Еднаш Владата беше уценета за да минат уставните промени и прашањето на името. Во овој миг бројот на барателите е многуброен, уситнет, но и многу сложен како кај прашањето на одредување на статусот на СЈО, за што Заев има и внатрешни опоненти. Како и да е постои оценка кај уценувачите дека ако еднаш минале уцените, тие сигурно ќе минат и по втор пат
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Една од сериозните непријатности што може да ги имате во текот на денот во Скопје е да се возите во моторно возило или автобус во правец од и кон Владата на РМ и тоа на пладне. Таа процедура, условно, може да ги задоволи физичките критериуми за движење, бидејќи ќе ви треба многу време да го минете растојанието, да речеме од споменикот на Ѓерѓ Кастриот до Собориот храм, ама сепак измалтретирани ќе стигнете на целта. До доцна попладнето ќе заборавите и зошто улицата Илиденска е затворена иако таму нема никој, постојат само некакви фантомски штрајкувачи, фаќаат сенки или што и да е, но не и дека сте изгубиле мојот термин на лекар, што одвај сте го договориле, или сте задоцниле на испит на факултет од кој ви зависи можеби годината, или веќе сте заработиле еден неоправдан ако сте тргнале на училиште го втора смена. За потрошениот бензин или задушната атмосфера во возилото да не говориме. Затоа во вас уште долго во ноќта ќе тлее некое незадоволство, кое, на крајот на краиштата ќе се заврти кон оние кои реално не се секогаш директно виновни – Владата. Најпрвин ќе го дигнеме носот што се дозволува од надлежните пред носот постојано да и се редат незадоволници од сите фели, често пати со измислени или целосно надуени причини, но главно како дел од планот за создавање и одржување на чувство на незадоволство и нервоза кај граѓанството секој ден.
На овие итроштини, познати од време на наводно невладината „Светлина“ во 2005 година, сега веројатно од иста „школа“ на ВМРО ДПМНЕ, бидејќи во редот на ретките протестанти што ќе се појават на Илинденска некои фаци се препознатливи, а што значат правење неволји со најмалку вложени средства и со трошка учесници, треба да се придружат и големите проблеми со кои Владата се соочува интерно, во рамки и на коалицијата, како и со опозицијата и другите заинтересирани субјекти да лизнат од власта или можта или да остварат некоја цел, служејќи се со најобични – уцени!
Една од поголемите е онаа на Исламската верска заедница, неколку дена пред стартот на предизборната кампања. Обвинува за дискриминација од власта додека како што велат Македонската православна црква е фаворизирана и привилегирана. Реисот Реџепи дава рок од 10 дена за решавање на постапките за денационализација и враќање. Интонацијата на барањата е на моменти далеку од имотно-правна, бидејќи ИВЗ бара да престанат сите како што велат незаконски дејствија на државните органи против ИВЗ и граѓаните со муслиманска вероисповед. Тоа е веќе отворање на фронт со власта во многу значаен политички миг за што секако побарале и некаква странична поддршка, убедени дека за нивните цели, видлви и невидливи, во стилот „сега му е мајката“.
Ако не се испочитувал ултиматумот од 10 дена, во ИВЗ велат со проблемите ќе ги запознаат сите надворешни фактори во земјава. Се закануваат и дека пред почетокот на кампањата за претседателските избори во 700 џамии ќе ги информираат верниците за дискриминацијата.
Од Владата пак одговорија – уцени и закани не прифаќаат. Ја повикуваат ИВЗ проблемите да си ги реши на суд ако има сомнеж дека некоја институција ги прекршила законите.
Значи, премиерот Заев се откажа од предвремените избори кои би се одржале пролетва со претседателските, затоа што беше изложен на внатрешен (коалициони стеги од ДУИ) и надворешен притисок, бидејќи се сметаше дека тоа не е добар потег, непосредно пред јунското „да се биде или не“ на испитот во Брисел. Но, затоа сега Заев е натоварен со сто и едно барање кое му ги врзува рацете кои треба да му се слободни за да успее да постигне каков-таков успех во првите реформски колоквиуми, кои би ги увериле бриселските оценувачи дека сме зрели за влез во првиот циклус на претпристапни студии на европеизацијата.
Минатата работна недела преговорите околу судбината на СЈО, зад која институција стои цврсто меѓународната заедница, завршија неуспешно а што може да се случи неделава не е познато.
Теоретски можни се два излези – најпрвин ново соочување со апстрактните мантри на Мицковски или втор егзит, барање на ново-старо парламентарно мнозинство од 80 гласови на пратеници кои Заев ги нема. И едното и другото значат барањето соодветни одговори на споменатите уцени. И додека во гласањето за измените на Уставот ситуацијата беше барем малку почиста, иако и тогаш имаше условувања од разен вид, па на крајот дојде до отцепување на осум, односно девет пртаеници од ДПМНЕ, на кои им беа исполнети невозможни барања, сега таа е покомплицирана и во квантитативна смисла (бројот на „клиенти“ е неверојатно зголемен) но и како чисто коалиционен ресурс, кој е тешко да се пресмета во однос на својата стабилност.
Индикативно е дека меѓународниот фактор кај нас е сега со послаби мускули. Европејците се пред сопсствени избори а згора тие веројатно оценуваат дека во овој миг токму Заев треба да си ги испроба своите коалициони и убедувачки капацитети! Просто решавањето на проблемот со СЈО се смета за задача сама по себе на „колоквиумот“!
Американците, во атмосферата на непредвидливоста на Трамповата стратегија покажуваат замлачување на интересот за Балканот (редуцирањето на влогот во тукашните медиуми е еден значаен знак), пред се за Македонија и Црна Гора, за каде не гледаат „офанзивна цел“. Во тој контекст треба да се гледа и прифатливоста на новото име на земјава кое е добар трик на Кремл за сопирање на американската енергичност на потконтинентот – сега Трамп е убеден дека ги решил проблемите на најјужната точка на Балканот, бидејќи наводно нема интерес за руска пенетрација.
Но, да се вратиме на разговорите меѓу власта и опозицијата за новиот закон за јавно обвинителство со кој се решава и судбината на СЈО. По изјавата на вицепремиерот Бујар Османи дека по вчерашните неуспешни преговори за СЈО, мнозинството за Специјалното обвинителство ќе се бара во Собранието. Како? Од оние осум плус еден пратници со вмроовско педигре сигурни се четири гласови кои веројатно се сметаат „фит“ и можат да продолжат да асистираат во евро-атланските интеграции на земјава. Освен овие четири-пет минуси што се јавуваат во таа група на која веројатно Заев сметал, а кои може сега да се претворат во барања за некакви „нови кредити“, треба да се смета дека малите албански партии веќе го компликуваат својот „ситнеж“ како прилог во гласањето за законите за кои се потребни 80 гласови, па минусот е бааѓи поголем. Но, знаеме дека тоа не е се: најголемите глави во раководството на ДУИ имаат свои „дебели причини“ за пресметка со Јанева и тие бараат „реформи“ во таа институција или некаква законска амнезија која практично ќе им донесе амнестија! Дури се вклучи Села со група младинци (полнолчетни ли се децава?) кои бараат пониска казна за осуденикот за процесот 27 април, кој и онака доби убедливо најниска казна.
Дури, во целата таа кармакашија за штабот во Мала Речица јакнат нивните позиции во оваа ситуација кога Мицковски покажува одбојност кон овој закон „на апстрактно ниво“.
„СЈО мора да продолжи како посебно обвинителство, а новиот закон за јавно обвинителство е најсоодветното решение кое е во интерес на државата и граѓаните“, велат упорно социјалдемократите. Ова секако наликува на покер партија во која се игра на трпение, на нерви.
Погледнато од некоја поддалечена точка за наблудување јасно е дека за да го мине првиот праг (влез во НАТО) Заев тоа го направи на сметка на рејтингот на партијата и секако сопсствениот. Некаде можевме да прочитаме дека во СДСМ признаваат дека предноста во однос на опозицијата е намалена за околу 6 проценти, поточно опаднал од претходната висока предност од речиси 12 поени. Главната причина поради која се топи рејтингот на власта, според Заев, се скандалите со непотизмот и вработувањата кои излегоа нагло во последниот период. Во емисијата „Само вистина“ на Канал 5, Заев искрено, како ретко кој политичар, истакна дека макар еден и два поени да се загубат може да биде опасно во политиката, а потоа многу е тешко да се вратат.
Утешно за штабот во Бихаќка е дека тоа не се егзактни бројки и најверојатно се базираат на интерни партиски анкети.
Заев исто така во споменатото гостување беше свесен дека прашањата за револтот на јавноста како и за жестоките реакции се однесуваат и на политичката амнестија за дел од обвинетите за Крвавиот четврток кои нема да одговараат, како и измените на Кривичниот законик со кои исто така дел од обвинетите во предметите кои ги води СЈО ќе добијат поблаги или само условни казни.
Да не говориме за тоа дека новото име на државата предизвикува револт кај многу голем дел од населението. Обврските од Преспанскиот договор си доаѓаат а придобивките се уште не се толку видливи.
Тука е и незадоволството од власта кое не се должи само на гласачите поведени од повредени национални чувства, туку многу повеќе и на лошите потези на дел од владините функционери кои Заев не ги посочи директно и по име, но покажа одреден степен на разочараност и дизигнација за направените грешки како на пример со вработувањата на роднини.
И сето ова паѓа на товар на Заев а не на некоја пратеничка која вработува половина семејство или други владини и партиски функционери. Луѓето се прашуваат – како некој ќе води држава ако не може да ги смени оние до него?