МИХАЈЛО ЛАХТОВ
Не е спорно дека дезинформациите се штетни и можат да имаат сериозни последици, а тоа го видовме и со моменталната здравствена криза. Но, решението во никој случај не смее да биде регулација и казни кои ќе ги скројат политичките елити и властите.
Пред само неколку години медиумската заедница, и воопшто критичката мисла во општеството, беа соочени со сериозни притисоци на цензура и самоцензура преку заканите за клевета и навреда кои доаѓаа од секаде. Речиси да не постоеше политичар или бизнисмен кој за секој напис и истражување за корупција, проневера и криминал не се закануваше и тужеше за клевета.
Политичари тужеа новинари, новинари тужеа новинари, политичари од власта тужеа политичари од опозицијата…
Во септември 2014 година, Основниот суд 2 пресуди дека лидерот на опозицијата Зоран Заев, треба да му плати 50.000 евра на тогашниот премиер Никола Груевски. Разбирлив беше стравот на многу новинари и медиуми, кои избегнуваа да истражуваат случаи на криминал и корупција, знаејќи дека евентуалната тужба може да претставува сериозна закана за нивната егзистенција.
Се разбира, ваквиот тренд не беше вообичаен само за Македонија (ние како и за многу други работи, не сме изолирани од глобалните случувања), и политичките елити во многу држави успешно ја користеа оваа алатка да прават притисок и да воспостават самоцензура, заканувајќи се, не само со огромни парични казни за медиумите и новинарите, туку дури и со затворски казни.
„Законите за клевета не смеат да бидат алатки на политичарите и тие на власт да ги замолчат критичките гласови,“ ќе каже тогашната Претставничка на ОБСЕ за слобода на изразувањето Дуња Мијатовиќ, на инсистирањето на италијанските власти да ја зголемат затворската казна за клевета од 6 на 9 години.
Меѓународните организации и активистите за слобода на изразувањето како Мијатовиќ, беа на мака како да го одбранат независното новинарство и критичката мисла од тужбите кои претставуваа опасност за опстојување на многу медиуми и новинари, но во исто време да не ја остават отворена вратата на непрофесионалните и „партизански“ медиуми и поединци кои немаа ништо заедничко со вистинското новинарство.
Вистинска и лажна борба против лажните вести
Како што се намалуваше бројот на тужби за клевета и навреда, поради зајакнување на саморегулациските алатки, а во исто време, за жал, и поради намалениот број истражувачки и квалитетни стории, така полека почна да се појавува уште еден голем непријател на „вистината“, опасноста од лажни вести.
Политичарите и бизнисмените почнаа да го менуваат стилот и на секое новинарско прашање наместо да тврдат дека е тоа клевета, почнаа да врескаат „лажни вести“.
Таквиот тренд го навести Доналд Трамп многу брзо по назначувањето за претседател на најголемата демократија во светот, не дозволувајќи му на новинарот на Си-ен-ен да постави прашање, со зборовите „Не ти давам можност да прашаш, ти си лажна вест“.
Одеднаш, борбата против лажните вести и наводната одбрана на вистината станаа приоритет за многу влади и политичари. Отсекаде почнаа да пристигнуваат повици за регулација, законски решенија, апликации и програми кои ќе ги откриваат лажните вести, а лажговците ќе ги казнуваат. Најдемократските меѓу нив веќе почнаа и да остваруваат.
На пример, Турција за само два месеци од почетокот на Ковид пандемијата уапси повеќе од 400 луѓе за наводно ширење лажни вести поврзани со коронавирусот. Според властите, осомничените ги објавувале вестите на своите профили на социјалните мрежи. Наводно, осомничените предизвикувале непотребна паника меѓу граѓаните во врска со Ковид-19.
Францускиот претседател Емануел Макрон, нѐ предупреди дека демократијата е во опасност, навестувајќи закон кој ќе ги забрани лажните вести на интернет за време на изборите во 2018 година.
„Ако сакаме да ги одбраниме либералните демократии, мора да бидеме силни и да имаме јасни правила,“ Макрон решително ја навести борбата со „лошите“ новинари.
И по којзнае кој пат досега, борбата за слобода на изразување, борбата за слободни медиуми, вистина и објективност, ја презедоа политичките елити. Впрочем, тие ја имаат улогата да нѐ заштитат, да не случајно некој нѐ наклевети и навреди или не дај боже, да нѐ прелаже.
Не е спорно дека дезинформациите се штетни и можат да имаат сериозни последици, а тоа го видовме и со моменталната здравствена криза. Но, решението во никој случај не смее да биде регулација и казни кои ќе ги скројат политичките елити и властите.
Што ќе направите доколку вашето дете го излажат на улица? Доколку неговото другарче му каже дека татко му е полицаец и дека ќе го уапси? Дали ќе размислувате на санкции и регулација или ќе го воспитувате и едуцирате сопственото дете да не верува на сѐ, да провери, да биде претпазливо, ќе му кажете дека постојат луѓе кои во животот ќе сакаат да го излажат и измамат?
Не регулација и казни, туку воспитување и едукација
Решението на светскиот „проблем број 1“ во моментов (се разбира, додека не го замени некој друг исто толку сериозен проблем) не е во регулација, закони и казни, туку во воспитување и едукација. Мораме да работиме на медиумско описменување на сите генерации, од најмалите во градинките – до пензионерите. Да ги учиме луѓето како да препознаат вистинско и професионално новинарство, да бидат скептични и критички да ги набљудуваат работите околу себе.
Затоа, решението не е ни во таканаречените сајтови за проверка на факти, кои ни нудат решенија за пет банки: „Вие само уживајте, нема потреба да го вклучувате мозокот, ние ќе ви кажеме што е вистина, а што не.“ Не ме сфаќајте погрешно, дел од нив одлично и непристрасно си ја вршат работата и можат да бидат корисна алатка, ама само алатка, а не механизам за решавање на проблемот.
Сериозни реформи на образовниот систем, воведување на концептот критичко размислување низ сите предмети и медиумско описменување од најрана возраст, се успешните модели кои ги даваат вистинските резултати во Финска, Шведска, Холандија…, а не регулирање и казнување.
Да заклучам, историјата се повторува, сценаријата се слични, само прашање е колку ние ги паметиме. Дали ќе дозволиме повторно главната борба за слобода на изразување, во наше име да ја преземат политичките елити и власта? Зашто, ако го дозволиме тоа, како и многупати досега, последиците од лекот ќе бидат пострашни отколку штетата која ќе ни ја нанесе „болеста“ наречена лажни вести.
(stopdezinformacii.mk)