Изложбата се фокусира на луѓето заробени во имагинарен свет како одраз на животите на бегалците. Нивните изрази раскажуваат приказни за домот, засолништето, неизвесноста и стравот
Самостојната изложба на уметницата Тања Балаќ со наслов „Раселени”, отворена на 5 септември во Музејот на Македонија, деновиве е поставена во Стразбур, во „Арт клуб Амикале” на Советот на Европа. Официјалното отворање, на кое ќе се обрати амбасадорката Светлана Гелева, е закажано за 16 октомври (понеделник), но поставката, која ќе биде достапна за јавноста до 27 октомври, веќе го предизвикува вниманието на француската публика и критика.
Изложбата содржи дела создадени во периодот 2020-2023 година. Вкупно 27-те слики се своевидно дополнување на нејзиниот претходен циклус започнат некаде во 2017 година под влијание на големата бегалска криза. Дела од овој циклус беа претставени и на нејзините изложби во Скопје, Белград, Загреб…
– Навистина ми е чест што сум овде во Стразбур во Советот на Европа за да ја споделам мојата изложба „Раселени”. Во изминатите четири години работев на овие слики, инспирирани од бегалската криза, која можевме да ја посведочиме преку нашите екрани. Уметноста треба да зборува за подобра иднина за сите. „Раселени” се надоврзува на мојата претходна работа и се занимава со бегалската криза и со негативните информации што често ги добиваме од медиумите. Сакам да проговорам за ова глобално прашање од различни агли и да ги охрабрам сите заедно да најдеме решенија – вели уметницата Тања Балаќ во пресрет на отворањето на изложбата.
Изложбата се фокусира на луѓето заробени во имагинарен свет како одраз на животите на бегалците. Нивните изрази раскажуваат приказни за домот, засолништето, неизвесноста и стравот.
– Ја истражувам идејата за поединци и семејства што се соочуваат со општествени и политички предизвици предизвикани од бегалската криза. Целта ми е да ја искористам мојата уметност за да го прикажам хаосот во нашиот свет денес, и тоа да го направам на влијателен начин. Сакам да ги потсетам сите дека бегалците се само луѓе! Јас сум уметник што се бори за слобода и преку мојата уметност се надевам дека ќе го потсетам светот на хуманоста што сите ја споделуваме – порачува Балаќ од седиштето на Советот на Европа во Стразбур, каде што деновиве ја постави изложбата, а во понеделник ќе се обрати и пред присутните и гостите на официјалното отворање.
Со оваа изложба авторката се осврнува на ксенофобичната реторика присутна во многу мејнстрим-медиуми.
– Акцентот е ставен на концептот жртва, на поединецот и семејството, наспроти социјалните и политичките прашања, но и на индивидуата против колективот, а сето тоа ставено во контекст на глобалните општествено-политички промени, обележани со бегалската криза – се вели во најавата за изложбата на веб-страницата на Советот на Европа.
Тања Балаќ во 1991 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на Одделот за сликарство. Трасирајќи го својот уметнички и професионален пат низ годините, во 2008 година магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на Одделот за сликарство. Покрај сликарството, во последната декада истражува и на полето на нови медиуми, вклучувајќи инсталација, експериментален филм и видео-уметност.