Дали договорот за литиум со Србија е добар за Германија? А што е со животната средина во Србија? За ова за ДВ зборува Клаудија Кемферт, економистка кој се занимава со енергија и екологија
СРЕЌКО МАТИЌ
Дали договорот за литиум со Србија е повеќе добра вест за економскиот развој во Германија или лоша вест за животната средина во Србија?
„Всушност, и двете“, вели професорката Клаудија Кемферт, економист која најмногу се занимава со енергија и заштита на животната средина.
Добро е Германија, вели таа за ДВ, да ја намали зависноста од Кина, која во моментов има монопол на целиот синџир на производство на литиум.
„Од друга страна, тоа е лошо за животната средина во Србија, бидејќи ископувањето на литиум доаѓа со еколошки опасности. Тоа со право го истакнуваат еколошките активисти. Претходно имаше мораториум, односно лиценцата (за рударство) беше повлечена. И тогаш таа одлука беше поништена. Тоа е загрижувачки“, вели Кемферт.
ГЕРМАНИЈА МОРА ДА ИМА ВЛИЈАНИЕ Договорот со Србија е проблематичен поради две причини, смета германската економистка. „Прво, затоа што не можеме да ги извезуваме сопствените еколошки проблеми. Друга причина е тоа што мора да внимаваме од кого стануваме зависни. Добро е ако сме помалку зависни од Кина. Од друга страна, во случајот со Србија, мора да се споменат и проблемите, како што е слободата на печатот. Или дека не поддржуваат санкции против Русија“, додава таа за ДВ
Можно е, смета таа
, да се обезбеди почитување на еколошките стандарди преку процесот на сертификација на рударството и производството во Србија. Но и со притисок врз српските власти.
„Германија мора да има влијание. Друго прашање е дали ќе вроди со плод. Но, тоа мора да се обиде, бидејќи Германија не може едноставно да ги извезува своите еколошки проблеми на друго место. Во спротивно, таа сама ќе мора да ископува литиум во Германија“, додава Кемферт, раководител на Одделот за енергија, транспорт и животна средина при германскиот институт за економски истражувања (DIW Берлин) и предавач на Универзитетот Леуфана во Линебург.
ПОМАЛИ ЗАЛХИ И НА ЛИТУМ ВО ГЕРМАНИЈА Таа тврди дека резервите на литиум во Германија не се толку ветувачки и дарежливи како во Србија, и додава уште една причина зошто Германија бара литиум надвор од својата земја:
„Тука имаме високи стандарди за заштита на животната средина на кои не обрнуваме внимание на друго место, но овде мораме да се држиме до нив. Тоа значи дека многу проекти воопшто не се исплатуват или е потребно долго време за да се добијат дозволи. Во светот има доволно литиум, нема недостиг и затоа фокусот е на светскиот пазар (на увоз)“.
На прашањето дали канцеларот Олаф Шолц е наивен во однос на српскиот претседател Александар Вучиќ како што беше поранешната канцеларка Ангела Меркел кон рускиот претседател Владимир Путин, нашите соговорници велат дека Германија веќе не е толку наивна.
„Треба јасно да се каже дека Србија не може да се споредува со Русија. Станува збор за добронамерно, пријателско влијание врз Србија да се придржува до еколошките цели и стандарди. На крајот на краиштата, Србија сака да влезе во Европската унија, тоа е она што сите го сакаме и мораме да го следиме тој заеднички пат“.