Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ИДНИНАТА НА ЗЕМЈАТА МЕЃУ ГРОБНИЦАТА НА АЛЕКСАНДАР И ОБУКАТА НА МЛАДИТЕ ЛУЃЕ

May 20, 2025 Filed Under: Фељтон

И дијаспората е поделена како нашето општество. Впрочем, често човек ќе помисли дека од таму се нафрлуваат некои идеи и однесувања кои не се релевантни повеќе од еден век. Ова се гледа и меѓу присутните на самитот „Македонија 2020/25“. Гостинот Крис Павловски како миленик на оваа влада дошол со идеи кои се конфузни и смешни во очите на сериозната јавност, додека тука е и годинава Мајк Зафировски кој работи на дошколување на македонските менаџери во САД, активност која не престанала

ВОЗВРАЌАЊЕ НА ГОСТОПРИМСТВОТО Мицковски го примил Крис Павловски и неговиот можен партнер Девисини кои се во лобирање за отворање на патот на крипто валутите кај нас

ЉУБОМИР КОСТОВСКИ

Овогодишниот самит „Македонија 2020/2025“ стана атрактивен и пред да се одржи. Виновен за ова издвојување од претходната рутина на трибината на која се менуваа идеите за иднината на земјава секако е еден учесниците на овој настан а претходно споменуван постојано од страна на претставниците на новата власт. Се работи за Крис Павловски, „иконата“ на нашите наводни политички, економски интереси и во таа насока генерално претставуван како „алатката“ за влијание на Мицкоски врз Вашингтон.

ВО НАДВОРЕШНАТА ПОЛИТИКА НЕ ПОСТОЈАТ ЧУДА – ИЛИ СИ ВИДЛИВ ИЛИНЕ СИ Од Павловски како да се очекуваа чуда, бидејќи, излезе дека ако бројните и чести посети на владини функционери на САД последните месеци не изродија со конкретен, било каков плод, како што беше најавувано или барем очекувано од тие мисии, требаше некакво објаснување. Но, за утеха беше оставен белегот врз колективната меморија дека ете се пројавила со посетите ил и за време на нивното траење, личност која е близу до кабинетот на новиот претседател Трамп. Ова секако би значело дека Северна Македонија добила личност од наши корени а која би требало да влијае на потезите на новиот станар на Белата куќа, кога се интересите на овој сегмент на Балканот во прашање. Да речеме, за споредба, барем како некаква копија на поранешните политичари кои полетале од Скопје кон Вашингтон. Да се потсетиме како поранешниот претседател Борис Трајковски, кој потоа, по враќањето дома, можеше да го повика на телефон тогашниот американски лидер Џорџ Буш јуниорот секогаш кога постоеше потреба за тоа. Или како експремиерот Зоран Заев кој влезе во Белата куќа со сопругата, доби грст пофални зборови од – да речеме така – лидерот на светот Доналд Трамп во неговиот прв мандат, и потоа направи семејна фотографија со домаќините.

Се работи за видливи, значајни ефекти по тие посети – имавме ново позиционирање на земјава од одвај забележлива точка на глобусот во ценет партнер на најголемата сила на палнетата, што донесе повеќе добри зачекорување кон иднината на овој народ, инаку научен на многу порази во историјата.

Факт е дека тие резултати не наидоа на еднодушна поддршка кај нашите државјани, посебно кај оние со десни политички погледи што и онака кон Западот имаа повеќе од критички погледи и реминисценции, засилени со непријатни оценки кога се одеше уште повеќе кон земјите на зајдисонцето, како што е САД. Ако Европа беше нарекувана со една женаска именка со пет букви, која може да се свати и како професија, Америка беше „крстена“ и со не сосема пријатни атрибути.

КРИС ПАВЛОВСКИ Не сум тој за кој ме претставуваат

ЛИДЕРШИПОТ НА ВМРООВЦИТЕ НАЈДЕ „ДОБАР АМЕРИКАНЕЦ“ Но, името на Крис Павловски се појави во јавноста токму во моментот кога републиканецот Трамп одново ги доби претседателските избори, што се спои, токму во перцепцијата на десницата кај нас, како поинаков поглед, да речеме усогласен со колебливата политика на новата политичка елита и таа веднаш беше подготвена се’ да им прости на Америте. Нагла промена, во политичката ориентација, дури и коперникански пресврт ама во свеста на гласачите на ВМРО ДПМНЕ постои секогаш еден ориентир – ако лидершипот проценил дека тој нов курс на САД е поволен, така ќе биде и прифатен.

Претставникот на дијаспората, од трето колено на иселениците, кој не го знае мајчиниот јазик, беше априорно прифатен кај нас како добредојден штом началството го означи како таков. Згора тој слета во Скопје со објавената идеја дека ќе инвестира пари во наоѓањето на гробот на Александар Македонски, со што, веројатно, предизвика рефлексивно вадење на балконите и прозорците на знамето од Вергина. Вистински повод за ново пребројување на античките во однос на другите, помлади Македонци по перцепцијата на историјата.

Но, излегувањето на Павловски од аеродромот Петровец, верувам, не излезе сосема по волја на неговите домаќини, особено по неговото прво интервју дадено за ТВ Телма, каде гостинот јасно се дистанцираше или би било попреизно – се дислоцира од оние позиции кои му ги даваа тука, на Илинденска број 2. Просто го распакува багажот приготвен од поранешните патници во САД од Владата и со отворена душа покажа една своја друга „фотографија“. Така, најпрво негираше дека учествувал во организирањето на патувањата на политичката елита во Америка и рече дека не се занимава со тоа. Тој е преокупиран само со својата платформа за видео кастинзи и слично. На прашањето дали сме во видокругот на претседателот Трамп, што е споменато од премиерот Мивковски, тој   (https://www.facebook.com/watch/?v=645369495160600&rdid=69Kvm3lJQINrFDc) подвлече дека не е политичар и не презентира ничија влада, па ни македонската, туку само неговата компанија („Рамбл“). Упс! Додаде дека не е ниту Американец, туку Канаѓанец, што укажува, да протолкуваме, дека од формален аспект најпрвин неговата земја треба да стане 51-ва сојузна држава на САД за пасошот да му е релевантен. За она за што го токмеше нашата Влада! Особено со оглед на најновите политички збиднувања во Вашингтон.

Потоа беше прашан – со оглед на отворање на испостава на неговата компанија во Македонија – дали му треба усогласување со оглед на новите погледи на владата на Трамп кон извозот на капитал надвор од Америка. Одговорот беше дека тој нема намера да отвора компанија во ЕУ, алудирајќи дека Македонија не е земја кон која се гради клучната стратегија на Трамповата политика, по што беше запрашан дали може тој да има влијание врз Белата куќа за промена на царинската политика кон земјава (како еден вид негово излегување на чисто со надежите што во таа смисла ги постави премиерот Мицкоски) а прашаниот гостин рече дека не може да биде инволвиран во такво нешто!

ВО СТУДИОТО НА СИТЕЛ И темата на Швајцарија на Балканите се извлече од архивите

ВЛАДИНИТЕ ПРИКАЗНИ ПОПРСКАНИ СО ДОЖДОВНИЦА Па се’ се чини дека во ова петминутно интервју грото од суштинските причини зошто Владата го споменува Павловски беа „туширани“ од искрените одговори на гостинот. Или, поедноставно, разоткриени се лагите на Владата. Тој нема влијание врз Трамп, нема деловни можности да се врзе за економските и политички големини во САД а одрекува дека има моќ за било какви влијанија на кои ја градеа својата слика за наводните добри, иако наводни одложени ефекти од посетите на  групните патници преку Атлантикот од Илинденска број 2.

Да земеме едно друго интервју – она дадено во студиото на Сител, каде можеби дал поинакви одговори? (https://sitel.com.mk/kris-pavlovski-fokusirajte-se-na-energija-na-veshtachka-intelegencija-i-na-kripto-i-kje-imate-golem).

Прашањата беа поставени во еден друг контекст, поврзани секако со самитот кај нас на кој Павловски беше поканет. Значи како ја гледа иднината на земјава, со асоцијација на неговите можни вложувања или на другите од дијаспората кај нас.

Крис Павловски гледа многу можности за инвестирање во Македонија, земјата може да биде Швајцарија на Балканот, рече тој, веднаш асоцирајќи на дело издаено од ултрафашистот Ванчо Михајлов (https://www.scribd.com/document/428779642/Иван-Михајлов-Македонија-Швајцарија-На-Балканот.

За волја на вистината Павловски појасни дека под оправданата ориентација на земјата тој подразбира фокус на енергија, на вештачка интелегенција и на криптовалутите и потоа би дошол просперитетот во државата. „Можете да станете следна Шавајрација за идните генерации. Можам да помогнам со вработувања, да донесам бизниси или инвестиции. Мислам дека Македонија не треба толку да се грижи за остатокот од светот, не треба толку да се грижи за ЕУ, ниту за кое било друго место во светот, туку треба да се грижи за самата себе, и оти може да биде Швајцарија на Балканот, или во светот“ порача тој.

Друго студио, друга перцепција, нели.

– Швајцарија многу добро ја користи перцепцијата дека е неутрална, и мислам дека Македонија може да го направи тоа. Мислам дека на ваков начин може да просперира, слично како што направи Ел Салвадор во Централна Америка. Мислам дека Македонија го има тој потенцијал да биде неутрална држава која ќе се држи настрана од политичките случувања и да се фокусира на економијата на државата, да ги отстрани бариерите за граѓаните и тоа треба да биде фокус, дообјасни Павловски во гостувањето на ТВ Сител. Не пропушти да го пофали премиерот и рече дека е „ одличен домаќин, прифаќа идеи и тие односи ги развиваме изминатите години; тој е одлична личност“ рече Павловски. Добро е што додаде дека ангажманот „треба да се гледа низ призмата ’не очекувај владата да направи се за тебе, туку работи напорно за себе и за својата држава, и таа може да биде одлично место“. Зошто пак тогаш, би се запрашале, бираме влада на избори?

ТЕЗАТА ЗА ШВАЈЦАРИЈА НА БАЛКАНОТ ИЗВЛЕЧЕНА ОД ИСТОРИСКИТЕ АРХИВИ Асоцијацијата за она „Швајцарија на Балканот“ (или на Балканите, како што е во оригиналот, она на Михајлов) секако кај слушателот асоцира на банкарството (или во овој случај на лихварството зад превезот на тајните за потеклото на парите), кај нас конкретно, треба да е врзано и со сликата на нашите банки. Да потсетиме за каква основа се работи – имаше изнесување на пари од страна на вработените во трезорот на една од трите најголеми банки во земјава и тоа во пластични кеси. Имаше и нешто „швајцарско“ а тоа е само во сокривањето на името на нарачателот на вака изнесен голем контингент на пари (вкупно 2,4 милиони швајцарски франци и 645.000 евра), бидејќи, тие пари не беа најдени (!). Е ова ни малку не е швајцарско, па ниту скандинавско, ако инсистира премиерот, на пример (https://meta.mk/ograbuvachot-pet-dena-gi-kradel-parite-od-trezorot-na-nlb/).

Но целта на Павловски, можеби и целта на неговата посета, се сомневам, беше промоцијата на еден негов сопатник, специјалист за пазорот со крипто валути, што се објаснува со разговорот што Павловски го имал со премиерот по доаѓањето во Скопје.

„Новиот сектор кој се издигнува сега е крипто светот, целото законодавство кое Америка се обидува да го донесе во моментот. Ако Македонија стане првата држава во Европа која ќе ги усвои законските измени и ќе им дозволи на крипто компаниите да дојдат тука, ќе има многу компании кои ќе ја напуштат Европа само за да дојдат во Македонија. Според мене, треба само добри закони. Постои реална можност во дигитализацијата и напредно размислување во вештачка интелегенција и крипто. Ако Македонија е напред во законската регулатива, тоа природно ќе донесе луѓе и бизниси“ – истакна Павловски во интервјуто за „Сител“.

Така, сега видовме во која грмушка лежи – диносаурусот. Ете како Македонија многу често од луѓето од дијаспората ја доживуваат својата прататковина, како поле за експерименти со нејзината судбина. При ова ќе се повикам на мислењето на професор Славески кој во една тв дебата оцени дека „лицата кои инвестираат во поседување крипто средства се со повисок степен на интелигенција од просечниот граѓанин. Исто така сум уверен дека голем број од нив се свесни дека се работи за една пирамидална (Понзи) шема која кога ќе дојде ’судниот ден’ ќе се распрсне како меур од сапуница и за многумина ќе заврши со солзи“

(https://plusinfo.mk/shpekulativni-razmisli-za-bitkoinot/)

Професорот имаше клучна улога во водењето на економијата во време на владата на Георгиевски, потоа во владата на Груевски а ниту сега не е без влијание (претседава со Советот на град Скопје). Претпоставувам дека навреме ќе повлијае на евентуално пишманење на владините специјалисти по „тази вапрос“, кога веќе Павловски ги разоткри сите други невистини поврзани со неговата наводна улога како „проводаџија кај Трамп“ и ептен ја девалвираше својата слика кај гласачите на ВМРО ДПМНЕ и десните собраќа. И покажа дека од зградата на Владата со месеци лажеле за неговата позиција, едноставно само е граден алиби за толкавото трошење на државни пари за групни излети во Вашингтон!

А СЕГА МАЛКУ ДА КОПНЕМЕ ОВДЕ-ОНДЕ Останува секако во видокруг само идејата на Павловски за вложување во археологијата или поточно во „пронаоѓање на гробницата на Александар Македонски“ која наидува секако на близу до плебистицарна подршка во дијаспората, онаа преку Океанот, па до некаде и кај наши граѓани, се надевам значително помалку. Но дури сега конечно го оспорувам фактот дека тој немал политички амбиции, бидејќи, со својата идеја едноставно прави штета, која не може да биде мала, ниту наивна. И може да не врати во провалијата на груевизмот кој ја отру нашата надворешна политика и позиција кај сојузниците и не оддалечи од стратешките цели. Не треба да се објаснуваме, нели.

Добро, дали човекот кој дојде со ваков багаж (да станеме европска престолнина на крипто валутите и да се инвестира „во археологијата“) има свое место во самит како „Македонија 2020/25“?

Како контрапункт на Павловски би го зел присуството на Мајк Зафировски, кој во последните години го даваше духот на дебатите на овој самит. Тој е човек со американско државјанство и со јасно образовно портфолио.

За оние малкумина што не знаат Мајк Зафировски е познат светски бизнисмен, роден во Скопје во ноември 1953 та година. Значи градски човек, за старт. Високото образование го стекнал на универзитетот „Единборо“ во Пенсилванија каде и докторирал. Кариерата ја започнал во компанија „Џенерал Електрик“, каде извршувал високи менаџерски функции во повеќе големи светски компании како „Боинг“, „Моторола“, „Нортел“, а едно време бил советник на американскиот претседател Џорџ Буш за безбедност во телекомуникациите и технологијата. (Внимавајте на оваа функција, не ја прескокнувајте). Во моментот е висок советник во „Блекстоун Груп“.

За разлика од Павловски тој е еден од носителите на проектот „Македонија 2025“ кој има јасна цел – да го поттикнува економскиот развој и привлекувањето на странските инвеститори во Македонија. Целта на оваа мисија е јасна: Македонија во 2025- та година да биде многу блиску со својот БДП до развиените земји во Европа. Организацијата беше основана, да се потсетиме, во 2007 година во Краун Поинт, Индијана, а  својата канцеларија во Скопје е отворена во 2011 година. За разлика од шпекулативните бизниси неговата иницијатива најрпвин ја има во обуката на способни менаџери во земјава.

(https://360stepeni.mk/majk-zafirovski-go-pomagame-razvojot-na-stote-najdobri-segashni-i-idni-menadheri-vo-makedonija/_

Обуката се одвива во „Келог“ школата за бизнис во САД, една од петте најпрестижни во светот, со финансиска поддршка од „Македонија 2025“, и ги надминува сите очекувања – вели бизнисменот со успеси на глобално ниво, кој сака да го помага економскиот и демократскиот развој на земјата од која во 1969 година емигрирал во САД, што значи добро го познава поднебјето. И тврди дека обуката ги надминала сите очекувања. „Ако одите во ‘Келог’ програмата за развој на лидери, ние праќаме наши луѓе таму, велам наши зашто себеси се сметам за дел македонската култура, тие ќе ви кажат дека македонските кандидати, а носиме пет или шест, врвни лидери од САД, Канада, Бразил, Јужна Африка, Кореја, нивното ниво на комуникациски вештини, однос, инспиративно размислување, се на врвот“, кажува Зафировски.

МАЈК ЗАФИРОВСКИ Човек кој навистина стигна и до тоа да биде советник на екс-претседателот Буш јуниорот

РЕАЛНИ ВЛОЖУВАЊА И КОНКРЕТНИ ЕФЕКТИ Тој го посочува примерот на менаџерот Милош Радуловиќ од „Алкалоид“, кој рекол дека не бил свесен колку работите не ги разбирал додека не отишол таму. „Може ли да замислите ако 75 од нив станат извршни директори во земја со помалку од два милиона луѓе“ – вели Зафировски.

Притоа, од околу 50 илјади долари, колку што чини тринеделната школа по човек, околу 15% го плаќа компанијата или кандидатот, а остатокот го покрива „Македонија 2025“. Преклани организацијата организирала гала-донаторски прием на кој биле собрани 1,1 милион долари токму за оваа намена. Зафировски укажува дека се работи за негови пријатели – Кен Грифин, коосновач на ’Цитадела’, еден од најголемите хеџ-фондови во светот. И Крис Галвин, поранешен директор во ’Моторола’. ’Боинг’, многу дури компании инвестирале.

Во однос на нашата надворешна политика, Мајк Зафировски е секако целосно свесен за придобивките кои се стекнаа во последно време. И беше загрижен за иднината на земјата во изјавата дадена лани, некаде во време на изборите, претседателските и парламентарните. Првите беа веќе завршени.

https://360stepeni.mk/majk-zafirovski-za-prespa-dali-e-mudro-povtorno-da-se-otvora-prashaneto-so-grtsija/

Овој врвен извршен директор во некои од најголемите американски и мултинационални корпорации, за „360 степени“ зборуваше и за едно од најчувствителните прашања во поновата историја на земјата – Договорот од Преспа (атакувано со новото потегнување на името на Александар Македонски, нели).

„Ако на двете страни има некакво незадоволство, вообичаeно тоа значи дека тоа е најдобриот договор што можел да се добие. Се прашувам, ако повторно го отвориме прашањето, дури и на ниво на сомнеж, дали е мудро да се прави тоа“, вели Зафировски во интервјуто.

Водителот на разговорот потсети дека претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во заклетвата не го користеше уставото име, реши да каже само Македонија. „Тоа предизивика бура од реакции, не само од Грција, туку и од ЕУ. Следуваа критики и укажувања од Грција и од ЕУ дека меѓународните договори се обврзувачки и дека треба да се почитуваат. Го слушнавме и Христијан Мицкоски кој го повтори истиот став дека усното користење на терминот ’Македонија’ не е прекршување на Договорот од Преспа. Што мислите вие на оваа тема? – гласеше прашањето.

– Сигурен сум дека тоа што ќе го кажам ќе предизвика гнев кај некои луѓе. Ако му зборувам на македонскиот народ, ќе гледам во камерата. Мислам дека сум Македонец патриот, ја љубам оваа земја, ја љубам иднината за неа. Но, можеби оваа перспектива е премногу практична, двајцата премиери што го потпишаа Договорот од Преспа, ги загубија следните избори. Голем дел од причината беше договорот за името. Кога грчкиот премиер и Заев повеќе не беа на власт, имаше многу незадоволство на двете страни. Од перспектива на бизнисот, историја на преговори, ако на двете страни има некакво незадоволство, вообичано тоа значи дека тоа е најдобриот договор што можел да се добие. Се прашувам, ако повторно го отвориме прашањето, дури и на ниво на сомнеж, дали е мудро да се прави тоа?“ – заклучи тој. И додаде – „ние ја нарекуваме Македонија приватно и на други места, но ако имате договор… Повторно, ако имате 11 или 12 големи прашања, дали ви требаат дополнителни одвраќања од вниманието? Уште една перспектива, без да навлегувам во историјата, ручав со претседателот Иванов пред десет години. Му поставив прашање – ме интересира, љубопитен сум за преговорите за името, колку од вашето време трошите на грчкото прашање? Ми рече 90%. Пак го прашав – вие или и премиерот и персоналот. Мислев ќе рече, само јас. Ми рече и премиерот и персоналот. Ми рече, сите ние. Во практична смисла, можеби сум премногу далеку од Македонија, кога ги имате сите овие предизвици, ако трошите 90% од времето, не велам дека е неважно прашање, колку ви останува за да ги решавате другите проблеми?“ И потоа заклучи – бирајте ги битките во кои можете да победите.

БИЈТЕ ГИ БИТКИТЕ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГИ ДОБИЕТЕ Ова е значајна порака на Зафировски за нашите политичари

Јасно е дека и низ овој проект, особено сега, со ова наше раководство, и низ овој проект („Македонија 2020/25“) се протега демаркационата линија меѓу шпекулациите на кои е изложена нашата стварност и вистинската иднина која никој разумен не би ја оспорил, за која работат луѓето од организацијата што имаат просветителски цели.

Штета од постојниот, би се рекло, дисбаланс меѓу двете страни на терезијата е јасно надвисната над сите нас а таа се повеќе ги загрозува идните генерации. Ако воопшто останат тука.

 

 

Filed Under: Фељтон

ШТО СЕ’ СЕ КРИЕ ЗАД ДОГОВОРОТ ЗА СТРАТЕШКО ПАРНЕРСТВО СО БРИТАНЦИТЕ?
ПОЛИТИКА КОЈА НЕ Е ЗА ЕУ, ЗЕМА И АНТИЕВРОПСКИ КРЕДИТИ
СИ ЏИПИНГ: РУСИЈА Е НАШ ВАЗАЛ ОТСЕГА ПА НАТАМУ
КАНСКА КОНКЛАВА: БРАК ОД ЉУБОВ
ПУТИНОВ ПОКЕР ИЛИ РУСКИ РУЛЕТ (129): КРЕМЉ ЌЕ БИДЕ ОБЕСХРАБРЕН, САМО УКРАИНА Е ВООРУЖЕНА ДО ЗАБИ

Најново

  • ШТО СЕ’ СЕ КРИЕ ЗАД ДОГОВОРОТ ЗА СТРАТЕШКО ПАРНЕРСТВО СО БРИТАНЦИТЕ?
  • ПОЛИТИКА КОЈА НЕ Е ЗА ЕУ, ЗЕМА И АНТИЕВРОПСКИ КРЕДИТИ
  • СИ ЏИПИНГ: РУСИЈА Е НАШ ВАЗАЛ ОТСЕГА ПА НАТАМУ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet