Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ИЗМАМА, ОМРАЗА И ГЛУПОСТ

July 30, 2025 Filed Under: Колумни

ОЛИВЕР АНДОНОВ

Постапка за внесување на сите нас и нашите идни генерации во енергетско ропство е договорот со Казанџи груп. За оваа компанија постојат информации дека преку ќерка фирма е влезена во огромни финансиско-коруптивни скандали во Африка. Но ете, да сметаме дека тоа е пропаганда на конкуренцијата, сепак се поставува прашањето зошто договорот со Казанџи како и оној со Алказар, не се јавно објавени без скриени и класифицирани клаузули?

ПЕНЗИСКИ ИЗМАМИ Постои една стара изрека која вели дека само будалата три пати од ист камен се удира. Без намера да ги навредам моите сограѓани, оние од постарите генерации – пензионерите, би сакал да ги прашам дали тоа намерно сакаат по трет и четврти пат да се удрат од истиот камен? А тој камен е линеарното покачување на пензиите. Аман луѓе, како да ви се објасни дека доброволно сте жртва на владина измама. Постои закон според кој секоја влада (независно од која политичка партија или коалиција е) мора, ама мора, во март и октомври, или два пати во годината да изврши порамнување на пензиите согласно инфлаторниот удар врз стандардот на пензионерите. Е сега, свесни сме дека владата ќе си игра весела математика дека инфлацијата не ни е двоцифрена односно над 10%, но ќе ви објаснува преку разни трикови со бројки дека е 5%. Но и тоа порамнување од 5% е многу повеќе од линеарното зголемување за 1000 денари во октомври и 1000 денари во март 2026 година. Вам драги наши родители – пензионери, по сѐ изгледа, слабо ви оди математиката, а и умот не ви дојде дека во последната година линеарното зголемување од два пати по 2.500 денари инфлацијата одамна го изеде. Вие како да не чувствувате дека живеете посиромашно или пак сакате да бидете излажани.

И додека ве оставам да седнете и да си пресметате колку точно денари треба да добиете зголемување согласно законот за порамнување, односно колку во номинална вредност изнесуваат 5% од вашата пензија, а потоа на така зголемената пензија колку изнесуваат уште 5% (ако не и повеќе како што тргнало со цените) во март 2026 година, ќе ве предупредам на уште еден факт и идеја на владата на Мицкоски.

Имено, одамна ви кажав дека Мицкоски го мрази македонскиот народ и воопшто граѓаните на Македонија. Доколку тоа не е така, нема намерно да ви го прави ова што ви го прави, а вие не сакате да го видите, туку повторно се удирате во истиот камен. Преку некое си здружение на пензионери, некое си НН лице (во име на владата, а за да вам не ви изгледа претенциозно), констатира дека поради тоа што е многу јасна заложбата на владата за линеарно зголемување на пензиите, постоела потреба од измена на законот за пензии и воопшто на начинот на зголемување на пензиите. Ами што правевме досега, нели е јасно утврдено и тоа со закон дека два пати годишно мора да се врши порамнување за да пензиите го следат инфлаторниот удар. Влегување во политичко-законски перипетии за нов закон би значело повторно измама која ќе ви донесе стагнација на пензиите за подолг период од 2-3 години. Сега некој ќе каже дека оние со најниски пензии од 300-400 евра се најзагрозени и најмалку ќе го почувствуваат порамнувањето. Точно, но тука имам две клучни прашања.

Зошто оние со поголеми пензии кои цел работен век плаќале во пензискиот фонд реален износ на својата бруто плата, сега треба да живеат во мизерија и да им се закинува од законски регулираното порамнување во име на некаква си солидарност?

Зошто владата (Министерството за социјална политика), доколку навистина сака да им помогне на оние со најниски пензии не определи со закон годишни социјални пакети или програми само за најранливите категории пензионери кои поедини социјални пакети ќе ги користат додека нивните пензии не ја надминат минималната плата во Македонија?

Решенијата се толку едноставни и искрена, не измамничка влада, влада која се грижи навистина за своите граѓани така размислува и така дејствува во пракса. Сѐ останато е вулгарен и простачки ПР за глупи луѓе врз чија свест и перцепција влијае само зборот „покачување“. Сега сите вие кои сте со примања над 24.000 денари поради оваа популистичка мерка ќе изгубите во следната година помеѓу 100 и 600 евра приходи, а тоа кумулативно ќе ви се одрази и понатаму. Е па сега видете дали имате покачување или чиста измама и весела математика. Сосема различно ќе е доколку владата линеарно ги зголеми пензиите за по 1000 денари во октомври и на така зголемените пензии го направи порамнувањето од 5% заради инфлаторниот удар што ќе беше солидно зголемување на пензиите и оние со по 300 евра пензија ќе достигнеа дури 330 евра во октомври, но не е така. Вистината е дека буџетот е во никаква кондиција и вие како пензионери преку измама од страна на владата ќе треба да ги обезбедите тие пари во буџетот. Самите пресметајте колку пари за три месеци ќе „заштеди“ владата на Мицкоски со ова „покачување“. По сета оваа видлива измама, вие спремно пејте ја заветна и радувајте се на „покачувањето“. Потоа, догодина повторно ќе ве удрат од истиот камен а вие се потешко и посиромашно ќе живеете.

ЕНЕРГЕТСКО РОПСТВО  Кога зборуваме за омразата кон сопствениот народ и нација која ја искажува оваа влада на Мицкоски затскриена зад името на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ, прво нешто што ни паѓа в очи е јасната намера граѓаните на Македонија да се внесат во енергетско ропство. Односно, за скоро време, да дојдеме во ситуација да работиме само за да плаќаме сметки и тоа сметки за енергенси кои се добиваат од општо национално добро, односно ресурси. И тоа ропство да трае во следните стотина години, односно да се пренесе и врз неродените генерации.

За неупатените, еве, да појаснам. Дали сте се запрашале што има државата Македонија од изградбата на ветерниот парк на Алказар кој ни се претставува како огромна инвестиција и бизнис успех на владата?

Одговорот е јасен и видлив. Нема НИШТО! Зошто нема ништо? Па затоа што државата, а не едикојси (сетете се на случајот Делчевски ниви – оној што го аболицираа со укинувањето на член 353 од КЗ) – го даде земјиштето на Алказар. Тој едикојси, кој претходно знаел за проектот и го купил земјиштето по багателна цена, сега е партнер со Алказар, а владата дополнително му го дава државното (нашето) земјиште на Алказар на користење преку некоја си нејасна форма на цена на електричната енергија произведена од нашиот ветер на нашата македонска почва која по таа нејасна цена божем загарантирана пет години ќе се продава на нас самите. Ете, тоа значи дека ние за струја произведена од наш ветер и на наша почва ќе плаќаме некому, а Македонија (сите ние) нема да има никаков бенефит.

Втората постапка за внесување на сите нас и нашите идни генерации во енергетско ропство е договорот со Казанџи груп. За оваа компанија постојат информации дека преку ќерка фирма е влезена во огромни финансиско-коруптивни скандали во Африка. Но ете, да сметаме дека тоа е пропаганда на конкуренцијата, сепак се поставува прашањето зошто договорот со Казанџи како и оној со Алказар, не се јавно објавени без скриени и класифицирани клаузули? Затоа што преку Казанџи треба да се овозможи запоседнување на делот од енергетскиот сектор кој во Македонија намерно не заживува веќе 35 години, а тоа е употребата на гасот во секојдневниот живот. Во основа, Казанџи груп, покрај изградбата на гасната централа во која, види чудо, државата Македонија нема удел и учество (повторно како и кај Алказар), што значи дека нема да имаме како држава удел ниту во заработката, а следната фаза Казанџи ќе влезе во изградба на терцијалната – дистрибутивната мрежа. Потоа ќе имаме целосен монопол врз користењето на гасот како енергенс што значи и цени кои некој друг ќе ги одреди. Пострашно од тоа со цените е поседувањето на дистрибутивната мрежа чие користење ќе мора да се плаќа, а повторно Македонија нема да има приходи како сопственик на државен дел од гасната централа и дистрибутивната мрежа.

Како тргнала енергетската влада на Мицкоски, не милијардери, ќе се направат мулти милијардери на штета на Македонија (читај на сите нас), бидејќи сѐ ми се чини дека кога Македонија нема удел (барем 50%) во енергетските капацитети, посебно оние од стратешка важност, тогаш уделот, па нека е и од 20%, го има(ат) поединци кои се веќе влезени во енергетскиот бизнис и политиката. Тоа значи дека во следните децении овие бизнисмени, голобради момчиња кои во политиката влегоа како полтрони и послушници и ја окупираа каузата на ВМРО, од власта ќе излезат како мулти милијардери, или „малку“ повеќе од средно богати бизнисмени.

Во исто време, не постои ниту една програма за субвенционирање на фотоволтаични панели за потребите на домаќинствата, трговско-угостителски објекти, лесната индустрија и производни капацитети, земјоделски објекти и објекти на државната и јавната администрација заради енергетска ефикасност. Преку вакви програми и субвенции, ќе се покрие со снабдување со електрична енергија барем над 50% од потрошувачката. Ова, споено со учество на државата во стратешките енергетски капацитети, ќе значи зголемен капацитет на државата за заработувачка и одржување на државните фондови (пензиски, социјални, образовни) и спроведување на програми, со што стандардот на граѓаните ќе се зголеми.

Но зошто владата на Мицкоски да размислува домаќински и долгорочно за интересот на граѓаните и државата кога тие исти граѓани и нивните наследници, внуци и правнуци ќе можат да бидат внесени во ропство и да плаќаат во џебовите на некакви си странски компании со сомнителен капитал и на нивните домашни партнери, денес во владини функционери. Затоа, владата размислува домаќински за личниот нивен џеб за да бидат средно богати милијардери, а граѓаните нека се занимаваат со отворањето на затворените прашања за јазикот и идентитетот.

Следно што ќе дојде за приватизација, откако ќе се потроши нашата земја за користење на природните ресурси ветер и сонце, ќе биде продажбата на водата. Но не онаа вода за производство на енергија, таа веќе е продадена преку малите хидро централи. Тоа ќе биде продажба на водата за пиење.

Кога една држава, власт, ќе ги распродаде природните ресурси кои се сопственост на сите нејзини граѓани бидејќи се јавно добро и мора да бидат бесплатно и без ограничување достапни до секој човек, а нивното одржување и експлоатација да бидат во рацете на државата (на сите нас), тоа значи дека сме ја поминале точката на пропаст од која нема враќање.

Затоа драги мој пензионери (баке и деке, што би рекол оној идолот на Мицкоски од север), радувајте се сега на 16 евра зголемување, потоа ќе плачете за своите деца и внуци кога уџум ќе фатат од „нашата земја“ и камен ќе фрлат тука, бегајќи од енергетското ропство и неуредената држава која им ја спакуваа средно богатите милијардери. А вие радосни за 1000 денари, заедно со партиските клиентелисти и полтрони, сесрдно им помогнавте поддржувајќи ги на денот за гласање.

Вие колеги од академската јавност запрашајте се кој тоа води хибридна војна во енергетскиот сектор и капацитетите на животно важните ресурси, а против Македонија. Дали е тоа некоја странска земја или самата влада ја поддржува и спроведува таа војна заради интерес на странска земја и личен лукративен интерес на поединци. При очи слепи и при уши глуви, или глупави беше?

ЗА ФЕЈЗБУК ИЗМАМИТЕ И ВУЛГАРНИОТ ПР Ина крајот, одамна ви пишував за вулгарниот ПР кој нема мера, ниту граница. Всушност, таквиот ПР кој врши напад на сите ваши сетила претставува основен облик на хибридна војна кон здраворазумската способност за мислење и создавање на соодветна и правилна граѓанска перцепција. Перцепција кон општествените појави не обременета со омраза, перцепција која е надвор од заглупеното и глупаво повторување на пласираните невистини и не е подложна на прифаќање на измислици.

Новиот пристап кој на ФБ ќе го имаме во иднина, особено во предизборието, а кој во основа ја има измамата како главна цел заради создавање перцепција која е далеку од вистината и реалноста ќе биде претставувањето на разни политиканти како многу значајни фактори во земјава и на меѓународната сцена. Наместо да се промовира Македонија, тие се промовираат себеси преку синдромот „дадени од Бога“. И таа промоција е највулгарна и агресивна.

Замислете градоначалниците во ПР занес „чистат“ на Кале. Каква врска имаат тие со Кале, на чија општинска територија е Кале, каде е градот Скопје и на крајот освен што се сликаат како манекени, директно ги прекршуваат мерките за заштита од топлотниот бран и ги приморуваат вработените во нивните општински претпријатија да работат на отворено. Во исто време, се казнуваат градежниците кои ги ангажираат своите вработени да работат на отворено. Какво лудило, каква измама и каква омраза и негрижа кон сопствените сограѓани вработени во јавните претпријатија и општините!

Всушност, се работи за класична злоупотреба на функцијата која, благодарение на нашите гласови, некој лик ја добил од партијата. Имено, таквите ликови, верни клиентелисти и полтрони, редовно со сомнителни дипломи и видливо не-образование се појавуваат на средби по разни дипломатски претставништва или на приеми на меѓународни организации. Заради зачувување на вашето ментално здравје, освен на вас, кои од полтронско-клиентелистички побуди им ставате лајкови, вие останатите кои сакате да останете нормални треба да го имате предвид следното:

Овие ликови-политиканти, доколку не беа на партиско-државни функции добиени поради вашите гласови, никогаш немаше ниту да се приближат до дипломатско-конзуларните претставништва, ниту на некакви меѓународни настани.

Истите тие ликови-политиканти немаат никаква врска со политика, креирање политики и процеси на донесување одлуки во политиките, така што тие буквално за ништо суштински не разговараат со дипломатските претставници со кои се сликаат, а потоа објавуваат на ФБ.

Тие ликови-политиканти во ПР контекст и за политикантски цели ги злоупотребуваат дипломатските претставништва за вам, граѓаните на Македонија, ви се претстават како многу важни и да ве измамат да го дадете вашиот вреден глас за нив.

На средбите во дипломатските претставништва најчесто климаат со глава бидејќи повеќето не знаат ниту еден светски јазик, а не пак дипломатски протоколи, а потоа, ако нешто и ги прашаат, го повторуваат она што им кажале од партија, во изменет облик во споредба со тоа што ви го кажуваат вам преку медиумите кога се големи патриоти, а со голема доза на снисходливост и полтронство пред домаќините. Притоа, мислат дека ги излажале и дипломатските претставници, како што со сликите кои ги постираат на ФБ како ПР активност се обидуваат да ги излажат сопствените граѓани.

Верувајте дека, доколку не би биле на некаква државна или јавна функција благодарение на вашиот глас, никогаш никој не би ги погледнал, а не пак да ги покани на дипломатска средба или настан. И бидете уверени дека извештаите кои по секоја средба дипломатските претставници ги пишуваат до своите централи содржат многу интересни констатации и карактерно-персонални описи за кои ќе читаат во иднина некои идни генерации и веројатно ќе се смеат и ќе си поставуваат многу прашања, но сѐ ќе им е јасно.

Да бидете повикани од дипломатско претставништво на разговор, ручек, прием или некаква активност, а во исто време да не сте официјален партиски, државен или јавен функционер претставува показател дека со нешто (политички, интелектуално или стручно) сте привлекле внимание на дипломатското претставништво штом сака да биде во ваше друштво. Би сакал да видите како тоа изгледа на еден дипломатски прием кога со нашите државни претставници, покрај локалниве нивни партиски клиенти или негови колеги функционери, единствено комуницира домаќинот и тоа исклучиво заради протоколарните обврски.

Така што, имајте на ум, тие не се паметни, а ниту и образовани, туку вие сте им дале функција преку која ви се прават паметни и успешни, а и за жал со нивните измами, омраза и глупост, нас нѐ претставуваат пред дипломатските претставништва и нас нѐ малтретираат, веројатно со ваша согласност заради нешто што ви припаѓа по закон, но вие не барате да се почитуваат и спроведуваат законите.

Да живеат измамата, омразата, а најмногу ГЛУПОСТА!

 

Filed Under: Колумни

KАРАНФИЛОВА ПАНОВСКА: ВМРО-ДПМНЕ НЕ ИСПОРАЧА НИКАКВИ РЕЗУЛТАТИ, ЖИВОТНИОТ СТАНДАРДОТ ПАДНА ЗА 20 ОТСТО
КОЈ ЈА ПРИЗНАВА ДРЖАВАТА ПАЛЕСТИНА И ЗОШТО НИЕ НЕ ЈА ПРИЗНАВАМЕ
СВЕДОШТВА : КОЈ ЈА ИСПРАТИ ПРВАТА ВЕСТ ЗА ЗЕМЈОТРЕСОТ?
МАЛА РЕЧИЦА: ЛОКАЛЦИТЕ СЕ ПРЕТСОБЈЕ ЗА ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ НАПРОЛЕТ
ОСТАВЕНИ СМЕ НА СВОЈАТА СУДБИНА

Најново

  • KАРАНФИЛОВА ПАНОВСКА: ВМРО-ДПМНЕ НЕ ИСПОРАЧА НИКАКВИ РЕЗУЛТАТИ, ЖИВОТНИОТ СТАНДАРДОТ ПАДНА ЗА 20 ОТСТО
  • КОЈ ЈА ПРИЗНАВА ДРЖАВАТА ПАЛЕСТИНА И ЗОШТО НИЕ НЕ ЈА ПРИЗНАВАМЕ
  • СВЕДОШТВА : КОЈ ЈА ИСПРАТИ ПРВАТА ВЕСТ ЗА ЗЕМЈОТРЕСОТ?

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet