОРИТИТЕ ВО АЛБАНСКИОТ БЛОК
  • ЕВРОИНТЕГРАЦИИ: ЦРНА ГОРА И АЛБАНИЈА ОДАТ ПОНАТАМУ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet