ВОЈО МАНЕВСКИ
Го читам извештајот на ЕК за напредокот на Македонија на евро патот и прв заклучок што ми се наметна е дека ама ептен се извештивме во толкувањето на евро извештаите. Можат тие да констатираат и наведуваат што сакаат, а ние ќе климаме со главата и ќе си тераме по старо
Извештаите се толкуваат различно, како да се пишувани на различен јазик и писмо. Последниов има и еден сегмент кој мора да нѐ замисли. Сме имале преголемо влијание од олигархијата, а тоа не било видливо.
Сето ова ме потсетува на оној вицот кога сопругот забележал некоја активност меѓу неговата сопруга и соседот на терасата, ама кога дошол дома неговиот сосед и верната му сопруга само пијат кафе и разговараат. Да не должам, вицот завршува со убеденоста на изневерениот маж дека се работи само за агол на гледање, а не и за вистинска состојба.
Така, олигархиско-политичката елита со своите медиуми истата приказна ни ја продава веќе со децении. Извештајот има те вакви пораки, те онакви упатства. Партиските членства имаат свој посебен агол, така што комплет сите сѐ извештија да ги мамат граѓаните, ако треба и до судниот ден. Наука и искуство е и тоа и не се остава таков занает за џабе. Граѓаните се извештија да не веруваат ниту во ЕУ, ниту во пораките од партиите, а најлошо од сѐ е што ниту во себе веќе не веруваат. Толку сите се извештивме што станавме вештачки, како тие кинеските играчки што пред Нова Година знаат само да кажуваат – честитки, среќно да е и слични добронаменски пораки.
А што правиме со сѐ пораширениот заклучок дека и не сме кадарни да имаме држава како функционална и самоодржлива заедница на рамноправни граѓани? Оваа моја песимистичка констатација не е резултат на недостаток на патриотизам или самодоверба, туку израз на граѓанска немоќ пред општествените процеси.
Искрено, секогаш кога се обидувам да развијам некоја теза се двоумам дали веќе неколку пати не сум ја размесувал како кори за јуфки. Изгледа и јас се извештив да верглам исти тези читајќи ги извештаите на ЕК на ЕУ.
Добар дел од процесите беа под нивна палка и под нивна директива. Едно нешто не осознаа – на различна подлога ист калем не се зафаќа. Сум калемел праска на бадем, ама после неколку недели фиданката овенуваше, а под неа си израснуваше нова фиданка од бадемот.
Пазарните законитости се најблиску до природните и нивна главна карактеристика е предаторството и безмилосноста. Тоа е нешто што треба да се ублажи со социјални политики на државата за да го заштити своето граѓанство и да не експлодира социјалното незадоволство. Тампон зоната од закономерната самоволија на олигархиските врвови е средната класа која низ политичките процеси се заштитува и себеси и ниските социјални слоеви од бескрупулозноста на олигархијата. Нема средна класа – нема заштита на политичките слободи – нема демократија, тоа е законитост.
Европа ни вели дека се наоѓаме под преголемо влијание на олигархијата и прв пат тоа во лице ни го испорача во документ. Ние тоа го знаеме, ама како и изневерениот сопруг, си мислиме дека можеби имаме погрешен поглед на стварноста.
Зошто нашите банки не вложуваат во капитални национални проекти? Зошто се залепени на искористување на буџетот преку разни позајмици на државата?
Затоа што така парите најбргу се зголемуваат и затоа што самиот политички врв и добар дел од државната структура зависи од тие средства што во суштина се собрани од граѓаните, ама се на конто на олигархијата. Ако веќе ја имаат таквата моќ, логично е да не трошат средства за договор со секоја следна политичка гарнитура која дојде на власт, туку во самите партии своето влијание го зголемуваат до позиција кога тие ги избираат сите идни народни претставници преку партиските врвови и поддржувачи. Логично и јасно, нели?
Зошто на листите и на високи позиции има непознати и ретко во својата струка докажани личности? Па, токму поради тоа што се подложни на разни влијанија. Нивната цена е помала отколку на оние што веќе се етаблирани. Пазарна законитост, нели? Тие етаблираните веќе научиле од каде тече водата па сакаат и тие да се напијат. Ништо непознато и ништо неприродно.
Сите општества поминале и поминуваат низ вакви процеси. Нашиот проблем не е само во ваквите законитости, туку и во последиците кои нѐ притискаат кон дното на опстанокот. Сѐ помалку жители има во нашава Македонија. Сѐ помалку нѐ има и како народ и како делови од народи. Кого ќе експлоатира новата безмилосна класа? Без народ нема ни кој да работи во нивните фабрики и „компании“, нема да има кој да ги отплаќа становите во Скопје што се еклатантен пример на кратковида банковна кредитна и државна финансиска политика. Не, не се грижам за вас господа банкари, туку за моиве сограѓани ми е мака.
Можеби треба да ги повикаме олигарсите да престанат да се кријат зад ситни „политичарчиња“ желни за власт и да се истопорат лично на политичката сцена? Јавно нека кажат кои им се интересите, целите и методите со кои сакаат сопствените фирми да ги подигнат на посакуваното ниво. Ако биле успешни во водењето на фирмите, можеби ќе можат нешто да помогнат и за обичниот народ. Ама ако целите им се многу поразлични од целите за подобра состојба на сите, треба тој народ на нивните послушници да им ги пресече крилјата и да си избере политичари кои ќе бидат одговорни кон тие што ги избираат. Ако не се расчистат сметките, ќе нема ниту владеење на правото, ниту добар судски систем. Овде не мислам на владеење на законите кои се донесуваат според интересите на економско политичките елити, туку како норми кои ги регулираат односите врз постулатите на правичност и еднаквост на граѓаните.
Што мислите, мои почитувани сограѓани, ќе стане ли малку повеќе јасно тогаш, дали сегашните политичари се одговорни луѓе, со капацитет и интегритет, со моќ самостојно да одлучуваат во име на тие кои ги избрале или не? Оф, дај Боже да е така, ама сама ми се наметнува мислата за гладната кокошка која просо сонувала! Мене, да простите, ми преовладува впечатокот дека тие, „политичарите“, сѐ повеќе стануваат, или веќе станале, марионети кои одработуваат за олигарсите (а сонуваат да бидат на нивното место), за себе се разбира. А како поинаку, зар за народот да мислат? Плус за којзнае какви и чии служби, а соработката со соседниве држави ја разбираат на малку чуден, таинствен начин. Како магионичарот кој со едната рака го свртува вниманието за да не види публиката како со другата го изведува трикот.
Како да му се помогне на народот, на поединецот гласач да почне да ги гледа двете раце, да осознае што е вистина, а што трик? Да почне да мисли дали некој стои зад чекорите на „политичарите“ и ако одговорот е „да“, кој е тој и што сака?
Премногу прашања, а премалку одговори, а мене, искрено, ме фаќа паника од помислата дека народецот наш и не сака да прашува. Како варената жаба од претходната колумна.
Ако се извештивме да живееме во два света како во епската изрека за знамето „едно за свадба, друго за војна“, да одлучииме под кој барјак ќе застанеме. За нас и за нашите деца или за она што покрај нас се изроди како диво месо, како израз на нашето неснаоѓање и нашето потклекнување пред сите влијанија на нечастивиот кој нѐ искушува и не нѐ прашува на кој Бог му се молиме или која вера како жртва му ја положуваме. Каменот од близу доаѓа – рече некој, ама ние не го разбравме затоа што не било до каменот туку до раката. Ех, да ми ѐ таа вештина да ја извештам, ми советува паднатиот ангел, а некој друг глас ми вели – ничија свеќа не гори до зори. Одлуката е наша мој народе и мои сограѓани, пеколот и онака нѝ е резервиран. И тоа без резервации во last minute.
(firstline.mk)