ПЕТАР БОГОЈЕВСКИ
Има премолчано правило, изборниот модел да се донесе со консензус помеѓу „најголемите“. Сето ова не „држи вода“. Ова не е аргумент за или против. Ова се обични калкулации. Во суштина, секоја политичка партија, врз база на изборни резултати од претходни години, пресметува што добива, а што губи доколку се воспостави решение за една изборна единица
Политичките партии се, нормално, најзасегнати од прашањето кој изборен модел е применлив за следните парламентарни избори. Калкулации без број. И тоа е во ред. Нормално е да биде така. Само сите кои калкулираат, забораваат една суштина, а тоа е дека на крајот, пак народот одлучува. Повторно граѓаните ќе го кажат својот збор. Без разлика на изборен модел, одлуката е на граѓаните. Советот од моја страна е, наместо да калкулирате со модели, потрчајте да ја добиете граѓанската доверба. На тој начин, сите модели ќе одговараат.
Во конкретниов случај имаме предлог за пропорционален изборен модел со една изборна единица, дополнет со идеја за отворени листи. Секое „прваче“ во политичките науки, знае дека мнозинските модели им одговараат на поголемите политички партии. Но во нашиов случај ние и онака имаме пропорционален модел. Тогаш каде е проблемот? Веројатно во предлогот наместо шест, да имаме една изборна единица. Супер! Полесно за секоја партија. Наместо еден куп носители, распределени штабови, дупли трошоци, изгубени гласови по реони, сè ќе биде на едно место. Сите гласови на едно купче. И за граѓаните полесно, но и за партиите. Полесна организација на самите избори и за државата.
Се слушаат гласини, СДСМ е за, но ДУИ биле против. И обратно, за ДУИ не е проблем, но СДСМ се против. Па заедно викаат, ние сме за, но ВМРО ДПМНЕ е против, со што не е предметна таа расправа.
Има премолчано правило, изборниот модел да се донесе со консензус помеѓу „најголемите“. Сето ова не „држи вода“. Ова не е аргумент за или против. Ова се обични калкулации. Во суштина, секоја политичка партија, врз база на изборни резултати од претходни години, пресметува што добива, а што губи доколку се воспостави решение за една изборна единица.
Мое мислење е дека во случај на една изборна единица, најмногу добиваат големите партии. Зошто? Во случај како до сега, ВМРО ДПМНЕ и СДСМ „фрлаат во отпад“ десетици илјади гласови, кои се „неупотребливи“ при распределба на мандати од една или друга изборна единица. ДУИ со шест изборни единици губи најмногу. На пример, во третата изборна единица тие „фрлаат“ повеќе од седум илјади гласови. Просто се неупотребливи. Со ова сакам да кажам дека е мит нивното мислење дека нешто губат. Напротив, „големите“ добиваат.
Има нешто што се нарекува „правичен пропорционален модел“ во случај кога постојат повеќе изборни единици. Тоа функционира на начин кога „неупотребените гласови“ од една изборна единица се пренесуваат во калкулациите во друга единица. И така во одлука на секоја партија за „своите“ гласови, до нивно максимално „искористување“ во сите изборни единици. На тој начин, голем дел од „неупотребливите гласови“ се употребуваат. Граѓаните добиваат факторизација. Но зошто сето тоа, зошто тие комплицирани и проблематични процедури, кога може се да се реши во еден здив. Сè се решава со една изборна единица. Така нема потреба партиите да се грижат дека ќе изгубат гласови.
Ако веќе констатираме дека со пропорционален модел во една изборна единица, никој не губи, туку сите добиваме, што е следен проблем? Веројатно најголем проблем се отворените листи. На тој начин, лидерите се „засенети“! Хипотетички може да се случи, носител на листата да биде лидерот на партијата, но на отворена листа, на листа на преферирање на кандидатите, граѓаните да му дадат повеќе гласови на друг кандидат. На тој начин, лидерот на партијата буквално не може да продолжи да биде лидер. Штом граѓаните преферираат друго лице, тогаш довербата и кон партијата е благодарение на тој кандидат.
Лидерот останува без работа! Тука е проблемот на пропорционален модел со отворени листи. Политичките лидери своите лични интереси и своите суети ги ставаат пред партиските или државните интереси. Не дозволуваат граѓаните сами да ги изберат своите политички лидери. Немаат храброст да се стават на тест пред народот. Со оглед на фактот што истиот тој народ, упорно трча по тие лидери, веројатно и овој пат повторно ќе победат личните интереси на лидерите и опцијата за отворени листи е најнеизвесна. Истиот тој народ се самоограничува да одлучува за своите лидери, трчајќи по умот на неразбрани лидери. Но што е, тука е!
Следен аргумент кој ги охрабрува „големите“ да одлучат во полза на една изборна единица е можноста во законот да предвидат „изборен праг“. На тој начин, сите мали партии или независни листи кои добиле одредена поддршка од граѓаните, ќе бидат оставени на страна во крајната распределба на мандатите. Аргументот дека ќе добиеме премногу „шаренолик“ парламент, политички нестабилна влада и сл. не поминува во вакви услови.
Изборниот „праг“ може да биде значителен и незначителен, зависи од желбата / калкулацијата на оние кои ќе одлучуваат во овој момент. Веројатно ќе се инсистира на висок изборен „праг“, сè со цел да се спречи факторизација на нови политички субјекти на политичката сцена во земјава. Но, на крајот на краиштата, повторно одлучуваат граѓаните. Ако они посакаат други политички актери, тоа не може да го спречи ниту една интрига на „големите лидери“.
Најзначаен аргумент во корист на предлогот за една изборна единица е изборниот модел на ЕУ. Нели одиме кон ЕУ? Нели ќе се „европеизираме“? Тогаш да започнеме од наједноставното, а тоа е да го преземеме европскиот изборен модел. На тој начин ќе ги подготвиме, навикнеме нашите граѓани на тие правила и ќе бидеме подготвени, еден убав сончев ден да избереме европски пратеници од Македонија.
Ако Европејците констатирале дека е наједноставно и најправедно да се избираат европратеници преку пропорционален модел, каде целата држава е една изборна единица, со отворени листи каде граѓаните ќе одлучат кој ќе биде избран, а не лидерите, тогаш што не спречува и нас истото да го направиме. Повторно лидерите ќе ги состават листите, повторно тие имаат клучен збор, да не се залажуваме, а и нив да не ги загрижуваме. Но сепак, во рамки на тој ограничен избор, граѓаните ќе го имаат последниот збор. Време е да започнеме суштински да се европеизираме, да започнеме од изборниот модел кој во иднина ќе изгради навистина демократско општество.
Останува да го кажам сопственото мислење. Јас сум за пропорционален изборен модел со една изборна единица, со отворени листи и без изборен праг. Зошто? Поради сите досега наведени аргументи, но и поради непотребноста од изборен праг. Тој ќе зависи од граѓаните. Од процентот на излезност и од количникот на последно квалификуваниот пратеник.
Доколку имаме голема излезност, последниот пратеник, без разлика дали ќе биде сто и дваесеттиот или деведесеттиот, ќе биде избран со поголем број гласови, а со тоа и изборниот „праг“ ќе биде повисок. Тогаш големите партии ќе бидат мотивирани да анимираат поголем број гласачи, со што ќе се самоодржува потребата од политички активизам во државата. Малите партии со цел да го надгласаат „последниот пратеник“, ќе бидат мотивирани исто така да анимираат максимален број на граѓани. Значи го имаме решението за проблемот со излезност на избори.
Локализација или регионализација на кандидатите по сила на закон, исто не поддржувам, односно треба истото да се остави на „пазарна регулација“. Ако партиите имаат концентрација на свои гласачи во некој реон од државата, тогаш слободно може сите сто и дваесет кандидати да бидат од тој реон. Колку оставаме слободно граѓаните да одлучуваат, толку подобро и побогато ќе живееме.