Имајќи ја во предвид целокупната констелација на општествено-политички состојби во државата во последните 14 години, особено периодот од 2006-2017година, кој е обележан со нелегална узурпација на јавниот простор на центарот на градот, новиот детален урбанистички план требаше да претставува своевиден историски пресврт
ДОНКА БАРЏИЕВА ТРАЈКОВСКА
Во тек е постапката за донесување на новиот детален урбанистички план за Градската четврт Ц 01-Мал Ринг 1. Доносител на планот е општина Центар, а предмет на планирање и уредување е просторот на кој се изградени објкетите од контраверзниот проект Ск.2014. Уште во постапката на донесување а особено пред отпочнувањето на јавната презентација, се појавија бурни реакции од стручната и пошироката јавност.
Реакциите на јавноста претставуваат манифестација на незадоволство од „легализацијата” на објектите од Ск.2014 кои се инкорпорирани во планот. Наспроти реакцијата на јавноста, градоначалникот на општина Центар смета дека спорните објекти се ставени во планот затоа што се изградени во законска процедура која не е оспорена во судска постапка. Дополнително ,не рамислува за повлекување на планот.
Во услови на спротивставени недоволно аргументирани мислења на двете страни, можно е донесување на планот кој не ги исполни очекувањата на граѓаните! Од друга страна,неопходно е да се истакне дека спорните градби не можат да со отстранат со план, затоа што тоа е постапка која требаше претходно да биде завршена. И тука се појавува клучното прашање!Зошто воопшто е започната изработката на планот без претходно завршување на сите неопходни дејствија и постапки поврзани со отстранување на спорните градби ? Кому му е потребен план кој е сличен или ист со стариот кој е веќе на сила? За какви хипотетички судски спорови зборува градоначалникот и зошто очекува некој друг да ја заврши работата за спорните проекти кои ги реализирала општината со која раководи?
Историскиот карактер на новиот ДУП
Имајќи ја во предвид целокупната констелација на општествено-политички состојби во државата во последните 14 години, особено периодот од 2006-2017година, кој е обележан со нелегална узурпација на јавниот простор на центарот на градот, новиот детален урбанистички план требаше да претставува своевиден историски пресврт. Но, за да се случи таков пресврт неопходно беше да се направи ревизија на сите одлуки и решенија донесени од општина Центар која се јавува како главен реализатор на бројни објекти и споменици од т.н.проект Ск.2014. Оваа ревизија требаше да започне уште во времето на градоначалникот А. Жерновски во 2013г.со преиспитување на основаноста на сите одлуки донесени од Советот на општината и решенијата потпишани од претходните градоначалници.Требаше да бидат утврдени сите штети кои беа направени на градот спротивно на урбанистичките принципи и стандарди, да се стопираат штетните проекти и да се поднесат кривични пријави за конкретни сторители.Но, градоначалникот Жерновски тоа не го направи и се задржа само на финансиските аспекти на овој „проект”.Како по правило и актуелниот градоначалник С.Богдановиќ, на овој план само ја продолжи политиката на неговиот претходник: наместо во изминатите три години да ги задолжи службите да му направат „извештаи” за секој споменик што го реализирала општината.Да го направеше тоа, ќе покажеше одговорен однос кон функцијата која ја извршува и пред се’ кон граѓаните кои живеат во тој идеолошки контаминиран простор! Ќе ги избегнеше и паушалните изјави за евентуални судски спорови со негативни финансиски импликации за општината! Но, за такво нешто потребно е чувство на одговорност, храброст, морален кредибилитет и визија која во случајов недостасува.Затоа понудениот план, ниту е историски, ниту е нов! Тој е сличен или ист како и претходниот со кој се воспостасува континуитет преку генералниот и деталниот урбанистички план, донесени во 2012 година! И затоа што, многу работи не беа претходно завршени!
Заштитно конзерваторски основи
Планскиот опфат на предметниот детален урбанистички план е дефиниран со важечката планска документација, Генерален урбанистички план на Град Скопје, 2012-2022г. и Детален урбанистички план Градска четврт Ц 01-Мал Ринг 1,Општина Центар-Скопје,2012г.” Во Генералниот урбанистички план се вградени Заштитно конзерваторските основи изработени од НУ Конзарваторски центар – Скопје, а одобрени од Управата за заштита на културно наследство (УП бр.17-753 од 13.09.2012).Имајќи го во предвид “начинот” на кој е реализиран идеолошкиот проект “Ск.2014” година (увидот во расположивата документација) просто е неразбирливо како актуелниот градоначалник не побарал да биде направена ревизија на наменски изработените ЗКО, како правна рамка за злоупотреба и конвертирање на културното наследство во централното градско подрачје!
Само за потсетување, во истата година (23.03.2012) на предлог на НУ Конзерваторски центар Скопје, Управата донесе решение за престанок на заштита на недвижното културно наследство”Централно градско подрачје II’, со стекнат статус на заштита во 1998година! За реализација на барањето на министерката Канческа-Милевска, (потврдено со аудио снимка) изработен е посебен Елаборат за ревалоризација со предлог за престанок на заштита на цела урбана целина!За илустрација на „потребата” од престанок на заштита, цитирам дел од образложението:,,…Најголемиот дел од објектите кои се сочувани и се наоѓаат во границите на споменикот на култура…сами по себе се во добра состојба, но истите се опкружени со нови објекти со многу различни габарити и архитектонски израз. Просторот околу овие објекти е многу деградиран како резултат на несоодветни плански решенија и нивната имплементација…”!
Од овие причини во актуелниот детален урбанистички план (Инвертаризација и снимање на постојни споменички целини,градби од културно-историско значење и културни предели) посочени се само шест поединечни споменици од кои два изградени во рамките на Ск.2014! Имено, станува збор за Камениот мост, Феудална кула, Куќата на семејството Шкаперда, куќата на улица „Маршал Тито“ бр. 53, Спомен куќа на Мајка Тереза (споменик еx lege), НУ Музеј на македонската борба за самостојност – Скопје – Порта “Македонија“ (еx lege).
За последните два објекти, Управата за заштита на културно наследство требаше да изврши ревизија, односно да го преоцени нивниот статус.Обврската за ревизија произлегува од Национална стратегија за развој на културата 2018-2022:”Ревизија и бришење од регистерот на сите незаконски запишани споменици и објекти од проектот Скопје 2014,кои по својата природа не можат да претставуваат културно наследство “ како и од дополнителниот допис од Министерство за култура до Управата за заштита на култура (од 19.04.2018година).
Елаборатите на работната група за “СК.2014”
Работната група формирана од Министерството за култура во рамките на своите овластувања, за секој поединечно споменик изготвува Елаборат за евалуација на сите релевантни аспекти со предлог за справување со негативните последици од неговата изградба.Методолошкиот пристап и комплексноста на обработените податоци,претставуваат стручна и релевантна експертиза употреблива во судски спор.Обидот да се омаловажат елаборатите изработени од експерти од различни области,претставува тенденција за непостапување. Од изјавите на градоначалникот Богдановиќ ,се забележува дека имал увид во елаборатите на работната група во кои јасно и прецизно се наведени сите одлуки кои се донесени од општина Центар а се во спротивност со Законот за меморијални споменици и спомен обележја.На пример, во Елаборатот за споменикот Воин на коњ/Александар Македонски, цитирана е одлуката на Советот: „Со оваа Одлука се отпочнува постапката за подигање споменик на Александар Македонски на Плоштад Македонија, во знак на неговото историско значење за Македонија.”(бр 07-2450/2, од 30.11.2006 г). Во точка 4. Утврдување на факти за незаконската изградба на споменикот на Александар Македонски, од истиот Елаборат е наведено дека одлуката на општина Центар за отпочнување на постапка за подигање на споменик на Александар Македонски на Плоштад Македонија, претставува свесно и грубо кршење на уставните одредби во однос на поделбата на локалната и законодавната власт. Во Законот за меморијални споменици и спомен обележја, (Сл.весник на РМ бр.66/04,89/08 и 152/15), според членот 5 од законот, единствено надлежно за подигање на меморијални споменици е Собранието на Република Македонија како врвна законодавна власт во Републиката, од што пак произлегува дека советот на општина Центар со носење на одлуката го суспендирал правото на одлучување на законодавната власт за работи од нејзината надлежност. Споменикот на Александар Македонски – подоцна именуван со мимикричниот криптоним „Воин на коњ“ – припаѓа на категоријата „меморијален споменик“ според член 3 од Закон за меморијални споменици и спомен обележја (Сл.весник на РМ бр.66/04,89/08 и 152/15),)!
Доколку сакал да постапува според закон,градоначалникот Богдановиќ само врз основа на оваа законска повреда можел да покрене постапка за отстранување.Затоа што секој објект изграден спротивно на закон е дивоградба!