Објавен е списокот на романите што пристигнаа на конкурсот на Фондацијата Славко Јаневски. Во предвидениот рок се јавиле 40 наслови
Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ го распиша годинешниот конкурс за наградата „Роман на годината“ кој ќе трае од 15 декември до 15 јануари 2021 година.
Право на учество имаа романите кои за првпат се објавени на македонски јазик во 2020 година.
Наградата „Роман на годината“ се состои од паричен износ од 150.000 денари, статуетка и плакета. Одлуката за добитникот на наградата петчлената жири-комисија е обврзана да ја донесе најдоцна до 15 март 2021 година, а следниот работен ден да ја објави на прес-конференција. Наградата „Роман на годината“ која беше заштитен знак на згаснатиот „Утрински весник“, ќе биде доделена по 22 пат.
„Песот со тажен поглед“ на писателката Оливера Николова е лауреатот на „Роман на годината“ за 2019 година, а Николова е и првата од досегашните добитници која оваа награда ја доби по вторпат, по наградата за романот „Куклите на Росица“ објавен во 2004 година.
По објавувањето на списокот на книгите пристигнати на конкурсот за наградата „Роман на годината“ до Фондацијата „Славко Јаневски“ стасаа неколку реакции што се однесуваат на фактот дека во конкуренција се влезени и романите – добитници на наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман, што ја доделува издавачот „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“.
Токму фактот дека Фондацијата „Славко Јаневски“ е инволвирана и во доделувањето на наградата „Пегаз“ го поставува прашањето на вклучувањето на романите од едицијата „Пегаз“ на извесно морално ниво. Токму поради овие дилеми, минатата година од Фондацијата имале џентлменски договор со книгоиздателството „Арс Ламина“, која е главен носител на оваа награда и издавач на добитните романи, овие романи да не учествуваат на конкурсот за наградата „Роман на годината“.
Меѓутоа, факт е дека според Правилникот на наградата „Роман на годината“ и според пропозициите на конкурсот (кои во принцип не се сменети од воспоставувањето на наградата до денес), право на учество за наградата „Роман на годината“ имаат сите романи објавени во претходната календарска година. Во таа смисла, од Фондацијата сметале дека ниту еден роман, па ниту оние од едицијата „Пегаз“, не треба да биде дискриминиран од конкуренцијата за наградата. Таму сметаат дека е поголем морален грев да им се забрани на некои романи што ги исполнуваат пропозициите да конкурираат за наградата, отколку да им се дозволи.
На 20 јануари се конституираше жири-комисијата за доделување на наградата „Роман на годината“, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културни вредности „Славко Јаневски“. Жири-комисијата е во состав од Оливера Николова (минатогодишна лауреатка и претседателка на Комисијата), Зоран Анчевски, Калина Малеска, Живко Гроздановски и Катерина Богоева, претставник на Фондацијата.
Жири-комисијата ќе направи неколку селекции од романите во конкуренција, а конечната одлука за добитникот мора да ја донесе најдоцна до 15 март годинава.
Инаку, годинава на конкурсот пристигналеури 40 наслови, а наградениот роман ќе се закити со статуетка, плакета и награда во паричен износ од 150.000 денари. Наградата „Роман на годината“ чиј генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД, Скопје, годинава се доделува по 22 пат.
Пријавени се изданијата:
„Мемоари за болниот ум. Зависност“, Бошко Ангеловски, „ПНВ Публикации“
„Лето во кое те нема“ – Петар Андоновски, „Или – Или“
„Шрапнел“, Игор Анѓелков, „Или – Или“
„Колку убав погреб“, Марјан Анѓеловски, самостојно издание
„Бричење петли“, Владо Димовски, „Арс Либрис“
„Шардоне и шпагети карбонара“, Марта Димитров, „Антолог“
„Вокабуларис“, Ен Игма, „Темплум“
„Суво мастило“, Владимир Илиевски, „Македоника литера“
„Асистола“, Марија Јаневска, „Три“
„Мртвите знаат најдобро“, Владо Јаневски, „Арс Либрис“
„Скриени желби, немирни патувања“, Владимир Јанковски, „Антолог“
„Виенски гамбит“, Анде Јанков, „Антолог“
„МоЛчИ и ТаНцУваЈ“, Светлана Антиќ – Јовчевска, НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово
„Денот кога не се разбудив“, Моџо Килингтон, „Арс Либрис“
„Ши“, Сашо Кокаланов, „Или – Или“
„Витезот и византијката“, Кица Колбе, „Или-Или“
„Сфинга на гневот“, Жарко Кујунџиски, „Антолог“
„Приказна за трите града“, Митко Маџунков, „Три“
„Фантомско стапало“, Блаже Миневски, „Матица македонска“
„Највисокото дно“, Марија Митева, „Полица“
„Песја прељуба“, Велко Неделковски, „Арс Либрис“
„И не биди млад мајмун“, Велко Неделковски, „Арс Либрис
„Воскресение“ – Експериенс патот на духот , Мирче Нешовски
„Незадоволна“, Ксенија Николова, „Култура’
„Турнеја“, Сашо Огненовски, „Бегемот“
„На враќање“, Фросина Пармаковска, „Или-Или“
„Името ми е Вивиен Ли“, Горјан Петревски, „Македонска реч“
„Лазарка“, Љупчо Петрески, „Арс Либрис“
„Туѓо тело“, Владимир Плавевски, „Арс Либрис“
„Боксерот од Ново маало“, Владимир Плавевски, „Арс Либрис“
„Изгорени души“, Ѓорѓи Прчков, „Графо Пром“- Битола
„Курвински хроники“, Александар Русјаков, „Арс Либрис“
„Тито- мојот претпоследен херој“, Зоран Спасов Ѕоф
„Генералот и пеперутката“, Луан Старова, „МАНУ“
„Јаничари“, Луан Старова, „Три“
„Идол на ѕидот“, Елена Филиповска, „Сигмапрес“
„Куќа над брановите“, Билјана С. Црвенковска, „Чудна шума“
„Своја“, Ирена Никола Чаушевска, Скопје: Даниловска,Ирена.
„Христо Егеецот“, Јован Џамбазоски, „Матица македонска“
„Случајот Чернобог“, Катерина Шошко, „Антолог“