Во морето манипулации и невистини кои беа пласирани во јавноста во врска со уставните измени и стапувањето на сила на Законот за употреба на јазиците, деновиве од соседството одекна „веста“ дека претседателот Ѓорѓе Иванов, наводно, бил во куќен притвор!
ОЛИВЕРА ВОЈНОВСКА
Во понеделникот (21.01.2019) српскиот дневен весник „Информер“ ја разбранува македонската јавност објавувајќи текст со наслов: „Државен удар во Македонија – Претседателот Иванов во куќен притвор: Заев глуми премиер, амбасадата на САД ја презема власта“
Ваквата (дез)информација весникот ја поткрепува единствено со изјава на новинарот Миленко Неделковски, дадена за рускиот портал eadaily.com, во која тој тврди дека „од 21 април 2017 година во Македонија, земјата во која се игнорираат сите државни институции и се гази волјата на народот, континуирано се спроведува државен удар“. Наведувајќи дека стапувањето во сила на Законот за употреба на јазиците „е противзаконско и противуставно, бидејќи не е испочитувана уставната процедура и Законот не е потпишан од страна на претседателот“, Неделковски уште кажал дека:
Треба да се земе предвид дека околу резиденцијата на претседателот Ѓорѓе Иванов се распоредени службеници на специјалните полициски одреди, кои се директно подредени на премиерот Зоран Заев. Тоа значи дека претседателот е во таен куќен притвор. Не може слободно да комуницира на телефон, бидејќи неговиот број се прислушува, приемот на посетители е ограничен и нема право да прима новинари. Ова е вид на државен удар кој трае веќе две години…
Ова е државен удар со кој управуваат американската амбасада и амбасадорот Бејли…
Силните обвинувања кои ги кажува Неделковски, а на кои „Информер“ безрезервно им верува и ги објавува како да се стопроцентна вистина без да ги провери и на друго место (во кабинетот на Претседателот, во Владата, амбасадата на САД), всушност се целосно неточни.
Најпрво, претседателот Иванов не е во куќен притвор. Тој вчера (23.01.2019) имаше средба со претседателот на Собранието на Црна Гора, Иван Брајовиќ, а пред само неколку дена, на 19 јануари (2019) упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан и до сите православни верници, по повод христијанскиот празник Богојавление – Водици.
Претходниот ден (18.01.2019 г.), Иванов имаше обраќање на новогодишниот прием за дипломатскиот кор во Република Македонија. Истиот ден од претседателскиот Кабинет соопштија и дека Иванов ги примил акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Естонија, на Суверениот Воен Ред на Св. Јован од Ерусалим, Родос и Малта, на Република Гана и на Република Уганда.
На 17 јануари шефот на државата го прими поранешниот претседател на Европската комисија и премиер на Италијанската Република, Романо Проди, кој во Македонија престојуваше по повод врачувањето на Светската награда за хуманизам за 2019 година, што му ја додели Охридската академија на хуманизмот.
На 28 декември 2018 година Иванов имаше редовно годишно обраќање пред пратениците во Собранието.
Од овие настани на интернет-страницата на Претседателот на Република Македонија се објавени и фотографии.
За тоа дека Иванов не е во куќен притвор сведочат и други бројни објави на веб-сајтот на претседателот, како на пример, онаа од 06.01.2019 година, насловена: „Бадник во домот на семејството Иванови“, која говори дека:
На Бадник, во пресрет на големиот христијански празник Божиќ, домот на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, го посетија децата од Центарот за едукација на македонски фолклор „МИТЕВИ” од Скопје…
Или, пак, веста од 01.01.2019 година која информира дека Иванов првиот ден од Новата година ги посетил припадниците на АРМ во касарната „Чеде Филиповски-Даме“ во Кичево.
Освен дезинформацијата за „куќниот притвор“, целосно непоткрепени се и тврдењата „дека околу резиденцијата на претседателот Ѓорѓе Иванов се распоредени службеници на специјалните полициски одреди кои се директно подредени на премиерот Зоран Заев“.
Да имаше такво нешто, тоа немаше да остане незабележано во македонската јавност и ќе беше објавено. Таква вест сигурно немаше да биде премолчена во медиумите кои се критички настроени кон власта. Конечно, на такво нешто не се пожалил ниту самиот Иванов, како што досега немало негова реакција дека, наводно, „не може слободно да комуницира на телефон, бидејќи неговиот број се прислушува, приемот на посетители е ограничен и нема право да прима новинари“, како што се тврди во текстот.
Неточни се и наводите од написот во „Информер“ дека:
Ова е вид на државен удар кој трае веќе две години.
Навистина, дел од македонската јавност во настаните од 27 април пред две години препозна државен удар, но не од форматот што го опишува Неделковски во текстот на „Информер“.
Крвавиот собраниски инцидент од 24 април 2017 година, фактички сведочи за обид за насилно уривање на Парламентот како највисок претставнички дом на граѓаните и носител на законодавната власт. Во овој срамен упад во Собранието беа повредени повеќе лица – меѓу кои и пратениците Зоран Заев, Радмила Шеќеринска, Дамјан Манчевски…, а најтешко беше повреден пратеникот Зијаден Села , кој беше крвнички претепан и имаше животозагрозувачки повреди.
Во овие настани Јавното обвинителство препозна насилен упад во Собранието при што е извршено и физичко насилство,а дел од учесниците – триесетина лица, се гонат за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“. За споменатиот крвав инцидент се водат и судски процеси, некои се веќе осудени со затворски казни. Некои од обвинетите, меѓу кои се и петмината пратеници инволвирани во настанот од 27 април (2017), се опфатени со Законот за амнестија и процесот на помирување, кој го иницираше премиерот Заев како „нужно зло“ за изгласување на уставните измени поврзани за Договорот од Преспа.
Важно е да се каже и дека дел од обвинетите (за кои не важи Законот за амнестија) во своите сведочења посочија вклученост на високи функционери од Агенцијата за разузнавање (која е под ингеренции на претседателот на државата), што кај јавноста остави простор за сомнеж за поврзаност на Иванов со овие случувања.
Тврдењата, пак, дека САД се мешаат во внатрешните работи на Македонија не се ништо ново. Тие се на линија на континуираните обвинувања, кои доаѓаат од страна на руското МНР. Ќе наведеме само неколку примери за тоа:
…САД и Европската Унија не се двоумеа да ја игнорираат волјата на гласачите во Македонија и не ѝ дозволија на партијата што победи на изборите од 11 декември да формира влада. ( соопштение на руското МНР– 04.08.2017)
Водечките политичари од НАТО и Европската Унија директно се вклучија во пропагадната кампања, не воздржувајќи се од мешање во внатрешните работи на земјата. И покрај фактот што две третини од граѓаните на Македонија не го поддржаа Преспанскиот договор, резултатите од референдумот веднаш беа поздравени од лидерите на ЕУ и НАТО, како и од Вашингтон. Тие се решени да го вклучат Скопје во НАТО и покрај спротивниот став на македонските граѓани. (соопштение на руското МНР – 02.10.2018)
САД и државите од ЕУ на најгруб начин се мешаат во внатрешните работи на Република Македонија, преку туркање на преименувањето на земјата во Парламентот, покрај противењето на мнозинството граѓани (соопштение на руското МНР – 18.10.2018)
Но, ваквите наводи од руска страна американскиот Стејт департмент ги оцени како неразумни и како обид за дезинформација и пропаганда:
Обвинувањата дека претставници на американската амбасада во Скопје биле вмешани во процесот на гласање се неразумни и лажни. Ја поздравуваме одлуката на македонскиот Парламент. САД веруваат дека договорот е историска можност да се промовираат стабилноста, сигурноста и просперитетот во регионот. (изјава на портпаролот на Стејт департментот – 24.10.2018)
Така што, гледано во целина, овој исклучително манипулативен и едностран текст, кој натежнува од неточни информации, има за цел да ја изврти вистината и да креира искривена слика за случувањата на турбулентната македонска политичка сцена.
Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери. Опремата е на Глобус