БИЉАНА СЕКУЛОВСКА
Очигледно е дека го гони амбицијата и самоувереноста, што е одлична појдовна точка- да докаже дека е способен, вешт и строг технократ- да ги консолидира редовите од сопствената партија, и како што се најавува, да ги претстави и лидерските перформанси во новата Влада
Новото бугарско вето не нѐ изненади воопшто, што конечно стана отрезнувачка, одлична вест, ако ги земете предвид сите наши предолги емотивни и психички пореметувања во ЕУ и НАТО децениските стресови.
Животот за нас продолжува по истото, мрзоволно, резигнирано темпо, вклештени во најновите тахикардии со енергетската криза, со помирувањето од пандемијата, со старите економски болки, и, конечно, не малите шокови со добивањето на нови играчи на политичката сцена.
Заминувањето на Заев сега ги отвори небесните порти на новата политичка мапа- во неа ја нема Радмила Шеќеринска, а се чини дека штетата од нејзиното заминување сѐ уште не е сериозно сфатена во кампот на СДСМ.
За жал со резигнација и одбивност беше сфатено нејзиното перципирање на политиката да се биде одговорна, чесна, квалификувана, и пред се некорумпирана влада, од типот- Кого удрам- не жалам, затоа што тагата допрва ќе ја почувствувате, ако не расчистите во сопствените редови, а тогаш, веќе ќе биде предоцна за каење и бришење солени, лепливи солзи, кои ќе остават трага низ затворските ќелии.
И, што да се каже за идните, бессони ноќи на новиот лидер, Димитар Ковачевски.
Очигледно е дека го гони амбицијата и самоувереноста, што е одлична појдовна точка- да докаже дека е способен, вешт и строг технократ- да ги консолидира редовите од сопствената партија, и како што се најавува, да ги претстави и лидерските перформанси во новата Влада.
Во политиката чудата ретко се остварливи, особено во исклучително тешки околности, гарантирано претешки, кога ударите доаѓаат од сите страни, без исклучок, без извинување.
Во таа крупна битка, кога ја губите Шеќеринска, ако ви падне на ум да се откажете од Никола Димитров, ако претходно кренала раце Рената Десковска, ако се збогувате и од Мила Царовска, или и од Фатмир Битичи, не ви преостануваат премногу искусни, образовани и способни играчи на кои можете со гаранција да сметате на чудата за кои сте сонувале дека се остварливи со макотрпен труд, знаење и мудрост.
Токму затоа, чудата се тешко можни, ако на Ковачевски му останат истите министерски ликови во времиња во кои судството ви останало корумпирано, партизирано, затоа што не сте направиле никакви сериозни реформи, кога не сте покажале ниту малку политичка волја да се справите со корупцијата, со онаа импровизирана ПР служба која преку здодевни милиони соопштенија мисли дека се постигнува политичка тежина, со гломазната администрација која ги цица и вшмукува сите ваши ресурси (Фатмир Бесими е јунакот на неделата, кој студено им соопшти дека нема К-15 за следната година- о, колку ги жалам, без да ми трепне окото).
Заев има огромни заслуги во бомбашкото раскринкување на груевизмот, Договорот со Грција и неговата огромна транспарентност кон новинарите, но таа ера заврши. Сега пред Ковачевски останува пресметката со зациментираните пипци на остатоците од груевизмот, пред него е нов договор, овојпат со Бугарија и, продолжување на таа транспарентност, без која нема да биде ништо можно и остварливо во неговата амбиција да направи консолидација во сопствената партија и пресврт во државата. Сѐ друго, ќе биде уште едно ново збогување- кое со нетрпеливост и леден глас ќе му го соопштат граѓаните.