Југословенскиот автор Иван Ивањи преживеа нацистички концентрациони логори, го преведуваше Тито и напиша куп книги.
НЕМАЊА РУЈЕВИЌ
Животот на Иван Ивањи се одвива меѓу купиштата книги, многу од нив самиот ги напишал или превел. Меѓу книгите е сместена неговата работна маса со компјутерот. И со наполнети 96 години, Ивањи на имејлите одговара во рок од неколку минути (ова го покажа еден ден пред смртта на интервјуто пред камерите на N1 – н.з.).
„Не сум посебно дружељубив човек“, вели во разговор за Дојче веле во неговиот стан. Неговата трета, како што тој вели „конечна“ сопруга Драгана, поранешна балерина и кореограф, починала пред три години. Волк самотник – така стариот писател се опишува себеси. „Јас го изживувам животот во книгите, измислив толку многу ликови со кои можам подобро да излезам на крај отколку со вистинските луѓе.“
Но, Ивањи постојано среќава луѓе: тој раскажува, секогаш кога ќе го прашаат, за времето на нацизмот, неговото заробеништво во концентрациониот логор Бухенвалд, за социјалистичка Југославија, за литературата или состојбата на демократијата во неговата татковина и во Европа. Предавања, интервјуа, текстови, тој е неуморен.
Зашто, кога човек во својот живот ќе проживее три животи, има многу да раскажува. Како син на родители-Евреи, кратко бил во Аушвиц, а подолго интерниран во Бухенвалд. Тој бил југословенски дипломат и германски преведувач на југословенскиот претседател Јосип Броз Тито, на чии идеи Ивањи е верен до денешен ден. Освен тоа, тој е почитуван писател и новинар.
Затвореник
Роден во 1929. година во Зрењанин, денешната српска покраина Војводина, а во тоа време Кралство Југославија, Ивањи растел меѓу Срби, Евреи, Германци, Унгарци и Романци. „Идилични“, така тој денес ги нарекува своите први години од животот.
Мајка му и татко му докторирале медицина во Германија, но не биле религиозни Евреи. Родителите сакале синот да научи германски без акцентот на Дунавските Шваби, па му довеле австриска гувернанта. Српски и унгарски му се, вели, мајчин јазик, а германскиот го нарекува во шега гувернантски јазик. Ивањи постојано се шегува.
Имал 12 години кога во 1941. пристигнале Германците како окупатори. Во 1944. година бил депортиран. На СС-лекарот на влезната врата во концентрациониот логор Аушвиц му рекол дека е работоспособен. Овие зборови за кои мислел дека ќе му го спасат животот, се базирале на погрешна претпоставка – верувал, ако работи, ќе добие подобра храна. Не верувал во приказните за уништување на Евреите, дури по војната дознал за убиството на неговите родители во Белград.
По Аушвиц, стигнал во Бухенвалд. Ивањи ‘рмбал како присилен работник, но преживеал. „Фактички, јас сум доживотно осуден на Бухенвалд, зашто таму сум секоја година, понекогаш и двапати годишно. Што подолго живеам, а другарите од концентрациониот логор зачестено умираат, толку почесто морам да одам таму“, вели тој.
Секогаш отседнува во хотелот „Елефант“ во Вајмар. Во тој хотел престојувал Адолф Хитлер, изградиле дури и тераса за да му се обраќа на народот. Освен тоа, „Елефант“ е многу поудобен од логорашките бараки во кои живеев пред седум децении, вели Ивањи во шега.
Преведувач
Иван Ивањи повторно стигна во Германија, на покана на Дојче веле и Куќата на германската историја во Бон. За него, тоа е повторно видување, овде тој пред четири децении бил културен аташе во југословенската амбасада.
По војната, студирал и во прво време работел како новинар. Неговиот „гувернантски јазик“, германскиот, му ги отворил вратите до најмоќните во комунистичка Југославија. Почнал да преведува за шефот на државата, Тито, кој преку Движењето на неврзаните држави стана меѓународен политички „тешкаш“.
„Тоа беше мојата татковина, првенствено идеолошки. Од Триглав до Охридско Езеро тоа и натаму е моја татковина,“ вели Ивањи денес. Против крвавиот распад на земјата протестирал со егзил во Виена. Денес има австриски пасош.
„Не разбирам како пропадна Југославија, исто како што човек не го разбира ракот ако заболи од него.“
Писател
Сѐ она што доживеал, се отсликува во неговите книги, кои лебдат меѓу факти и фикција. На времето како затвореник во концентрационен логор се однесува книгата „Мојот убав живот во пеколот“. Натписот „Секому своето“ или „Секому според заслуга“, кој стои над влезот во Бухенвалд, е лајтмотив на романот „Зборови од ковано железо“. Гувернантата е протагонистка на истоимената книга. Книгата „Титов преведувач“ и уште преку 150 романи, есеи, драмски дела и радио-драми носат потпис на Иван Ивањи.
Во 1980. година Ивањи беше генерален секретар на Југословенското друштво на новинари. Со германскиот нобеловец Гинтер Грас го поврзува децениско пријателство, кое двапати претрпело потреси: еднаш, кога Ивањи не сакал да ги преведе книгите од Грас на српскохрватски јазик, зашто тоа му било прекомплицирано и вториот пат, кога Грас во 1999. година го поддржал бомбардирањето на Југославија од страна на НАТО.
Белградскиот неделен магазин „Време“ во 2016. година го прогласи Ивањи за „Личност на годината“, кога напиша: „Без оглед што во разговорот со него неминовно се допираат многу тешки и болни теми, основниот впечаток за него е дека по горкиот талог на искуството може да го слави животот и дека историјата не го убила човекот, а тоа е драгоцена порака.“
Иван Ивањи е човек кој нема влакна на јзикот. Тој жестоко ја критикува израелската владина политика, знае дека нему, како Евреин и поранешен затвореник во концентрационен логор, тоа му е дозволено. Неговиот пријател Гинтер Грас со сличен став ожнеа бура критики.
Масовното убиство на луѓе во Аушвиц Ивањи го споредува со давењето несреќници во Средоземното Море во последните години. Смее ли да се прави ваква споредба? „Смее и мора. Кога дете со рачето ќе се фати за мајчината рака, зашто има доверба и оди во гасна комора и она дете кое исто така ќе се фати за мајчината рака и ќе се удави во море додека ние разговараме… тоа е подеднакво страшно, но второво сега ми е пострашно.“
Во неговата критика на бегалската политика се вклопува и загриженоста на Ивањи за Европа. Потребно ѝ е единство, посебно економска одбрана против САД и Кина, па макар и на христијанска основа, вели стариот комунист, а религијата подоцна ќе биде надмината.