Населението на Далечниот Исток се чини помалку подложно на коронавирусот. За тоа досега се најдени само малку веродостојни објаснувања.
МАРТИН ФРИЦ
Министерот за финансии на Јапонија, Таро Асо, 79-годишен националист до срж, на прашањето зошто Јапонија има релативно малку жртви на Ковид-19, одговара само со зборот „миндо“, што во превод значи „повисоко ниво на култура”. Телевизијата ТБС пак, тврди дека јапонскиот јазик имал помалку „експлозивни“ согласки и затоа произведувал помало количество капки кои го пренесуваат вирусот. Многу Јапонци пак сметаат дека нивниот здрав начин на исхрана ги штити подобро од коронавирусот.
АЗИСКА СТАТИСТИКА Но, сите тие јапонски теории не објаснуваат зошто стапката на инфекции и смртност не само во Јапонија, туку во цела Азија, е релативно ниска. Кина досега имаше тројца починати на еден милион население, Јапонија – седум, Пакистан – шест, Јужна Кореја и Индонезија – пет. Тајван, Виетнам, Камбоџа и Монголија немаат регистрирано смртни случаи.
За споредба: Германија има 100 починати на еден милион жители, САД речиси 300, а Велика Британија, Италија и Шпанија преку 500.
Таквата голема разлика не може да се објасни само со различниот број тестови и начин на броење. На пример, Јужна Кореја тестираше масовно на паркинзите, додека Јапонија долго време тестираше само пациенти што имале четири дена температура и оние кои имале контакт со инфицирани. И другите обичаи во многу азиски земји при поздравувањето без ракување не би требало да бидат решавачкиот фактор за вирус кој се шири преку воздухот. Затоа научниот свет сега истражува други разлики помеѓу Исток и Запад за да може подобро да се справи глобално со коронавирусот.
ПОЗАРАЗЕН ЗАРАДИ МУТАЦИИ? Научниците од јапонскиот Институт за инфективни болести открија дека вирусот Сарс-Ков-2 со регионалното ширење добил генетски промени. Првите инфекции во Јапонија на бродот „Дајмонд принцес” во пристаништето Јокохама дефинитивно беа од коронавирусот од Вухан во Кина. Но, вториот бран инфекции во Јапонија од април годинава беа предизвикани од вирус кој го донесле лица од Европа. Истражувањата на универзитетот Кембриџ го потврдуваат овој резултат. Можеби вирусот во Европа и Америка е позаразен благодарение на мутација, смета научен тим на националната лабораторија од Лос Аламос.
Пензионираниот професор Тацухико Кодама, лекар од престижниот универзитет во Токио, посочува на студии на Институтот за имунологија Ла Јола од универзитетот во Калифорнија.
Според нив, многу луѓе во Азија имаат ефикасни антитела против новиот коронавирус. Многу инфлуенци и други вируси во минатото потекнувале од Јужна Кина и предизвикале кај населението од околните земји настинки. „Затоа во нивната крв има бели крвни зрнца кои може да ги одбранат од сродни вируси како Сарс-Ков-2”, смета Кодама. Имунолошкото влијание не било перфектно, но со одредена доза на сличен вирус нивните организми сосема добро се справуваат.
Тацуку Хонџо, добитник на Нобеловата награда за медицина, има поинакви согледувања. Луѓето во Азија се разликуваат многу од оние на Запад во гените кои ја контролираат реакцијата на имунолошкиот систем на вируси, вели јапонскиот имунолог. Сепак, тоа не значи дека луѓето во Азија се безбедни, предупредува Кодама. Мутиран вирус може да биде исто толку смртоносен за населението во Азија, колку и за она во Европа.
СОМНЕЖ ОКОЛУ ФАКТОРОТ ДЕБЕЛИНА Наспроти ова, уште едно популарно објасненување во Јапонија не е толку убедително во однос на разликите меѓу Западот и Истокот. Наводно, луѓето од источна Азија, поради тамошното задолжително вакцинирање против туберкулоза, се повеќе заштитетни, бидејќи таа генерално го зајакнува имунолошкиот систем против вируси, додека таканаречената БСЖ-вакцина во западните земји е доброволна.
Но, против ова зборува фактот дека бројот на вакцинирани со БСЖ во Франција е исто така голем како во Јапонија, но стапката на смртност од Ковид-19 таму е многу повисока.
Јапонскиот министер за финансии Асо тврди дека Јапонија е „културолошки посупериорна“ од Западот, и тоа не се однесува само на широко распространетото доброволно носење заштитни маски, туку и општо подобро јавно здравје. Само четири проценти од Јапонците и пет проценти од Јужнокорејците се дебели, додека во Западна Европа, според СЗО, овој процент е над 20, а пак во САД над 36. Но, досега нема научни докази за директна врска помеѓу стапката на смртност поради САРС-Ков-2 и зголемена тежина.
(Мартин Фриц е дописник на ДВ и повеќе од 20 години живее во Токио. Неговата најнова книга „АБЦ 4 Јапонија: културолошки водич“ е објавен во 2020 од изадавачот Штемфли.)