ПЕТАР БОГОЈЕСКИ
Разочарани од реалноста, мечтаеме по идеалното. Притоа, идеалното е различно во секоја од нашите глави. Тоа е проблемот плус. Идеалното за кое мечтаеме не е усогласено, немаме компромис за тоа. Секој од нас си замислил идеална состојба што ја посакува, без да биде подготвен да направи минимален компромис со друга различна идеална слика во нечија друга глава. Тука лежи зајакот
Како што знаете, започнавме со активности во насока на промовирање на поинаква понуда за политичката сцена во земјава. Ја именувавме Македонски Концепт, од проста причина што сите држави имаат свои концепти, само ние немаме. Ајде да го направиме. Никој не мразиме, на никого не му завидуваме, супер што тие имаат, но сакаме и ние да си направиме наш Македонски Концепт, зашто Македонија си ја сакаме повеќе од сите други држави. Просто е да се разбере, просто е и да се свари. Исто како грав, би рекол нашиот народ.
Сега сме растргнати помеѓу идеализмот и реализмот. Едно е како работите ги замислуваме, ги посакуваме, ги сонуваме, но сосема друго е кои се реалните можности. Особено кои се „кочниците кои принципиелно“ ни доаѓаат. Граѓаните се пречувствителни. Неверни во ништо и никој. Преразочарани. Бараат совршенство од евентуалната алтернатива на актуелната власт и шаката киднапери на опозицијата. Очекуваат чуда и натчовештво. Посакуваат целосно да исчезне денешната реалност, а истата да ја заменат со светот во кој веруваат, светот кој го посакуваат. Реалноста како што ја замислуваат. Да бидам искрен, тоа се повеќе од 90% од граѓаните. И јас припаѓам во нив. Разочарани од реалноста, мечтаеме по идеалното. Притоа, идеалното е различно во секоја од нашите глави. Тоа е проблемот плус. Идеалното за кое мечтаеме не е усогласено, немаме компромис за тоа. Секој од нас си замислил идеална состојба што ја посакува, без да биде подготвен да направи минимален компромис со друга различна идеална слика во нечија друга глава. Тука лежи зајакот. Тука е проблемот за значително отежнување на работата на новата понуда. Секој поаѓа од себе и од својата идеалност. Никој нема чувство за туѓата. Тоа никој е релативно кажано. Има многумина. Тие се нашите први активисти.
На што мислам. Прво сите сме грешници на овој свет, луѓе од крв и месо. Со тоа се согласивме. Сите ние носиме бреме од минатото и различни визии за иднината. И со тоа се согласивме. Сите ние имаме различни потреби и желби. И тоа е апсолвирано. Но што е клучот, клучот за успехот на Македонски Концепт. Тоа е подготвеноста кај секој од нас да прифати компромис, компромис на својата идеална слика со онаа на другиот/те. Компромис на својата визија за иднината со онаа на другите. Тоа е процес на рационализација на желбите. Прилагодување на реалноста. Тоа е моментот кога идеализмот во секој нас се претвора во реализам. Соочени со реалните можности и потреби, усогласивме заеднички цели и мисија. Секој даде дел од својата идеална слика. Секој се откажа со дел од својата визија. Во име на рационалната иднина, онаа која навистина можеме да ја понудиме, сработиме и направиме реалност во Македонија.
Граѓаните очекуваат супер херои, супер политичари, надлуѓе, кои ќе застанат и ќе направат супер промена. Тоа ако го ветиме, Ве лажеме. Да бидете сигурни, не само ние, кој и да Ви го ветува истото, Ве лаже. На Вас е дали ќе верувате. И кому. Лесно е да посочи идеализам, но битно е да понудиме реализам. Што е иновативното во Македонски Концепт? Тоа што го нудиме, на моменти на некои граѓани им наликува на утопија, на идеализам кој не е реален, обично повикувајќи се на претходното искуство и разочарување од минатото. Но понуденото е толку едноставно и лесно да се реализира, што на граѓаните им изгледа неверојатно и секогаш прашуваат: „Па зошто до сега ова нешто, толку едноставно, никој не го понуди и не го направи?“. Нашиот одговор е: „Од причина што некој не сакал да живееме нормално, едноставно, природно!“. Политичарите, впрегнати од бандитите, не сакаат и немаат простор да понудат нормалност. Тие се заложници на бандитите. За нив работат. Како да направат нормална атмосфера во земјава кога во таква атмосфера не виреат бандити. Ако е нормално, бандитите ќе изумрат. Ќе исчезнат. Па кој ќе биде после патрон на политичарите? Тоа е причината зошто некои во минатото не сакале да понудат едноставна нормалност. Тоа е она што Македонски Концепт го прави различен од класичната политичка понуда во земјава. Целосно различен.
И нормално, најлесен начин да се спречи новото, иновативното, различното е да се оцрни од самиот почеток, на „принципиелен начин“. Кај нас тој начин е шаблонизиран. Секогаш започнува со две приказни – платеници и странски соработници. Тоа е така од памтивек. Така и си остана. Во случај Македонски Концепт да носи одлуки во оваа држава, за таков тип на кампања, која шири лажни вести и ги уништува квалитетните понуди со задна намера да опстанат само бандитите, ќе се лежи дебело во затвор. И бандитите ја започнаа акцијата. Па имаш смешки. Во исто време сме србомани и бугарофили. Во исто време финансии даваат и Западот и Истокот. Луѓе сме на Заев, Мицкоски, Мијалков, Груевски… да не редам, нема крај оваа низа. Тоа е онаа старата стратегија, која сега ќе Ви ја опишам. Во Македонија, за време на комунизмот, се појавувале низа дисиденти. Тајната полиција ги врбувала сите нив. Кај некој ќе успееле, кај некој не. Обично имале голем успех. Од десетмина, успевале осум да направат соработници. Само двајца останувале надвор и ја продолжувале борбата. За да ги уништат и овие двајца, полицијата им давала задача на сите другите осуммина да шират пропаганда дека баш тие двајца се „удбаши“. А всушност „удбаши“ биле тие кои најмногу зборувале против „удбашите“. Токму тие осуммина. Во нашиов случај, Македонски Концепт сме тие двајца, а останатите клеветници се другите осум. Попластично да Ви објаснам од ова не можев. Полесно да ги демантирам сите глупости, кои се намножија за само неколку денови по „визуализацијата“ на Македонски Концепт, не можев. Кој ќе разбере, ќе разбере, кој не, останува да им верува на тие осуммина неранимајковци, кои лесно си ја продале честа и удриле на двајцата идеалисти, кои останале на заветот кон татковината.