„Пресек: Дама со девет kамења“ е насловен мултимедијален проект на уметникот Иванчо Талевски што од 8 до 30 јули ќе се одвива во Чифте амам, во Национална галерија. Со него тој се фокусира на поимањето на минатото со цел да евоцира прашања од индивидуалната и колективната меморија
ЉУПЧО ЈОЛЕВСКИ
По септемвриското премиерно претставување во Центарот за графика во Филаделфија, САД, македонскиот уметник Иванчо Талевски со мултимедијалниот проект „Пресек: Дама со девет kамења“, еве го и во татковината. Во Македонија. Изложбата е поместена во Чифте амам, во Национална галерија, и публиката ќе има можност и привилегија да ја види во периодот од 8 до 30 јули.
Станува збор за заумен и исклучително актуелен проект, за поставка што ги брише сите отсечки и посебо е горлива за нас во која Талевски преку цртеж, графички техники, проекции и звук, го елаборира и го преипитува поимањето на минатото како материјал со цел да евоцира прашања од индивидуалната и колективната меморија, историја и припаѓање, нивното бележење, опстојување и бришење.
Во центарот на овој проект се две збирки цртежи и нивното просторно осмислување. Почнувајќи од 2015 година, при моите чести патувања помеѓу Битола и Филаделфија, јас со своите цртежи изработени со јаглен го бележам времето и просторот преку претставување на реакции од различни искуства, општествени процеси, феномени, случки и локации.
Паралелно со овој циклус на цртежи, овој проект во форма на дијалог презентира едно мое долгогодишно истражување на изгубените 235 цртежи на собирачот на фолклорно творештво Марко Цепенков.
Интерпретацијата и третирањето на архивските материјали од Цепенков се претставени преку една долгогодишна соработка, односно еден мој дијалог со музичарот и композитор Васко Дуковски, кој живее и работи во Шангај. Фокусирајќи се на изгубените цртежи на Цепенков, нивното значење, историја и потенцијална интерпретација, јас и Дуковски се стремиме кон проучување на звукот и цртежот, третирани како медиуми за еден генеративен и имагинативен процес на интерпретација на минатото, која се манифестира во аудиовизуална интервенција. Пресек: Дама со девет камења го третира цртежот како тенок опис при бележењето и интерпретацијата на историските и општествените процеси, вели Талевски.
Тој и со појаснување дека овој проект, изложен во просторот Чифте амам на Националната галерија, всушност претставува една поширока адаптација и нова обработка на проектот „Пресек: Дама со девет kамења“, кој пред десеттина месеци и бил претставен на културната јавност и публиката во Центарот за графика во Филаделфија.
Иванчо Талевски е мултидисциплинарен ликовен уметник и професор кој живее и твори на релацијата Битола – Филаделфија. Во своето творештво користи стратегии на цртеж, графика, сликарство, звук и инсталации со цел да евоцира прашања од политички состојби фокусирајќи се на теми како што се индивидуалната и колективната меморија, припаѓањето, носталгијата, историјата и границите, нивното постоење, опстојување или бришење.
Содржините и темите во неговото творештво произлегуваат од личното животно искуство и честите патувaња меѓу Европа и Америка.
Талевски го започнал своето формално ликовно образование во Средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје, а го продолжил на Академијата за уметности „Интерлокен“ во Мичиген, САД. Магистрирал на Факултетот за ликовна уметност на Школата за дизајн при Универзитетот на Пенсилванија, во Филаделфија, а дипломирал на Уметничкиот колеџ при Институтот „Мериленд“ во Балтимор, САД.
Неговите дела и проекти биле изложени во голем број интернационални музеи и галерии, на биеналиња и изложби – во Центарот за цртеж во Њујорк, Центарот за графика во Филаделфија, Музејот на графика во Гуанлан во Кина, Интернационалниот центар за графика во Њујорк, Музејот за уметност на Сеул, Кореја, во изложбениот простор „Тајгер страјкс астероид“ во Лос Анџелес, во галериите „Наполеон“, „Синди Етингер“ и „Артур Рос“ во Филаделфија, во „H18“ во Брисел, во Националниот музeј за уметност во Тајван, на Графичкото триенале во Краков, во Музејот за уметност „Сакима“ во Токио и многу други.
За своето творештво Талевски е добитник на многу награди, признанија и грантови од различни фондации и институции, како што се Фондацијата за иновации во уметноста „Сакс“ во Филаделфија, фондациите „Полок Краснер“ од Њујорк и „Елизабет Гриншилдс“ од Канада, а добитник е и на победнички медал на Графичкото биенале во Гуанлан, Кина.
Од 2008 година предава цртеж, сликарство, графика и мултидисциплинарно студио на Ликовниот факултет при Универзитетот на Пенсилванија во Филаделфија, САД. Работел и како вонреден професор по сликарство, цртеж и графика на Школата за уметност и архитектура „Тајлер“ при Универзитетот „Темпл“ во Филаделфија, и на Уметничкиот колеџ при Институтот „Мериленд“ во Балтимор.