Самото постоење на цензус е заостаток од времето на социјализмот (не случајно високиот праг на излезност се бара во Русија, Бугарија и Хрватска), анахроно е на најновите развојни правци на демократијата и е спротивно на стандардите на Советот на Европа
МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА
Според мое мислење референдумот на кој граѓаните на Република Македонија требаа да се изјаснат дали се ЗА членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција, или се ПРОТИВ – беше успешен!
Од формално-правен аспект, како консултативен по својата суштина, референдумот ѝ даде јасна претстава на владејачката структура за мислењето на граѓаните во однос на поставеното прашање и со тоа го отвори патот за натамошна легална процедура во рамките на законодавниот дом и другите државни структури.
Од фактички аспект, референдумот е успешен според повеќе параметри.
Доколку беше исполнет цензусот за излезност согласно националната легислатива, ќе беа потребни 450.000 (приближно) гласачи за да се смета дека на референдумското прашање е позитивно одговорено. Со тоа што 600.000 (приближно) гласачи позитивно се изјаснија на поставеното прашање, станува фактички јасна определбата на граѓаните.
Граѓаните на Република Македонија во импозантно мнозинство (видливо и лесно препознатливо) го искажаа мислењето и зазедоа позитивен став во однос на поставеното прашање.
Самото постоење на цензус е заостаток од времето на социјализмот (не случајно високиот праг на излезност се бара во Русија, Бугарија и Хрватска), анахроно е на најновите развојни правци на демократијата и е спротивно на стандардите на Советот на Европа. Граѓаните имаат право да се интересираат за политика и имаат право да не се интересираат за политика. Имаат право да имаат мислење и имаат право да немаат мислење. Имаат право да го искажат своето мислење и имаат право да не го искажат своето мислење. Во духот на демократијата е да се почитуваат овие права на начин кој не ги загрозува правата на другиот. Значи, тие кои не се интересираат за политика, кои немаат мислење за одредено нешто и/или кои не сакаат да го искажат своето мислење, не смеат да го загрозат правото на оние кои се интересираат за политика, кои имаат мислење за одредено нешто и/или кои сакаат да го искажат своето мислење.
Токму заради ова, Венецијанската комисија (при Советот на Европа) во Кодексот за добри референдумски пракси советува: „Препорачливо е да не се бара кворум за излез (праг, минимален процент), бидејќи таквиот број ги спојува гласачите кои се воздржуваат од гласање со оние кои гласаат не“. Со други зборови, определувањето праг на излезност може да биде злоупотребено (посебно кога овој праг е ставен многу високо како што е во Република Македонија).
Поставувањето на прецизен праг за излезност на референдумот (50% од запишаните гласачи во државата) претпоставува постоење на многу прецизни сознанија за бројот на жители на државата (што во Македонија не е случај) и многу сигурни записи во избирачките списоци (што во Македонија не е случај). Тоа значи дека се бара прецизен процент во ситуација кога не е позната бројката од која се вади тој процент.
Ова е фактичко изигрување на правото.
Внесувањето на дијаспората како дел од гласачкото тело е повеќекратно несоодветно.
Прво, државата нема јасна претстава за големината на дијаспората и за бројот на луѓето кои трајно или привремено не живеат во Република Македонија и посебно дали тие сакаат да имаат врска со Македонија или не!
Второ, државата нема увид во поврзаноста на раселените луѓе со матичната држава. Дали тие фактички имаат било каков однос со државата (комуникација, поседување имот, издржување членови на семејството, …) кој би им дал за право да бидат дел од одлучувањето.
Трето. Државата нема ниту средства ниту капацитети да овозможи вистинско гласање на сите оние кои ја чинат масата на гласачко тело, а не се наоѓаат во Македонија. Тоа значи дека тие се сметаат како гласачи, меѓутоа фактички не можат да го остварат правото на глас.
На пример, мојата ќерка која повремено престојува во Јапонија е дел од вкупниот број гласачи, меѓутоа немаше шанси да гласа (иако уредно се пријави) и сега некој ќе ја присвојува како да е дел од бројот на тие кои свесно бојкотираат.
Заради сето ова, тврдам дека референдумот во Македонија беше успешен. Владејачката структура доби јасна претстава за расположението на граѓаните и има основа врз која би требало да ги носи наредните решенија поврзани со договорот од Преспа.