Претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски. Според него, Иванов донел одлука за аболиција без законска основа, затоа што се повикал на една одредба од законот што веќе била укината од самото Собрание. Евентуалната одлука на Уставниот суд, со која практично би се активирало помилувањето што го даде Иванов, би била директен удар врз демократијата и правната држава
Македонското Собрание со автентичното толкување на членот од 11 од законот за помилување има шанса да ги спречи обидите за воскреснување на амнестијата на екс-претседателот Ѓорге Иванов и ослободување на бившата корумпирана политичка елита. На тој начин Законодавниот дом ќе даде потврда за она што во овој случај треба да го направи Уставниот суд – да ја запре постапката за оценување на уставноста на членот 11-а од Законот за дополнување на Законот за помилување, бидејќи се става во ситуација да разгледува во суштина нешто што не постои, вели за НоваТВ, поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски. Според него, Иванов донел одлука за аболиција без законска основа, затоа што се повикал на една одредба од законот што веќе била укината од самото Собрание. Евентуалната одлука на Уставниот суд, со која практично би се активирало помилувањето што го даде Иванов, би била директен удар врз демократијата и правната држава.
„Членот 11 на кој Иванов ги засновуваше своите масовни помилувања, кои добија карактер на амнестија, не постоеше. Одлуката на Уставниот суд од март 2016 година за укинување на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување од 2009 година, не го оживеа стариот член 11 од Законот. Уставниот суд не е надлежен да врши Законодавна функција и не може да нормира прописи со враќање во сила на оние кои повеќе не се во правниот поредок. Згора на тоа одредбата со која му се дозволи на Иванов да ја поништи одлуката е еднократна и нејзината примена е исцрпена“, вели Ивановски.
ВМРО ГО УКИНА ЧЛЕНОТ 11 Владата на Никола Груевски беше против аболицијата по случајот „Глобал“ во кој беше инволвиран премиерот Зоран Заев. И затоа му предложи на Собранието да го укине членот 11, со цел да се елиминира правото на претседателот во иднина да дава аболиција на лица инволвирани во криминал. Но, во 2016 година, поради промена на околностите, се случи парадокс. Власта што ја укина аболицијата, одново пројави желба да ја врати на сила, за да може да се заштити од кривична одговорност.
„Во враќањето на нешто што не може да се врати, на нечесен начин се вклучија и Уставниот суд и Собранието на РМ, како еден тим заедно со претседателот Иванов. Уставниот суд се обиде да создаде привид дека ја оживува избришаната норма, а Собранието тоа да го санкционира на еден перфиден начин – преку калемење на нов член врз мртва подлога. На тој начин, оддалечувајќи се од правото, помилувањата станаа инструменти на политичка моќ, а не инструменти за корекција на правдата“, објасни тогаш професорот Светомир Шкариќ.
Политичка битка околу членовите 11 и 11-а
Токму околу членовите 11 и „накалемениот“ 11-а сега се води и политичката битка меѓу позицијата и опозицијата. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се уште не го добила барањето од позицијата за автентично толкување, но за нив, како, што денеска изјави координаторот на пратеничката група Никола Мицевски, останува нејасно зошто се бара толкување на член 11 кога цела екпертска јавност и Уставниот суд го коментира 11-а, со кој тогаш му се овозможи на Иванов под огромен притисок на домашната и меѓународната јавност да се пишмани и да ја повлече групната амнестија на 56 лица.
„Ние остануваме на ставот на претседателот на партијата Мицкоски за нов закон со кој ќе се забрани носител на функција да биде веќе аболицирани или амнестиран политичар, вели координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ“, вели Мицевски.
Од владејачкото мнозинство, пак велат дека не постои никаква нелогичност. Напротив, тврдат дека не може да постои член 11-а, ако го нема член 11. Автентичното толкување за член 11 од Законот за помилување што го бара СДСМ нема да се најде на седница пред 11 декември. Спикерот Талат Џафери, ќе чека да помине комисиската расправа за буџетот за 2020 година. Дополнително и процедурата за автентично толкување е посложена. Џафери го примил барањето од СДСМ и најави дека ќе го препрати до Законодавна правната комисија и до Владата. Џафери вели дека иако постојат одредени дилеми во однос на барањето и членот 11 од Законот за помилување, тој е должен барањето да го проследи во натамошна процедура. Според него, Уставниот суд, меѓу другото, треба да каже што значи неговата одлука од март 2016 година во која се наведува дека членот односно измените и дополнувањата на Законот се укинуваат.
СЕ ЧЕКА МИСЛЕЊЕ ОД ВЛАДАТА Законодавно-правната комисија (ЗКП) ќе чека мислење од Владата пред да расправа за барањето за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување, рече претседателката на Комисијата, Соња Мираковска од коалицискиот партнер во Владата, НСДП.
„Барањето за автентично толкување се однесува на членот 11 од Законот за помилување. Законодавецот треба да го даде одговорот, има одредба, нема одредба, дали тоа значи имање процедура или не. Ако го барате мојот личен став – сметам дека членот 11 не постои затоа што во 2016 година со укинувањето на законот од 2009може сите одредби да ги укине Уставниот суд, но не и да оживее одредба од законот од 2009, на која се повикува и претседателот за да даде помилување“, вели Мираковска според која, сепак, ќе мора да се почека и мислењето на Владата.
На прашањето зошто сега се актуализира ова прашање, таа вели дека „затоа што во овој момент е таква и реакцијата на Уставниот суд“.
„Во правната теорија е јасно дека таква една одредба не постои и Уставниот суд не битребало во моментот да го отвора прашањето. Таа одредба практично не постои. Штом не постои, претседателот практично направил амнестија врз основа на непостоечки закон. Додавањето на членот 11-а е врз основа на непостоечки член. Практично нема што да повлече, затоа што нема право да даде амнестија“, смета Мираковска.
Доколку ЗКП го прифати барањето треба да предложи формулација до Собранието, а доколку не го прифати, треба да достави извештај. И во двата случаја барањето за автентично толкување завршува пред пратениците.
УСТАВЕН СУД: ВРЗ НАС СЕ ВРШИ ПРИТИСОК Уставниот суд денеска обвини за обиди за омаловажување на неговиот углед и угледот на судиите, со прејудицирања на судските одлуки, со политички, а не со правни аргументи. Тоа, како што се додава, не е во интерес на напорите за изградба на владеење на правото и правната држава.
„На 27.10.2019 година, Уставниот суд на Република Северна Македонија, по поднесената иницијатива за оценка на уставноста на членот 11-а од Законот за дополнување на Законот за помилување, Судот расправаше и донесе Решение за поведување на постапка за оспорениот член од Законот. Постапката по предметот е во тек“, се наведува во соопштението.
Уставниот суд, како што посочуваат оттаму, со внимание ги следеше написите, коментарите, изјавите на претставници на одредени државни органи, дел од медиумите и поедини експерти во кои беа изнесени невистини, обиди за прејудицирање на одлуките на Уставниот суд и невистинито информирање за исходот на гласањето, но и необјективни и нестручни коментари. Судот смета дека со коментарите и прејудицирањата, се врши директен упад и притисок за нормално функционирање на Судот и неосновано се повредува угледот на Судот и честа и личноста на уставните судии.
„Темелни вредности на нашиот уставно-правен поредок, покрај другите, се владеењето на правото и поделбата на власта. За Уставниот суд е неприфатливо некој да се меша или да влијае во неговата работа и одлучувањето. Одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни и секој е должен да ги почитува Уставот и законите“, се наведува во соопштението од Уставниот суд.