СЛОБОДАНКА ЈОВАНОВСКА
Притисокот на Софија, Македонците што добиле бугарски пасоши да се изјаснуваат етнички како Бугари, треба да резултира со протестна нота
И во вакви тешки времиња, кога сите во светот имаат попаметна работа, Бугарија не труе со нејзините комплекси околу бројот на Бугарите во Македонија. Се заканува повторно со вето, пишува реакции и ни дава задачи како да ги преброиме тие што, според оценка на Софија, треба да ја оправдаат нејзината безидејна политика и нејзината фиксација дека можат да не натераат да прифатиме дека нема Македонци во Македонија. Слично како што Русија еден месец се обидува да докаже дека нема Украинци во Украина и дека таа е вештачка нацистичка творевина.
Иако беше очекувано дека ќе има некоја бугарска реакција околу пописот, сепак не беше очекувано дека таа ќе дојде од тамошното Министерство за надворешни работи како официјално соопштение. Во него стои дека го примиле објавувањето на резултатите од нашиот попис „со големо изненадување“ и сега ќе прават сериозна анализа. Да ги запрашаме веднаш – кој им дава право да се мешаат во внатрешни работи на друга држава и зошто е нивни проблем колку граѓани се чувствуваат како Бугари во Македонија? И нели сметаат дека со овие реакции, соопштенија и небулозни споредби на бројот на издадени бугарски пасоши со етничка определба, самите не им вршат притисок на тие граѓани да се идентификуваат како што тие сакаат? И од кај толку многу се изненадија кога од 1953 година наваму бројката на граѓани што се изјаснуваат како Бугари е повеќе или помалку на исто ниво, па сега очекуваат да се намножат? И, навистина, реално ли веруваат дека тие граѓани што зеле македонски пасоши – чиј број сите во Софија различно го соопштуваат и очигледно ни самите не знаат да ги пребројат иако им дале документи – би се изјасниле како Бугари кога веќе платиле по 5.000 евра за да добијат лажни државјанства? Дали се уште веруваат дека некој нормален во Европа не знае за коруптивната и политички испирирана шема на давање пасоши на Македонците и зошто се прави сето тоа, до глумење изненаденост од бројката на пописот?
До каков очај е падната бугарската позиција за Македонија се гледа од тоа што и Софија се фати за универзалниот изговор на сите плачења, кукања и напади околу пописот изминатите два дена – фамозните седум проценти непопишани. Сугерирајки, секако, дека зад таа бројка од 132.000 резидентни граѓани се кријат можеби македонските Бугари кои, според нив, умираат од страв да се декларираат поради силниот притисок што го чувствуваат во државава во која Македонците не успеаја ни сами да се притиснат и да се пребројат. Па, уште претседателот Румен Радев го нарече пописот „безаконие“, што само по себе кажано од лидер на една за друга држава е дипломатски скандал кој бара протестна нота. И притоа се закани дека ветото ќе остане, место да се сврти околу себе и да види колку се смени светот и колку се смени Европа по војната во Украина и колку неговата проруска политика, а во македонскиот случај и советска политичка матрица и реторика, го става под прашалник се што тој го зборува. Да види исто така дека, откако Бугарија е земја членка на ЕУ, и откако како земја членка на ЕУ почна да ни кажува како да се преброиме, кој јазик да го зборуваме, како да си ја толкуваме историјата и за што се треба да се откажеме, таа европска приказна веќе не се купува во државата. Дека благодарејќи на Бугарија на некои граѓани и Путиновата репресија почна да им изгледа попривлечно од бугарската „европска“ демократија што ја практицира врз нашата држава. И, дека умре времето кога Грција ставаше вето на одлуките за Македонија, бидејќи шансите за влез во ЕУ тогаш беа реални, за разлика од сега кога освен што ни оди на нерви постојаното дишење во врат од Бугарија и мешањето во нашите внатрешни работи, никој не гледа реална причина да го решава спорот што го има сама со себе оваа соседна држава.
Посебно внимание заслужува бугарската реакција дека не се броеле ни Бугарите во македонската дијаспора, иако нашите иселеници се самопопишуваа. Со ваквата забелешка бугарскиот државен врв само покажа дека не го ни интересираат правата на Бугарите во Македонија туку нивниот број, за да ги искористи слабостите на Уставот кој дава колективни привилегии и преку нив наредните сто години да ни се меша во внатрешниот живот. Ако е сериозна држава Бугарија требаше да сфати дека драмата со автомобилите со бугарски таблички на македонската граница не е случајна и е порака дека претерала злоупотребувајќи ги нашите граѓани со бугарски пасоши, кои треба конечно да се изјаснат каде припаѓаат и на која држава и плаќаат даноци. И дека не случајно се споменува укинувањето на принципот 20 отсто од Уставот на Македонија, за кој Софија очигледно работи за да го внесе бугарскиот јазик како трет службен во државата, откако ќе ги внесе Бугарите како малцинство и ќе им обезбеди одредени привилегии што ќе ги мотивираат – и тие што не се чувствуваат, да се декларираат така од интерес.
Место да се девалвира со политичката филозофија и матрица од бившиот СССР и да го анализира нашиот попис, Бугарија подобро да погледне што се случува во Украина, кога некој сака врз друга држава во денешниот 21 век да примени таков политички рецепт. Да види дека и Русите станаа против руската држава, која од надвор сака да им ја крои иднината и да ги искористи како политички инструмент.
Тие, пак, што повикуваа на бојкот на пописот во Македонија и кои сега, за да се исперат, ги спорат резултатите, па и тие што можеби автентично се прашуваат зошто толку им се намалиле бројките, треба да престанат со манипулациите кои и создаваат аргументи на Бугарија да тврди дека пописот, што се одржа според повисоки стандарди од тие во нивната држава и во кој нашите етнички заедници можеа да се изјаснат за разлика од кај нив, бил фалсификат. Зошто, како што тргнале, ќе побараат во преговорите тие да ни го организираат.