Медиумите практично го сокрија фијаското со доволниот број на гласови во опозицијата при обидот за изгласување на недоверба на Владата а посебно имаше молк за тоа како е вршен притисок кон пратениците Албанци за да станат дел од списокот. Затоа и не беше пренесувана прес конференцијата на „киднапираниот“ Кастриот од Парламентот . Странското влијание, во меѓувреме, бара начин да одговори на опаѓањето на евроатланскиот интерес на народот што е факт, виден и при гласањето за локаолни избори!
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
При неодамнешниот разговор пред камерите, пред да се случи „оној четврток“, претседателот на државата Пендаровски истакна дека се плаши да не влеземе во бугарското сценарио. Тоа значи да немаме јасна ситуација во Парламентот, со доволно мнозинство и да влеземе во бесконечни избори, кои чинат скапо ама не носат разврска. И трошат скапоцено време.
Разрешницата од типот „пата-пата карти“ од минатиот четврток има и една таква димензија, доколку не се на располагање на власта оние четири пратеници кои се подготвени да го променат својот антивладин став. Впрочем не ги „уништи Заев малите албански партии“ (Хајредини), туку нив ги столчи подготвеноста да се играат со волјата на своите гласачи, наспроти основните програмски постулати. Се работи за рушење на Владата со лажната вест (која во македонските медиуми не доби никакво внимание, што не изненадува) која ја пушти организаторот на чинот – Мицковски, дека зад себе ги имаат и потписите на пратениците на ЛДП и ДОМ. Како во играта со кибритчиња на Камениот мост некои албански партии се залепија за тој трик, дека после нивните потписи ќе следат и оние на македонските партии од власта, што беше недостоен потег ни за маалска политика а камо ли за државна.
Конечниот исход е познат – единствен реален ефект на иницијативата на ВМРО ДПМНЕ, во рамките на операцијата која од поодамна е наречена „Скокот на коњаникот“ во регионални рамки, е тоа дека Мицковски го извади масното ткиво во вратот. Демек, сега треба да го жалиме, место да биде предмет на обвинувања заради тензиите кои ги направи во општеството.
Еднен од ефектите на рушењето на власта требаше да биде преземањето на успесите на срушените, пред се во областа на надворешната политика, со коперникански пресврт во своите определби кон НАТО, Пресопанскиот договор и Договорот за пријателство со Бугарија (Туше Гошев), наеднаш менувајќи го мигавецот во од и наспроти ветувањата за своите гласачи за целосно „контра“ позиции во однос на овие акти. Опозицијата ем не оди на внатрешни избори за да се потврди таа нагла промена во политиките, ем користи локални избори како наводен резултат на парламентарни, регуларни избори за оваа цел а конечно направи список на абоненти за „рушење на Заев“ со подметнувања. Тоа на крајот им се удри од глава.
Но, спротивно на најавите на партискиот лидер на БЕСА дека таа партија излегува од владината коалиција, сопартиецот Реџепи тврди дека Движењето Беса не е излезено од владината коалиција со СДСМ и ДУИ, бидејќи таква одлука засега нема.
„Де јуре и де факто, Движењето е во владина коалиција. Не се излегува од влада со изјава, со прес- конференција, со Фејсбук статус. Јас сум потпретседател на Беса и така планирам да функционирам. Централниот одбор кога ќе одлучи дека Беса не е дел од мнозинството, тогаш и јас како член на партијата ќе размислам да ја почитувам таа одлука“, дециден е Реџепи, иако во петокот министерот за земјоделство, Арјанит Хоџа и двајца заменици министри од Беса дадоа оставка и најавија повлекување од владината коалиција.
Во понеделникот министерот Османи беше во Брисел каде ќе се расправа за балканските „сочиненија“. И на состанокот на НАТО веројатно ќе стане збор за таа тема а министерката Шеќеринска процени при тоа дека резултатите од бугарските избори даваат шанси за брз отклон на ветото на Софија кон нас. А тука е секако и најавената посета на американскиот висок претставник Еставез на Скопје и Софија на средината на идниот месец.
Во основа Софија е местото каде се вкрстија, стратешки интересите кои сакаа да ја вратат земјава барем една деценија назад и со тоа да создадат една антизападна атмосфера во земјата. Триаголникот Будимпешта – Љубљана – Скопје, кој минатите години имаше главно финансиска потпора за медиумскиот свет, како подготовка за антишарената револуција во земјава, по влезот на РСМ во НАТО доби поместување на истокот, заради покривање на руските центри на моќ. Па добивме и триаголник Будимпешта – Москва – Истанбул, со центар во Софија, каде се создаде центарот на отпорот за чекорите кон западните дестинации на Северна Македонија!
Зошто се споменува тука Истанбул? Па заради очевидното влијание кое го имаше Ердоган кон трите партии кои се во опозиција кај нас: Алијанса на Албанците (уште во стартот имавме чести патувања на Села кон Станбол), потоа кон Беса 1 и Беса 2 (односно Алтернатива), кои, нели, беа некогаш една партија а кои беа сметани за полутеистички организации, блиски кон сваќањата на Ердоган за тоа како треба да биде уредена една држава. Тука е секако и потребата на големата земја од Босфорот да одржува влијание врз Балканот, па оваа движечка геостратегија и даде на екипата на Мицковски потребен замаец за да престане да бара сојузници со борина, хронично хендикепиран заради својата комуникациска немоќ. Да не заборавиме дел од стратегијата за вакви сојузи беше спроведувана и од експретседателот Иванов! Тој беше близок со ставовите за нашите врзувања за Русија ама и за Турција, каде отиде да студира неговиот син.
За Шампитата остана проблем само сојузникот Левица (алтер его на црвено-црните) кој никако не се вклопува со програмите на албанските мали партии, затоа што се работи за партија која има исклучително антизападна и антиалбанска реторика, па тоа мораше да се изведе во форма на споменатата игра со кибритчиња на Камен мост – „сега го глердаш, сега не го гледаш“ кај списокот на потписници.
Дека се работи за долгорочна и опасна стратегија која се споменува покрај инвестиција од фамозни 200 милиони евра кон стабилноста на земјава сега е тоа појасно!
Во рамки на гостувањето во студиото на ТВ 21 претседателот Пендаровски кажа дека анкетите и јавното мислење покажало дека евро-ентузијазмот во земјава е паднат за 25% од државата за само една година, и дека повеќемина мислат дека најголем пријател ни е Русија, а не некоја од западноевропските земји. „Јас имав прилика да погледам неколку анкети. Прво, дали македонското граѓанство мисли дали имаме маневар за било како компромис со Бугарија, и за редица прашања врзани за евроинграциите. И конечно на крајот колкумина од вас и понатаму поддржуваат во вакви услови со статус на кандидат, колкумина поддржуваат ваква опција. Запрепастувачки податоци и трендови кои не сум ги видел претходно. Евро-ензијазмот во државата е паднат за 25%, само за последната година. Што е лошото во тоа? Ентузијазмот за ЕУ се (топи) скоро исклучиво на етничките Македонци. И се создава еден меѓуеднички процеп. Сите кои се бавиме со безбедноста, знаеме дека најважен параметар е какви се меѓуетничките односи. Ако таа оска е добра, можеме да имаме платформа за економски прогрес. Ако тука нешто не е во ред, се враќаме назад“, изјави Пендаровски.
Тој кажа дека според последните анкети, граѓаните веќе не мислат дека некоја западно европска земја е најголем пријател на Македонија, туку доминира Русија. „Имаме анкети во кое прашањето е кој е најголем пријател на Северна Македонија. По првпат во нашата историја, не доминира ниту една од западноевропските земји. Доминираат Русија, Америка, Кина, Турција па после тоа Германија и така натаму…“, вели претседателот.
Што мислите, како се создаде таков проруски интерес во земјава? И колку е перверзен тој протеже кој се обидува низ дневна проевроска и пронато реторика да создаде некаква илузија со која веќе го посадил на наше тло интересот на Путин?