По завршување на првиот економски квартал Народната банка ги сумираше резултатите, на месечно ниво ( март/февруари) депозитната база е зголемена за 0,4% а кај кредитирањето порастот изнесува еден отсто. Само по основ на потрошувачки кредити граѓаните во банките, на крајот од првото тромесечје должеле 1,3 милијарди евра
АНЕТА ДОДЕВСКА
Претседателски избори, догодина редовни парламентарни избори а во 2021- та година редовни локани избори – дали сите овие последователни изборни циклуси ќе се рефлектираат и во банкарскиот сектор, конкретно врз кредитирањето и шедењето? По завршување на првиот економски квартал Народната банка ги сумираше резултатите, на месечно ниво ( март/февруари) депозитната база е зголемена за 0,4% а кај кредитирањето порастот изнесува еден отсто. Само по основ на потрошувачки кредити граѓаните во банките, на крајот од првото тромесечје должеле 1,3 милијарди евра.
РАСТ НА ООМНИТЕЛНИ И СПОРНИ ПОБАРУВАЊА За близу 1 милион евра, во март во споредба со февруари, се намалиле сомнителните и спорни побарувања во банкарскиот сектор. Но, најновите податоци покажуваат дека намалување на овие побарувања, кои се однесуваат на нередовна отплата на кредити, има кај корпоративниот сектор, додека на месечно ниво нефункционалните кредити се зголемени кај секторот „домаќинства“. На крајот од првото тромесечје износот на вкупните сомнителни и спорни побарувања изнесувал 269,7 милиони евра а во февруари 270,7 милиони евра. Дел од банкарите коментираат дека официјалните податоци покажуваат пораст на кредитирањето и на штедењето, како и на нефункционалните кредити, но сепак упатуваат на симптоми на помала ликвидност на клиентите за редовна отплата на кредитите.
„Позначајни промени во однос на побарувачката на кредити нема, но со оглед на тоа што се работи за изборен циклус, вообичаено е да се очекува одреден “застој“ со оглед на законските ограничувања за буџетски исплати и оние поврзани со менаџирање на јавните пари. Се забележува и еден тренд на „развлечено плаќање“ во овој период, особено кај отплатите на физички лица“ – коментира банкар од една од водечките групации во земјава. И од другите банки со слична оценка:
„Кај побарувачката на кредити од страна на физички лица нема значајни промени, изминатиот период се забележува намалување на побарувачката од фирмите, и тоа е очекувано во ваков период на изборие“ – велат банкарите.
На крајот од март сомнителните и спорни побарувања кај домаќинствата изнесувале 60,2 милиони евра и во однос на февруари се зголемени за околу 765 000 евра, додека нефункционалните кредити кај корпоративниот сектор биле во износ од 209,5 милиони евра и тие во однос на февруари се намалени за 1,7 милиони евра.
ШТЕДЕЊЕ И КРЕДИТИРАЊЕ За граѓаните, станбените и потрошувачките кредити се најбарани и најодбрувани од страна на банките во првиот економски квартал. На крајот од март, по основ на потрошувачки кредити, домаќинствата во банките должеле 1,3 милијарди евра а по основ на станбени кредити 755,7 милиони евра. Овие два видови на кредити бележат и највисоки стапки на раст и на месечно и на годишно ниво, додека кај автомобилските кредити по подолг период на негативен тренд, за прв пат е забележана стапка на раст на месечно ниво повисока од 2 отсто.
„Анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, овој месец, најзастапената категорија ‒ потрошувачките кредити, бележат месечен и годишен раст од 1,2% и 10,9%, соодветно. Станбените кредити исто така се зголемени за 1,2% на месечна основа, додека годишната стапка на раст кај оваа компонента e непроменета во однос на претходниот месец и изнесува 13,6%. По негативните стапки во претходниот месец, во март, автомобилските кредити забележаа месечно и годишно зголемување од 2,3% и 0,4%, соодветно“ – соопштуваат од Народната банка.
Кредитите одобрени на кредитни картички на месечно ниво се непроменети, додека на годишно ниво остварија пад од 0,4%. Во март, негативните салда на тековните сметки бележат месечен раст од 1,1%, додека на годишна основа, оваа компонента оствари стапка на раст од 8,4%.
На крајот од првото економско тромесечје, вкупната кредитна изложеност на банките изнесува близу 5,3 милијарди евра, пришто на месечно ниво е регистриран раст од само 1 %.
Кредитирање ( прв квартал 2019 година ):
Вкупни кредити 5,3 милијарди евра
Кредити на домаќинства 2,6 милијарди евра
Кредити на коропоративен сектор 2,7 милијарди евра
На годишно ниво, вкупните кредити оствариле раст од 9 отсто. Пораст има и кај штедењето. Вкупната депозитина база заклучно со третиот месец од годинава изнесува 6,14 милијарди евра и на месечно ниво е зголемена за скоро 27 милиони евра или за само 0,4%. Пораст е регистриран и кај депозитите на корпоративниот сектор и кај штедењето на домаќинствата.
„Во март 2019 година, вкупните депозити на корпоративниот сектор се повисоки за 0,3% на месечно ниво. Анализирано на годишна основа, депозитите на корпоративниот сектор растат со 12,1%“ – наведуваат од НБМ.
Штедење ( прв квартал 2019 година):
Депозити на домаќинства 4,1 милијарда евра
Депозити на корпоративен сектор 1,6 милиајрди евра
Вкупните депозити на домаќинствата, бележат месечен раст од 0,2 отсто, што се должи на зголемувањето на долгорочните депозити во денари и во странска валута и краткорочните депозити во странска валута. Стапката на годишен раст на депозитите на домаќинствата изнесува 8,7 отсто. Вообичаено, изборните циклуси во земјава и воопшто случувањата на политичката сцена влијаат врз вкупните економски трендови, рефлектирани преку инвестициска апстиненција но и со воздржување од позначајна кредитна побарувачка.
(Текстот е објавен на проталот Portalb.mk, со кој Глобус има диговор за соработка)