НИКИЦА КОРУБИН
Дали е тоа целосна ескалација на вонредноста во секоја смисла или тоа е конечно апатично помирување со брутално разголената реалност по сите основи и на сите учесници. Во ваква ситуација, прашањето за законската и уставна поставеност и усогласеност, станува загрижувачки непожелно, а синхронизираниот и координиран молк, брутално суров. Никој и не се обидува да ја одглуми демократијата. На прагот на европскиот пат.
Која е цената на изборите? И, притоа не земајќи ја предвид здравствената криза и состојба, бидејќи таа во случајов се јавува како изговор. Изговорот може да има две насоки: брзи избори без сеопфатно размислување или брзо сеопфатно размислување без избори. Се разбира дека кај нас се бира делот каде што нема размислување. Посебно сеопфатно, земајќи ги предвид сите аспекти на кризата. Но, која е цената за таквата постапка? И која цена е прифатлива, за демократската и правна стабилност на државата? Ако, таа веќе не е длабоко нарушена, токму со инсистирањето за брзи избори без размислување.
Во шумот на внимателно селектираните информации, изборите се сведоа на чист безбедносен и здравствен протокол, како да појдеме здрави и да се вратиме живи. Чиниш гласањето е техничка операција на заокружување на бројчето. Нема промислување, нема анализа, само колку-толку „безбедно“ да не донесат до гласачките места. Партиски избори, односно избори каде и овој пат брутално се следи вољата на партијата. Ако и во нормални околности тоа беше доволно (не)прифатливо, што се случува во вонредна состојба, и правно и фактички? Дали е тоа целосна ескалација на вонредноста во секоја смисла или тоа е конечно апатично помирување со брутално разголената реалност по сите основи и на сите учесници. Во ваква ситуација, прашањето за законската и уставна поставеност и усогласеност, станува загрижувачки непожелно, а синхронизираниот и координиран молк, брутално суров. Никој и не се обидува да ја одглуми демократијата. На прагот на европскиот пат. Да не беше иронично, ќе беше трагично. Ако веќе не е.
Во отсуство на било каква процена и анализа, особено социолошка и психолошка, состојбата на граѓаните на зависност, беспомошност и анксиозност, прилично бескрупулозно се искористува во апсолутистичко и доминантно водење на процесите. Без било какво подлабоко просудување за перспективата кон животот, кон иднината, неизвесноста која не чека; изборите ги ставаме како лажен репер за наводна уставна и законска стабилност; на сметка на површната и лаконска употреба на сентенцата ,,новата нормалност,, небаре се работи за блага промена на реалноста, а не драстично променет свет. И точно е дека е длабоко нарушена законската и уставна стабилност, и со и без ,,брзи избори,,; но таа е нарушена поради следот на околности што се случија, после оставката на тогашниот премиер; а кулминираат со ,,политичката воља,, за суспендирање на цел еден столб на уставното уредување: законодавната власт.
Состојбата на заробена држава, претпоставува дека институциите на системот се заробени од страна на партиите, или во случајот, партијата, како субјект кој има моментална управувачка моќ. Под институции на системот се подрабира буквално се во рамките на законодавната, извршната и судската власт, вклучително и локалната самоуправа која практикува некоја форма на власт. Кога тие се ставени на ,,сервис,, на партијата, тогаш разбирливо тие не се извор на одлуките и спроведување на правниот поредок, туку се параван и алатка за спроведување на ,,партиските одлуки,,. И, ако политичката криза во 2016 година, меѓународно верификувана, дозволуваше ,,лидерски средби,, како спој на реално моќни структури; која е логиката тоа да се случува, денес во 2020 година, како членка на Нато и земја кандидат за ЕУ, со решен децениски спор, кој беше главната пречка за овие две клучни постигнувања. Кој остана нереформиран во целиот тој процес? Кој тоа не разбра дека промената нема да биде декларативна, затоа што тоа се чинело прифатливо тогаш, ама сега е маркетиншки непотребно? Очигледно за некого добро дојде кризава, за некого кој се замори од глумењето демократски пракси и институционална светост. Денес ја имаме ,,партиската,, држава во полн сјај. Ненадејно и неочекувано. Чиста фантазмагорија. Со многу јасна воља тоа да не се промени во догледно време.
Така доаѓаме до културолошката анализа, каде оди нашата цивилизација и начинот на живот? Иако, сведено на локално ниво, и говорејќи за нашата цивилизираност, судејќи според односот кон правниот поредок деновиве, каде исчезна преку ноќ грижата за елементарна правна логика и правна сигурност, а да не зборам за некаков луксуз каков што се човековите права и слободи; се вративме тивко и неприметно поради нашата опседнатост, со актуелната криза, далеку назад. Додека се разбудиме од нерационалните емоции, ,,новата нормалност,, ќе биде побрутална од старата, исто така не толку нормална. И притоа ќе остане ужасна епизода на брутално суспендирана правна логика, во име на речиси насилно водена пропаганда, за прилично (не)јасни лични и партиски цели, како пракса и репер за во иднина. Во името на сите нас. Ама, сите не се ни свесни што се случува. Ова е чист потсмев со европските вредности, иако тоа се случува токму во времето на сериозно преиспитување, на самите европски вредности.
На крајот останува одговорноста за огромните ризици? Изборите се за нашите претставници во парламентот, тоа е темелот на парламентарната демократија. Како се третираат изборите, така се третираат и пратениците. Blitzkrieg. Дури и во најголемата криза што светот ја живее после втората светска војна. Кој е спремен да ги превземе? Со истата леснотија на префрлање одговорност, од институција на институција, ад хок тела и непостоечки надлежности? Повикување на закон и устав, толкувани во од и прекршени со умисла? И секоја стекната доверба, спремна за повторна злоупотреба? Сето тоа говори, за нашето културолошко и цивилизациски ниво. За нашата спремност да премолчиме за лични интереси, ама да говориме потоа, во име на другите? За нашата апатија да прифатиме се што другите го спремаат, надвор од логиката на она што требаше да биде пат кон европските вредности.
Одговорот никогаш не е во бучавата на репетитивноста, исти пораки, секој ден, единствено изгледа пропагандата се усоврши. Одговорот е во тишината. Сам со себе и сам пред себе. Колку е нешто логично и безбедно, колку треба да останеме свои, за да се промениме. По наша воља, а не по туѓа. За да можеме да следиме кој е спремен да се промени, а кој е спремен да одигра уште една улога, на единственото што го знае. Држава по партиски терк.
Толку разбираме што ни се случува, колку што дозволуваме да бидеме информирани или манипулирани. Толку колку што ни дозволуваат. Толку колку што сакаме да бидеме неми сведоци или активни учесници. Оваа сегашност секако еден ден ќе биде минато, само зависи што ќе остави напишано за својата иднина.