АНА ВАСИЛЕВСКА
Речиси и ги заборавивме сите гадости и опаски на великиот новинар што ја труеше јавноста преку вестите на Сител, и еве го, во центарот на вниманието повторно. И секако, гнасно, недолично, несовесно
Легендарната реплика од „Среќна нова 49-та“ , „Земи цевку и работи!“ е идеална аналогија на примитивната изјава на Латас во интервјуто кај некој јутјубер Лазаров, која комплетно ја скандализираше јавноста. Со таква леснотија и веројатно концепт дека ќе излезе супермаскуларен, шармантен олдфешн фраер, тој за своето прво секслуално искуство раскажа дека го сторил по налог. Во Фичото имало жена на која „сите и се ределе“ па и он морал „Ми рекоа, влагај и работи, и ја шо да праам“.
За сексуалната не знам, но целата негова новинарска кариера подоцна се одвива на истиов начин. По налог, и со насилство.
Речиси и ги заборавивме сите гадости и опаски на великиот новинар што ја труеше јавноста преку вестите на Сител, и еве го, во центарот на вниманието повторно. И секако, гнасно, недолично, несовесно.
Ајде да одиме по ред.
Неговата неодговорност како човек од медиумите сме ја виделе, но овој пат без трошка разум, своите сељачки тези ги пласира кај јутјубер кој веројатно го следат илјадници млади луѓе. За ступидноста на јутјуберов не е потребно да се коментира, тој е производ на безвредносната инстант инфлуенс или селфи култура, се на се, ординарни глупости што ни ја трујат младината.
Но, „новинаров“ на кој за огромна жал, за некој дел од јавноста е некаков авторитет, се излета како напален тинејџер. Можеме да релативизираме и да спориме дали „реденката“ е чин на масовно силување, или пак не, ама едно е сигурно, тој зборува за насилни „машки игри“ на психопати што се палат на шамари. И за ова институциите треба да поведат сметка.
Чекајќи ги надлежните да го истражат или пак квалификуваат чинот за кој со гротескна насмевка раскажа Латас, Здруженијата на граѓани за заштита на човековите права излегоа со осуда. И ова беше доволен мотив, Латас наместо да се засрами, повторно глупаво да се обиде да го спинува настанот, начин на кој ги правдаше и крвничките злодела на режимот на Груевски. Да политизира, навредува, „соросоиди“, „политичка одмазда“ итн, зборови што би ги вметнувал и ако зборува за економија, општество, што и да е. Среќа не го краси некоја елоквентност и препелкајќи се да се извади, потона во жива кал.
Според него, овие организации се склони да пропагираат девијации борејќи се против родово базирано насилство (кое секој месец има по некој фаталаен исход на фемициди), или пак за прават на геј заедницата, а тој е вистински маж кој ете само „се истресол“ на некоја што истото „сама си го барала “. А тој, ете, ќе не врати на традиционалните вредности – тепање и понижување на жени.
Овој наратив на грозоморни ретроградни, па и психотични изјави мора да биде итно санкциониран. Јавната осуда е првиот чекор. Локалните тепачи како оние во „Среќна нова 49-та“, локални фрустрирани моќници, кој својата немоќ ја изразуваат со доминација врз жените и нивно омаловажување, треба да останат во минатото, а секој обид да се оживее „традицијата“ да се сосече во корен. Ако е потребно и со цевка.
Епидемијата на саморазобличување на некои „новинари“ се шири и се надевам ќе кулминира, за да се исчистат од медиумскиот простор, заборавени како бледи и штетни сцени од лоши филмови.
(НоваТв)