„Таа Русија, која многумина ја сметаа за алтернатива на Западот, веќе ја нема, а во Европа Русија е ликвидирана и за генерации кои доаѓаат“, вели познатиот политиколог Иван Крастев во интервју за Газета Виборча
Во интервју објавено во полската „Газета Виборча“, политикологот Иван Крастев изјави дека за него позитивно изненадување е начинот на кој Европејците реагираа на војната во Украина и рече: „Европските шефови на држави и влади одеднаш направија нешто што никој не очекуваше од нив – тие се спротивставија на Русија. „Тие го прекинаа пристапот до руските суровини, а гласачите дури и ги поддржаа. Уште повеќе: поддршката за Украина не само што не се намалува, туку се зголемува. Дури и денес, повеќе Европејци веруваат дека победата на Украина е поважна од брзиот крај на војната“.
Според Крастев, европското единство ја зголеми довербата во цела Европа. Тој вели: „Денес на ЕУ се гледа како на поголема сила отколку пред војната“. Во опширното интервју за полската публикација, Крастев наведува дека е тешко да се предвиди точно каков ќе биде исходот од војната и вели:
„Според мене, победата на Украина би имала две димензии: една територијална и една поврзана со безбедноста. Украинската победа ќе значи дека Украинците за прв пат сами ќе си ја одредат судбината и економскиот развој – за прв пат одвоени од Русија, во добро или во лошо“.
Во однос на украинската офанзива која се очекува на пролет или лето (во која Украинците ќе се обидат да постигнат победа за да ја принудат Русија да преговара), Иван Крастев изјави дека нема да биде изненаден доколку дојде до драматична ескалација, „дека и денес и двете страните чувствуваат дека ги подобриле своите позиции. А најважно во одредувањето на границите ќе биде она што се случи на бојното поле“, вели Крастев.
Во интервјуто дадено за Газета Виборча и препечатено од Ди Велт, политикологот посочува дека по една година војна, Путин можеби успеал да убеди некои од неговите сонародници дека Русија е нападната земја, но не и останатите Европејци. „Дури и оние кои не испраќаат оружје не веруваат дека Русија е жртва. Затоа, европскиот консензус за прекин на односите со Москва е многу широк“.
Иван Крастев е внимателен во предвидувањата за идниот светски поредок по завршувањето на војната и вели дека сигурно нема да има враќање на старите односи. Новиот поредок, рече тој, не мора да биде полош или подобар, туку едноставно поинаков. „Меѓутоа, во Европа Русија е ликвидирана за генерациите што доаѓаат. Анкетите покажуваат дека дури и во земјите пријателски на Русија, како и во традиционалните антиамерикански кругови, никој повеќе не верува дека Москва има што да понуди. Таа Русија, која многумина ја сметаа за алтернатива на Западот, веќе ја нема“, вели Крастев.
Според политикологот, Путин не го уништи воспоставениот поредок по завршувањето на Студената војна – Крастев тврди дека тој бил исцрпен уште порано: „Путин само го организираше погребот на оваа определба. И од тоа Русија попрво ќе загуби“, посочува Крастев, кој, сепак, смета дека се можни и други сценарија – во зависност од тоа дали Кина нема да застане зад Русија, што би довело до многу голема глобална поларизација. Но, наместо поларизација, светот може да стане фрагментиран. „Сите можности се отворени, а која од нив ќе надвладее зависи од многу работи, вклучително и оние кои се надвор од наша контрола“, вели политикологот.