За мене оваа година беше средба со себе, во голема мера одлучувачка и тешка. Не би рекла дека е исто како порано, затоа што навистина не е. Социјалниот живот ми се скуси, а домашниот, внатрешниот свет се одолжи и продолжи со причина. Имало зошто. Објавив две детски сликовници, сменивме дом со мојот партнер, ќерка ни расте, животот тече, но со поинакво темпо – вели една од анкетираните
ЉУПЧО ЈОЛЕВСКИ
2020 година мнозина од нас ќе ја запомнат најмногу по тоа колку може да ни недостасува работата, животот на дистанца и со страв, свесноста за она што сме го изгубиле…и најмногу по сознанието дека здравјето навистина е најважно во животот.
Зад нас е година во која светот се преврте наопаку. Година во која ја изгубиме слободата. Година во која старите навики и начинот на живот ги заменивме со нови. Поразлични. Временска отсечка која речиси во миг не натера да стигнеме до сознанието на кое дотогаш малку му обрнувавме внимание – дека здравјето е над сè. Не како рекламна порака за одреден фармацевтски производ, за медикамент, туку како реалност во која не турна пандемијата. И, види за чудо како минуваа деновите брзо стигна и сознанието дека предавството на летаргијатра е единствената работа што е најмалку потребна. Од таму, во очекување на вакцината и условно земеното враќање во „нормала“, што тоа и воопшто да значи во „новите услови“, обидите за излез од наметнатиот лавиринт и од просторот во кој сме се само изолирале донесоа и исчекори кои ќе бидат вредни документи за времето во кое живеевме. Нешто што се исправа простум пред заборавот. А, по што ќе ја помнат 2020 година некои од македонските творци и уметници беше прашањето на кое побаравме одговор од нив и се со желба оптимистички да влеземе во новото лето и да веруваме дека научивме барем нешто од она што ќе се обидеме да го оставиме зад нас и нашето постоење во просторот и во времето.
Лидија Димковска знае да каже дека 2020 за неа е „година од учебник по историја, колективна меморија на човештвото во која и нашите индивидуални сеќавања ќе бидат пред сѐ поврзани со појавата на Ковид 19 во светот и неговите последици врз сѐ што беше дел од него и секако врз нас самите“.
„За мене лично 2020 е и година со два радикално спротивставени пола: од една страна епидемијата изгради физички ѕид меѓу мене и мојата космополитска потреба по движење, па не само што ме попречи да патувам како авторка, на разни книжевни настани туку и првпат во моето речиси 25-годишно странствување ме оневозможи да дојдам во Македонија; од друга страна 2020 ми донесе многу книжевни радости од кои би ги споменала пред сѐ двете награди за поезија – едната, „Чаша на бесмртноста“ во Словенија, како прва добитничка која не пишува на словенечки јазик, а другата, наградата „Наим Фрашери“ што ја доделува меѓународниот поетски фестивал „Денови на Наим“ во Тетово, како прв македонски поет. Но поважно од тоа е што во годината на Ковид 19, соочена со себе и светот и со најинтимните филозофски прашања за постоењето, пишував многу, пред сѐ поезија, но исто така и проза и есеи. Како авторка која пишува на македонски јазик, 2020 година нема да можам да ја заборавам и по радикалното вето од страна на Бугарија во однос на Македонија на сметка на македонскиот идентитет и јазик, од кој, патем речено, дури три книги од моите се преведени на бугарски. Инаку, повеќе политички системи во основа мислам дека го злоупотребија Ковид 19 и за своите автократски цели, но оптимистички е тоа што човекот стана свесен за она што го изгубил, а и дека здравјето навистина е најважно во животот, и дека неретко зависи и од општествените системи што сам ги избира и ги гради, вели Димковска.
Актерот на Македонскиот народен театар Сашко Коцев изминататав година ќе ја памети не само по по Ковид – 19, туку и по уште неколку други работи од кои најважна и најскапа е слободата.
„Ќе ја паметам по тоа како пандемијата не научи колку е најважна и најскапа слободата, а човек може да ја загуби во само еден ден. Да бидеш поробен без војна. Ќе ја паметам како со неа се научивме за одговорност, дали кон себе, дали општествена одговорност. Ќе ја паметам по тоа како пандемијава ми покажа колку многу може да ми недостасува мојата работа…сцената, аплаузот, успехот или неуспехот. По бројните награди за најдобро актерско остварување со филмот „Налепница“ и уште повеќе награди за целокупното филмско остварување на истиот краткометражен филм на Ѓорѓи Унковски. По премиера на филмот „Хомо“ на Игор Иванов-Изи и улогата во него која прекопа низ мене нови ходници низ моето актерско живеење. По тоа како сфатив колку сум отсуствувал од дома и како тогаш увидов дека топлото и здраво семејство е основната клетка на општеството. По тоа дека оваа изјава, во нормални услови би ја кажал во топла и креативна атмосфера, седејќи и разговарајќи со еден искусен новинар, а не во ваква пишана или онлајн форма. Затоа посакувам во новата, да можеме без дистанцирање да се видиме и лично да си ги споделиме нашите доживувања. Среќна нова година!“, порачува Коцев.
Ана Голејшка – Џикова, пак, гласно се прашува што донесе и што однесе 2020?
Таа смета дека „оваа година беше една од најпредизвикувачките на глобално, но и на индивидуално ниво. И не само поради пандемијата и потенцијалните опасности по нашето здравје, туку и целата психолошка резонанца што уште трае и трае…“.
„За мене оваа година беше средба со себе, во голема мера одлучувачка и тешка. Не би рекла дека е исто како порано, затоа што навистина не е. Социјалниот живот ми се скуси, а домашниот, внатрешниот свет се одолжи и продолжи со причина. Имало зошто. Објавив две детски сликовници, сменивме дом со мојот партнер, ќерка ни расте, животот тече, но со поинакво темпо. Имав многу време да размислам што со себе, на каде одам, и уште не можам да разберам и дознаам, веројатно тоа е процес што сега е поинтензивен затоа што сме повеќе свртени кон себе, одошто кон другите. Годинава ми ги отвори очите на поинаков начин, за поинакви состојби, со кои уште се справуваме и ги преживуваме. Ми недостига сцена и публика, тоа си го признав и гласно, затоа што мојот карактер и личност си ја бараат таа афирмација, која благо речено, во короната згасна и стана забранета. Не смеевме да се дружиме повеќе од четворица, концертите беа на дистанца, излегувањата скусени, збиени а со далечина едни од други. А кога се гледавме, тоа беа кратки, чудни средби. Пред некое утро сфатив дека март е за три месеци и тоа онака, ме удри по нос! Каде исчезна годинава? Не исчезна, таа си тече, ние застанавме, се скротивме. Така требало. Живи и здрави да сме, да направиме нешто подобро од она што сме биле претходно, не мора да е генијално, но да е автентично наше. Од здравствени, но и логични причини се откажав од шеќер, не јадам леб и избегнувам многу тешка храна, грицки кои ми беа навика. Резултатот не е слабеење, туку чистење. И така и треба да биде годинава. Чистевме шпајзови, соби, плакари, прередувавме полици, во домот, но и во себе. Се вработив, па добив отказ. Имав проекти, а сега сум во потрага по нови. Ми се менува и гласот што го давам кон светот. Станувам посвесна и посмирена, а тоа го согледав откако се повлеков од идејата дека мора да сум некаде on spot.
Треба да сум си сама себеси точка во која ќе го создадам бранот. Подзастанав, за да си го успокојам срцето и телото. Да набљудувам и да сакам, многу да сакам, да љубам, да гушкам со поглед. Затоа што секој ден ми е важен“, искрено признава Голејшка – Џикова.
Актерот на Прилепскиот театар и слем поет Игор Трпчески знае да каже дека во изминатава 2020 за прв пат по 25 години , ОДИГРАЛ само една и единствена претстава „Лидија или сè што знам за жените“ од Тихомир Јанчовски на Драмските аматерски смотри во Кочани, на денот на ослободувањето, на споменикот на слободата, на еден од најголемите мозаици на Балканот, изработен од Глигор Чемерски…И, потоа онака на свој начин продолжува:
Режисерката Нела Витошевиќ првично забележува дека нејзината 2020 година „ја одбележале низа успеси, како и голем број лични преиспитувања“. Дека ќе ја памети како година во која единката беше ставена во позиција да го запре темпото, да направи дистанца и од птичја перспектива да го погледне сопствениот живот.
„Токму тоа запирање, кај мене донесе до преиспитување на приоритетите и нивно насочување. Од друга страна сметам дека соочувањето на луѓето со својот одраз во огледало, како и целиот процес на интроспекции се „позитивното“ лице на пандемијата. Колку и да е сегашноста страшна и болна, би рекла дека ова паузирање на светот и размислување за суштинските проблеми, ги одвои важните аспекти на животот, и верувам ќе се покажа како потребно и здраво за колективот. Затоа и сметам дека засиленоста на екстремните ситуации во иднина сигурно ќе го извади доброто на површина. Како клучни настани за мене во 2020 ќе ги издвојам: премиерата, неколкуте изведби и успехот на претстава Мојот маж со која ја започнав оваа година, потоа реактивирањето на Вондерлен театар и сите театрски активности кои ги направивме за време на пандемијата, а особено виртуелната претстава Илузии, која веќе има 4 селекции на интернационални фестивали. За крај мојата борба и победа на летаргијата и директното погледнување во очи на сите предизвици кои ги донесе короната, ги сметам за моја голема лична придобивка и победа над конформизмот“, појаснува Нела Витошевиќ.
Дејан Трајкоски, писателот и првиот човек на литературниот фестивал ПРО-ЗА Балкан, во воведот со констатација: 2020 беше Година кога самите си ги забранивме гушкањата. Кога и на интровертните им збоктиса изолација. Тој во продолжение и со мисла:
„Во 2020 не го гледавме Ник Кејв во Белград. А секогаш треба таква музичко-шаманска атмосфера за да ни ги излечи секојдневијата. Го организиравме литературниот фестивал ПРО-ЗА Балкан во услови на пандемија. Се најдовме еден куп луѓе со негативни PCR тестови на едно место. Беше како ние да ја измисливме слободата. Во Куршумли ан ја промовиравме новата книга поезија „Срчки“ од Пијан Славеј. Како да не носевме маски, таква беше таа вечер. Со „фолтиновците“ Гоце и Бранислав го реализиравме проектот „Реобмислување“. Со моја поезија, нивна музика, и рецитирање од Бранислав, понудивме ново видување на легендарни љубовни филмски сцени. Оти такви никогаш не се доста. За време на карантинот си бевме дома. Си се топлевме. И се стопливме.Ја напишав, речиси целосно, мојата прва книга со поезија. И еве, кажувајќи го ова, гледам дека повторно преовладуваат добрите спомени од 2020. Знаев луѓе кои биле во Аушвиц. И таму се смееле. Хуморот е иманентен на човекот“ – ми рече одамна во интервју великанот Јиржи Менцел. Па така нека влеземе во 2021, се до вакцинирањето“, забележува Трајкоски.
Конечно за Дуња Иванова, пијанистката која трага по поинакви трепети на клавишите и велосипедистката која неколкупати се искачуваше на тронот како победник во трките од својата категорија, „да се биде здрав, и да се поседува слободата е најголемата привилегија“. Таа смета дека 2020-та на суров начин не освести за комфорот кој го живеевме пред пандемијата, а кој во еден миг ни беше одземен.
„Сакам да верувам дека станавме поинакви луѓе, свесни за малите но големи нешта кои го чинат животот, ја крепат љубовта и почитта кон другиот. Музиката сепак, и во вонредни услови го најде својот пат. Со големи напори ги реализиравме концертите на кровот на ГТЦ и на платото пред МКЦ, кои несомнено беа духовно закрепнување за многумина. Какво што закрепнување за мене пак беа успесите на две тркала во прегратките на природата. Доаѓа, нова и недопрена, светла ќе биде знам, година во која конечно ќе престане силувањето на природата и ќе настапи разумот. Затоа што и сега и секогаш, љубовта е на потег“, искрено потсетува Иванова.