Значајно сведиоштво за Дојче Веле на тетовчанец од кого се изнудени пари за член на семејството да се лекува во ковид центарот, каде му е дозволено да има „дежурен“ крај постелата – менување на пелените два пати дневно. Вели дека секој пациент имал придружник. Во трагедијата изгуби татко и брат.
Ибин Емшиу во трагедијата во тетовскиот ковид-центар ги загуби својот татко и брат. Решен е правдата да ја бара до крај и вели дека не го плашат ни заканите по неговиот живот.
Ми се закануваат дека ќе ме убијат, но јас сум решен да ја кажам вистината за пожарот во тетовскиот ковид-центар, раскажува за ДВ Ибин Емшиу, откако во несреќата ги загуби својот татко и брат. Тој е гневен на вработените во ковид-центарот, но и на политичарите кои, како што вели, се обидуваат да ја сокријат вистината за трагедијата. Тврди дека морал да им плаќа по 1.000 денари дневно на болничарите за да го негуваат неговиот неподвижен 28-годишен брат кој боледувал од церебрална парализа.
„Шест дена седев таму. Барав помош за нега на брат ми затоа што е неподвижен. Од болницата ми рекоа дека немаат слободен човек кој би можел да ми помогне за да му ги менувам пелените. Јас имам свои здравствени проблеми, но бев во состојба да дадам пари за да се грижат за него, и ова го прифатија. Кога дојде работата да платам, тие прифатија да помогнат. Платив за да ми помагаат два пати дневно.” Сумата која му ја побарале била 1.000 денари дневно, тврди Емшиу.
Тој живеел во Италија заедно со таткото и неподвижниот брат. Тие летово дошле во куќата во селото Синичане на годишен одмор, но се заразиле со коронавирус. Откако минале низ вистинска одисеја за воопшто да бидат примени во болница, и Ибин Емшиу морал да допатува во земјата за да се грижи за нив.
Во модуларната болница не бил единствениот кој се грижел за своите најблиски. Вели дека речиси секој пациент имал по некој близок до него и тоа деноноќно.
„Не знам точно колку луѓе бевме внатре. Тој објект беше полн со придружници, кои спиеја таму, значи бевме околу 50 луѓе заедно со пациентите. Сите пациенти имаа придружници од нивните семејства кои ги чуваа деноноќно”.
Во разговор за ДВ, Емшиу раскажува дека во недостаток на противпожарни апарати, огнот го гаселе со пластични садови за вода.
„Противпожарниот систем не мора да биде како во Европа, но да имаше барем апарат со прашина за да го изгаснеме пожарот, ни тоа го немаше. Се обидувавме да го гасиме пожарот со некои пластични садови со вода“, раскажува Емшиу. Тој се обидел да им помогне на своите најблиски, но не успеал ни да стигне до нив затоа што пожарот со молскавична брзина се ширел низ болницата. Забележал дека пожарот започнал под креветот на пациент во собата број 3, и бил придружен со црн чад кој брзо се ширел низ просториите.
Емшиу забележал дека пожарот започнал во собата број 3, а оттаму молскавично се прошил низ болницата.
„Кога влегов во собата број 3 видов дека има пожар под креветот, и почна да чади, а потоа нешто експлодираше и тоа предизвика уште поголем чад.”
Емшиу вели дека два дена пред несреќата, еден од докторите им рекол дека модуларната болница ќе се затвора, но не ја знае причината за тоа.
Во Министерството за здравство за ДВ рекоа дека до нив никогаш не стигнала информација за можно затворање на тетовскиот ковид-центар, ниту слушнале за таков план. Оваа информација не можевме да ја потврдиме ниту кај надлежните во болницата. Оттаму, до објавувањето на овој текст, не одговорија ниту на нашите прашања во врска со обвинувањата на Емшиу: дека вработените „им наплаќале“ на болните за негата која ја добивале, и дека во центарот немало никаква противпожарна заштита.
„Три лица досега ми се заканија: да не давам изјави, да внимавам затоа што ќе ме убијат!“, тврди Емшиу.
Додека трае молкот на надлежните во болницата, Емшиу тврди дека се соочува со закани по својот живот поради тоа што отворено говори за проблемите.
„Три лица досега ми се заканија: да не давам изјави, да внимавам затоа што ќе ме убијат! Јас би им кажал дека сум тука и нема да бегам никаде. Ако има такви луѓе без морал што можат да убијат невин човек кој го донел својот татко во болница за да се лечи, а го земал изгорен заради нивна грешка, јас сум тука”, вели Емшиу и додава дека, ако треба, правдата ќе ја бара и во Италија каде што живее.
„Таткото и братот што ги изгубив имаат документи и адреса во Италија, и ако треба и таму ќе бараме правда. Луѓето што ги изгубив нема да се вратат, но казни за грешките што се направени во таа болница мора да има. Ќе барам правда до крај“, вели тој.
Сведоштво пред камерите на ТВ 24 на член на семејството кој има заболување од ковид укажува дека за пациентите во Тетово повторно со дозволува придружба придружба. Неа ја даваат семејствата кои се грижат за нив поради недостиг на персонал во болницата. Тетовец со сведоштво пред камера на ТВ 24 – неговата мајка моментално е хоспитализирана од Ковид, а за неа се грижи неговата сопруга која е надворешно лице и не е вработена во болницата. „Во моментов мојата сопруга и мојата мајка се во болницата каде што сопругата се грижи за мајка ми која е болна. Тоа е така поради тоа што нема персонал, но неможе да и замериме и на нив. Сепак докторите се доктори и ни треба. Но треба да се сфати и тие некои работ дека со ова правиме само лошо“, кажа тетовецот за ТВ 24.
Надлежните молчат – координаторот на ковид болницата, д-р Гзим Нуредини не одговорил дали и во моментов за пациентите кои се хоспитализирани во болницата, се грижат нивните семејства.
Претходно уверуваа дека ковид пациентите не смеат да имаат посети од надвор или да се грижи некој за нив освен медицинскиот персонал. Бидејќи тие посети завршија по живот за две лица кој во моментот на пожарот биле присутни во модуларната болница и се грижеле за нивните блиски.
И додека се чини лекцијата од присуството на семејствата во модуларната за време на пожарот според сведочењата не е научена.