Како да ни е судено да имаме парламентарни и други избори со многу спорења околу нивното (не)одржување, условите што ги поставуваат актерите во нив, па дури и експериментирањата, со многу елементи на креативност во толкувањата на правната страна на тој процес. И со овие вонредни избори, кои „мазно“ беа договорени, сега наидуваат на соло креативност кај спикерот на Парламентот
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Со фактот дека спикерот Талат Џафери го одреди датумот 11 февруари 2020 како ден кога планира распуштање на Собранието се покажа дека единствена традиција која ние ја имаме во парламентарниот и воопшто политички живот е ништо да не е така „мазно“ дури и кога постои еднодушен договор на сите политички субјекти за вонредните избори кои претстојат напролет.
Во функција на „соло играч“ Џафери, како што кажа на последниот брифинг со новинарите, рече дека се раководи од договорот меѓу лидерите за тоа предвремени парламентарни избори да се одржат на 12 април, но и од Уставот кој нормира дека изборите се одржуваат во рок од 60 дена од распушањето на Парламентот. Затоа, истакна тој на средбата со новинарите, следниот ден по распуштањето на Парламентот, Џафери ќе ги распише предвремените избори. Според него, по распуштањето ќе нема можност пак да се свика Собранието за евентуално да се ратификува Протоколот за членство во НАТО.
Второто објаснување го проблематизира првиот датум што го одредува спикерот на Парлментот – дали денот на распуштање на Парлментот не е добро „прочитан“ во Уставот, па за да не се остави „луфта“ за толку чеканиот датум – ратификување на документот за влез во НАТО да мора да чека на новиот собраниски состав?! Дали Џафери заборави колку тој долго чекаше на првото собраниско заседание за да биде поставен на фотелјата во која седи? Смееме ли да играме „на сигурно“ кога е во прашање нашата постизборна традиција а за едно такво историско прашање како што е влезот во безбедносниот штит на Алијансата?
Дали спикерот игра некоја контра со Владата и со резултатите од лидерскиот состанок на кој се одреди датумот на одржување на изборите, бидејќи тој изјави дека „за ова прашање досега со мене не е разговарано, и ако има потреба тогаш да се побара средба за да се дискутира“, што фрла сенка врз нечија суета која се појавува заради фактот дека спикерот е исклучен од калкулациите со датумот за избори и тој е ставен во улога на обичен свртничар кој само ги брои деновите од календарот? Или пак се работи за подолготрајна тактика за евентуално ново одложување на изборите, која како да им одговара и на позицијата и на опозицијата …
Што е тука спорно? Дали спикерот добро го чита Уставот за кого толку цврсто се држи? Имено, тој вели дека меѓу денот на распуштањето на Парламентот (11 февруари), потоа денот на распишување на изборите (12 февруари) и денот на изборите (12 април) има точно 60 дена и со тоа е исполнето словото на врвниот правен акт. Така и кажа на последниот брифинг – „ мора да се испочитува рокот од 60 дена од распуштањето на Собранието до одржувањето избори“.
Во членот 63 од Уставот, кој сега станува предмет на опсервации меѓу правниците пишува:
„Избори за пратеници во Собранието се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието.“
Прашањето е дали она „во рок од 60 дена“ е фиксен или само максималистички рок?
Од досегашните искуства произлегува дека двата месеци се крајниот рок бидејќи во вакви случаи, кај предвремени избори во практиката постојано постоел покус рок. Порталот „360 дена“ потсетува деновиве дека изборите во 2008 година, само две години откако Груевски го доби првиот мандат, се организираа за 50 дена. Тоа е оној случај кога во април 2008 година, по недобивањето покана за членство во НАТО, на иницијатива на ДУИ, токму по барање на партијата од која доаѓа Талат Џафери, Собранието се распуштило на 12 април, а изборите се одржаа 50 дена подоцна – на 1 јуни! Дадени се и датумите колкаво било временското стојание од распуштањето на Парламентот и на одржување на изборите во претходните вонредни циклуси.
Во 2011 г. парламентарците ја прекинале својата функција на 14 април (распуштање на Собранието) а изборите беа на 5 јуни, повеќе од една недела од рокот од 60 дена.
Повоторно имавме вонредни избори во 2014 г. Тогаш минаа 53 дена меѓу
5 март, денот на распуштање на Собранието а 27 април беше изборниот ден.
Конечно, во 2016 г. Собранието било распуштено на 18 октомври а изборниот ден беше на 11 декември, па периодот бил – 54 дена. Ова беа инаку последните парламентарни денови кога се до 27 април следната година не можеше да се избере спикер на Парламентот!
Ова значи дека сите тие вонредни парламентарни избори биле под лествичката од 60 дена и не биле прогласени за нерегуларни, барем од аспект на придржување до Уставот. Не може да се верува дека на Талат Џафери ова не му е познато, особено што тој лично учесвувал во нивното спроведување, барем како пратеник.
Второто и поважно прашање е дали ако имаме проблеми со конституирањето на шпанскиот Парламент, заради ситуацијата во оваа земја која може да стане и поконфузна, но таму сепак дојде до ратификување на нашето пристапување во Алијансата ние „ќе го фатиме возот“?
Премиерот Заев имено потврди дека очекува Џафери подоцна да го распушти Парламентот, за актуелниот собраниски состав да има шанси да го ратификува НАТО Протоколот, но по тврдиот одговор на Џафери тој се повлече од барањето да останат само 45 дена од рспуштањето на Парламентот до изборите, кои би биле фиксно врзани за одредениот датум.
Заев одустана од тоа да бара екслузивно скусен рок ама лидерот на опозицијата Христијан Мицковски вели дека постои практика на свикување на распуштен парламент за итни прашања. „Доколку се распушти Парламентот, тој може пак да се собере. Тоа било пракса за итни и неодложни работи“, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Претпоставка е дека тој мисли на случајот кога СДСМ одби да излезе на избори во стартот на 2016 година, па распуштениот Парламент одново ги прими „старите парламентарци“ кои продолжија со работа се до средината на октомври 2016 година.
Го заборави ли ова Џафери, иако е тоа настан од поблизок датум? Или можеби се работи за некаков поширок контекст чии контури не можеме да ги воочиме сега?
Во меѓувреме во изјава за Алфа поранешниот претседател на Парламентот – Стојан Андов вели дека мандатот на пратенците никој не може да им го одземе, а тој трае се додека не бидат избрани нови пратеници. „Седница секогаш може да се одржи. Доволно е да има политичка согласност од сите партиии во Собранието, а Владата, или Владата и опозицијата заедно, да достават конкретен предлог за да се свика собраниска седница“, вели Стојан Андов во таа телевизиска дебата.
Многу дилеми има и кај стручната јавност ама се чини, на крајот како котвата да е фрлена на веќе договорениот датум во април и како да се стабилизира проценката дека Шпанците ќе имаат респект кон нашите маки и нема да комоликуваат со своите комбинации за формирање на парламентарно мнозинство.