Кај малото друштво во Будимпешта има некаква возбуденност. Од таму изгледа лесно да се уценува и натаму сопствената земја и да се инсистира на брзи избори. Демек сега е тој час, како што беше во декември 2016, април 2017 година … Замислените идни министри на таа нова вмроовска влада се гледаат себе во фотелјите од кои целосно ќе ја симнат од грб опасноста нивните пулени да скапат во затвор. Тие немаат програма – и натаму само бесконечно вреват, лажат и конструираат афери. Нивните програмски насоки ги нема – тоа се само мртви капитали бидејќи активните капитали одамна се во разно-разни Луј Витон чанти
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Аферата Рекет која ја тресе јавната сцена веќе десеттина дена, сведена на факти е полоша и од најлошата турска серија. Саде емоции и врескотници ни нудат сценаристи кои немаат многу инвенција да ги поврзуваат личностите со актуелната власт, бидејќи на сите нивоа излегуваат актери од другата страна … Како видео материјал направена е дури аматерски – уценувачите си заминуваат од кај уценуваниот со полни Луј Витон чанти, со броени пари во апоени од 500 евра („зошто нема во поситни апоени“, говори еден од бројачите на парите, демек ќе ги пуштаат како летки од авион), со обележени купчиња фатени во ластик и испишани ливчиња со пенкало, се качуваат во автомобил во цигла боја, највидливиот и најлесен за следење. Во актерската сцена – муабетот во куќата на наводно уценетиот фали уште понуда за пиење на кафе и звук на негово сркање.
А по таа сликана епизода следуваат аудио епизоди кои можат да одат во бесконечно преџвакување, но видливо е дека никаде нема спој меѓу претходните видео елементи со звучните! Ниту има дури и поврзување на чинот на примопредавањето на парите и актерите во таа трансакција. Треба да се претпостави ама да не се види – она што го нема како факт треба вашата фантазија да го надомести. Тоа е основната метода која започна со фамозните приказни на новинарот Геровски, кој со својот стил не врати во новинарството од времето на Нушиќ (да се сетиме на „Госпоѓа минустерка“ и текстовите кои место Фрики, Кики, имаа кинески асоцијативни имиња). И сега, откако добивме матријал во форма на замислување (фактите ни се препуштаат нам да ги составуваме, како да се работи за лего коцки што ни се нашле по дома) следува постојана врева, пуштање на едни те исти материјали, активирање на џваканиците, гебелсовштина во форма на постојано говорење како замена на вистински обвинителен материјал.
Впрочем, откако се дозна дека јавноста ќе ги открие сите тајни на Фамилијата, пред бомбите во 2015 година,земјата е постојана цел на испровоцирани земјотреси. Првиот обид беше крвав – тоа се кумановските настани Врвот на црно-црвените од денот кога дозна дека нема да може да формира Влада, по изборите во декември 2016 година, продолжи со користење на антидемократски методи за да не дозволи мирна, демократска транзиција на власта. Најпрвин со притисок врз Државната изборна комисија, потоа со помош на судиите од Управен кои исто така беа под притисок, па со помош на претседателот Иванов, кој бараше да ја испита „програмата на СДСМ“, потоа со оневозможување на избор на Албанец за прв човек на Парламентот. Се продолжи со серија на протести низ улиците, килави собири во поглед на вложената енергија и очекувањата на организаторите, но тие требаа да бидат вовед во спонтаниот државен удар готвен за 27 април 2017 година… И на другото што се случи во обидите да се користат сличните методи на недозволување на новата власт да земе здив и нормално да ја спроведува својата програма веќе повеќе се сеќаваме.
Како што пишувавме минатите броеви тактиката на луѓето од Шампитата е да се користат и легитимните методи – Парламентот, преку опструкцијата на сите идеи и да се оневозможи влезот во преговарачката соба на Унијата; потоа, преку уличните протести и нервози од различен вид како втора опција и како трето да се конструираат афери со помош на сите ресурси, медиумите кои се целосно во нивни раце, странските пари во и околу нив, надворешните куратори и секако грешките на оваа Влада, најчесто изразени преку лошите кадровските решенија кои мајсторски се бележат.
Да го видиме ова само преку последната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој во минатата недела ја опиша атмосферата на средбите меѓу работните групи од власта и опозицијата, велејќи дека на тие средби се забележува чувство на одмазда и атак кон ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски изјави денеска дека е оптимист и дека очекува да се постигне договор за Законот за јавно обвинителство, кој ќе го одреди идниот статус на СЈО. Имено, откако добија надворешен притисок да влезат во расправа за овој закон, лидерот на вмроовците од една страна ја танцува играта на „кооперативен политичар“ ама од друга страна поставува се поневозможни услови, ценејќи дека сега Заев е притиснат до ѕидот и може да му се поставуваат најразлични ултиматуми. Првото уценување секако е во фактот што ВМРО ДПМНЕ не сака да постои СЈО. Аферата Рекет пред се е насочена кон таа цел. Но по системот „две во едно“ раководството на оваа партија се обидува да го уништи и одделот за борба против организираниот криминал, бидејќи, Мијалков и бандата го чувствуваат сегашниот а особено идниот притисок врз нив како опасност со еднаква тежина. Особено откако се јави идејата за спој на двете институции.
Но, не се работи за само тие две уцени, туку се јавува и трета – и ако се договориме за решението за обвинителствата, велат од Шампитата, нема да гласаме за решението ако нема договор за предвремени избори, стара болка за лидерот во Будимпешта.
Аферата Рекет секако не е надвор или „плус“ на опишаното. Целосно се вклопува во општото сценарио – старото да се заборави и поништи, криминалот да биде ослободен а на власт да се дојде без програма, само со врева!