ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА
Ако се следи структурата на пропагандата на ВМРО-ДПМНЕ, таа е дефинитивно автономистичка и тоа, изолациски автономистичка. Во тој изолационизам не е само национализмот во кој, на пример поранешниот освестен слоган „Македонија на Македонците“ се обесчестува да симболизира мразачка национална „чистота“, туку ВМРО-ДПМНЕ е комплетно насочена Македонија да биде изолирана
Пред неколку години, ми доаѓа детево со здосаден, депресивен израз на лицето и ми вели, „Глупава книга“. Нормално, прашувам, што, која, како… И ми вели: „Како тоа порано се убивале туку-така за сѐ и сешто, немало ли суд или полиција? Па уште и за навреда – умирање во двобој?! А девојката, како некоја глупава, се мажи за ликот што го убил татко ѝ! А убиецот е главен лик, толку никаков, без врска, да си дозволи да му излезе таков грозен избор…“ и низа други незадоволства за „Сид“ од Пјер Корнеј. Не сум ја читала, па кога прашав за време и локација, рече – 11 век, Шпанија. И му велам: „Немале полиции и судови, немале баш некои институции… Да, правда тенчеле со убивање… Додека после доста време не се сфатило дека со таков ‘систем’ нема жив човек да остане… Па така, малце ја проучиле правдата и затоа сега имаме полиција, судови и разни видови институции…“
Но, во себе и тогаш мислев, како и сега – колку е тешко човек што е навикнат на своето време и својата околина да замисли дека нешто не постои во друго време и друга околина… Колку всушност е тешко да се разбере некое минато, настрана од проблемот на независен набљудувач, затоа што е многу напорно да се пренесеме таму и тогаш – БЕЗ сегашните околности. Мора сѐ да оставиш тука и да се телепортираш гол таму, тој воздух да го дишеш, и ништо да не знаеш за иднината која тебе ти е сегашност и минато – за да сфатиш. Тоа е многу парадоксално кога зборуваме за добивање знаење, но ако не се направи тоа вака, тогаш – не само индивидуа, туку цели нации се исплеткуваат во фалшлива реалност. Речиси како во Замка 22, набутуваат сегашна информација во минатото, го промешуваат минатото како коктел и си добиваат невозможен заклучок за денешницата – на пример дека сегашната информација која ја набутале во минатото – на некој „магичен“ начин – не важи!
Еве пример кај нас. Денес правиме разлика меѓу етничкото и националното, но ниту можело тоа да биде јасно на почетокот на минатиот век на оваа територија, дополнително со стравотно силни грчки, бугарски и српски пречки за тоа, а ниту пак можело да им е кристално јасно на првите борци за граници на македонска територија. За тоа дека „Гоце Делчев се самодекларирал како Бугарин“, џабе им радости на бугарските ноџиња под европската маса, а и џабе овде плукање „предавници“, кога тој негов исказ е кажан во време кога „Бугарин“ не значи етничност, во време кога Македонија нема гарантирани граници додека Бугарија има, и сака да ги шири, кога со присутна грчка, бугарска и српска управувачка рака македонската самосвест се дави во матна вода, а само грст дејци идеалисти се обидуваат да ја одржат некако со малку кислород в уста. Сѐ додека секаквите сорти од ВМРО-и не станат генотоксични за неродениот македонски плод.
Денешните самонаречени патриоти не сфаќаат дека е глупаво да си се интерполираат во тоа минато ЗАЕДНО со денешното чувство на сигурност за граници на територијата (па колкава и да си ја претпоставуваат). Тој производ што со таков фалш си го добиваат – некаква „цврста македонштина“, го шлапнуваат во сегашноста и тоа уште и како нивна сопствена особина. А сегашноста е суверена Македонија со македонски јазик, писмо, институции и граници. Зошто прават таква акробација? За со свои очи да видиме дека тоа нивно фиктивно трупче („кмее, нема македонски јазик, асимилација, кичма,… кме, кмее“) не може да го издржи тестот на реалноста, оти, како и секоја лага – навистина не може. Но, користа од тоа им е што тие лично си ги пожнејуваат слатките плодови на туѓиот бес од распрснувањето на лагата што ја сеат како розов сон – а тие се гласовите од 200-300 илјади слепци кои немаат свое мислење ни знаење.
Во овој пример најочигледно се истакнува парадоксот на македонската Замка 22 – кругот на оневозможување на сувереноста на Македонија за кој е потребна токму суверена Македонија. Истото го прават и со демократијата. Демократијата во Македонија им е потребна за да ја уништат токму демократијата – да воведат тоталитарност. Самата тоталитарност е Замка 22. Нема нормален излез од неа, само по (насилен) исклучок. Затоа, пак, има факти што секој денешен Македонец мора да ги знае од времињата на формирање на разните ВМРО-и во Бугарија и да не им надодава примеси од сегашноста како партиските фоки:
- Врховистичкото ВМРО било за припојување на територијата што им се подразбирала како Македонија – кон Бугарија,
- ВМРО со централниот комитет, со контролирање реони кои се совпаѓаат со територијата на вилаетите според турската бирократија (и поситните целини), која е, јасно, тајна и прилично неформална, слично на италијанските Карбонари друштва, најпрви им текнало за автономија – тие го сковале слоганот „Слобода или смрт“, но слобода (или смрт) – од Отоманската империја. Дури ни слоганот „Македонија на Македонците“ не значи „без Срби, без Албанци, без Бугари, без …“ оти ќе останат и без Македонци од широката српска, грчка и бугарска индоктринација, пропаганда и бирократија, туку значи – без Османлиите поробувачи. И најважното, она што се провлекува до денес сосе фаличноста:
- Откако ВМРО 1 и ВМРО 2 крваво се анихилираат меѓу себе, се појавува ванчомихајловистичкиот трансмутант кој „на препис“ се нарекува ВМРО, па со финансиска помош од Италија и радосен интерес на Мусолини меѓу двете светски војни, си се прославува со иновативен тероризам и тврди супер-хипер-ултра-апсолутна автономија за Македонија, одвоена, изолирана максимално. Тоа е очајнички „подземен“ обид на Бугарија, провоциран од нејзиниот луд баксуз да застане по којзнае кој пат на погрешната страна на историјата и така да не ја ќари Македонија. Оваа форма на ВМРО – „лицем“ автономија, е „срцем“ припојување кон Бугарија. И тоа е и стратегиски јасно („изолирај го пленот од други, па грабни си го“). Најконцизно контекстот на ова е даден во еден прегледод интернационално списание на Sage Journals од 1947 година. Миењето раце на тогашна официјална Бугарија со укинувањето на овој трансмутант, јасно – пак од официјална Бугарија, служи само за одржување во живот на евентуалната илегала од ова чудо. Односно, само одлагање на бугарската упорна намера за ќарување на Македонија. И пак се зезнува да застане на погрешната страна и во Втората Светска Војна, после која станува јасно дека ќе се формира некаква балканска федерација од Словени од кои тие се „погрешните“ – заради погрешната страна и во оваа Војна. И пак не ја ќаруваат Македонија. Македонија исцртува вистински граници во Југославија, иако како федерална единка. Таа е најголемото изненадување за цел свет, од страна на Тито. На Бугарија ѝ останува само да ја одложи истата приказна за „автономија“ за други времиња.
Да се сетиме сега дека ова, сегашно ВМРО-ДПМНЕ тврди континуитет со ванчомихајловистичкото ВМРО број 3. А ВМРО број 2 не постои и не е можно да постои веќе, заради сувереноста, државноста на Македонија, поради тоа што е постигната целта за која ВМРО 2 се формирало, иако е постигната после исчезнувањето на ВМРО 2, од страна на партизаните во НОБ и Тито. Се поставува прашање сега – дали ВМРО-ДПМНЕ ги лаже лажговците 1+3. кои тлеат под маса во Бугарија дека ВМРО-ДПМНЕ е пандан на ВМРО број 3, или концепциски само (бескрвно), ВМРО-ДПМНЕ е навистина ванчомихајловистичкото ВМРО број 3 на оваа страна од границата? Тоа е барем лесно за одговор. Ако се следи структурата на пропагандата на ВМРО-ДПМНЕ, таа е дефинитивно автономистичка и тоа, изолациски автономистичка. Во тој изолационизам не е само национализмот во кој, на пример поранешниот освестен слоган „Македонија на Македонците“ се обесчестува да симболизира мразачка национална „чистота“, туку ВМРО-ДПМНЕ е комплетно насочена Македонија да биде изолирана, прво од НАТО (колективен систем на одбрана – голема добивка за мала земја), што не им успеа, а сега и од ЕУ. Изолирана од демократски, правичен и добар економски колективен систем, нешто што недвосмислено би ја зајакнало Македонија, и според искуствата со другите земји, и ако се разбере идејата на основањето на ЕУ.
Како Македонци, не треба да се обзираме на побивање или прифаќање на изговорите зад изолационистичките намери на ВМРО-ДПМНЕ – тие се комплетно несуштински, туку само на намерата зад безвезните изговори. Нивната полна уста „сувереност“, „самостојност“, „достоинство“, „чест“, „исправена кичма“, итн. е старата лажна, импонирачка за македонското население „автономија“ на подмолното ВМРО број 3 од двете страни на СЕГАШНАТА граница. Тоа е само малку изменета стратегија на „изолирај од другите и грабни“, во – „не дозволи пленот да зајакне, за да може да остане плен“. Под маса, ВМРО 3 отаде граница се надева дека пленот ќе остане за нив, а ВМРО-ДПМНЕ, сервилно ќе го испорача. Неказнетоста би им прошла, сметаат, како и досега што проаѓала: Од внатре со тоталитарност од тефтерчиња, немање за леб – а имање за чоколади, затвори, ВМРО-МВРО, качулки, маски, крвави глави, итн. -видовме и слушнавме, се надевам не заборавивме… А за надвор, прават сѐ за САД и европските сили да дигнат раце од својата многудецениска стратешка посветеност овој дел од Балканот да биде мирен. На ВМРО бр. 3 отаде границата му треба малку хаос на Балканот, па не случајно официјална Бугарија е најслабата ЕУ членка економски и политички – таа ги води речиси истите битки со ВМРО бр. 3 под масата што и Македонија ги води со ВМРО-ДПМНЕ на ачик.
ВМРО-ДПМНЕ ја практикува Замката 22 за Македонија и во однос на демократијата, и во однос на суверенитетот, но новото е што започна уште еден јазол: Како да осигура дека оригиналната Замка 22 ќе работи користејќи ги демократијата и суверенитетот така што ќе ги минира истите, без тоа да се сврти против ВМРО-ДПМНЕ? Новиот јазол е сеопшто воспоставување на „зајакнувач“ на кружниот алгоритам на Замката 22, со помош на она што народски го викаме „убивање на надежта“, но не баш така едноставно. Имено, во ситуација кога реално постои начин Македонија да зајакне економски и институционално, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ убаво си знае дека тоа ги исфрла од игра (збогум тефтери, мвро…), мора толку многу да ја отруе мислата за зајакнување на Македонија, за Македонците да се парализираат како пред Корнејова дилема, како Сид од лектирата. Тоа е лажно форсирање на парализа како пред два понудени отрови: Се рекламира чашата со отров прогласувајќи ја неотруената чаша за отровна. Замката 22 овде стапува со парализата на македонското тело при (не)реализација на единствениот легален капацитет што го има – правото на глас. „Немам за кого да гласам“ за ВМРО-ДПМНЕ обезбедува удел од гласови што воопшто не го заслужува: Една шестина врзано општество да ги победува другите слободни 5/6, затоа што скоро половина општество се парализира од нивната пропагандна шема! Нефер, таа шестинка безобразно си бара над половина удел, затоа што ги одвраќа другите од сопствениот спас.
Еве пример со помали бројки: Да речеме, нека останат 120 парламентарни столчиња кои се пополнуваат, но нека само 120 луѓе имаат право на глас. Соодветно како што max 300 илјади члена на ВМРО-ДПМНЕ е шестинка од сите со право на глас, во примерчево нека 120/6 = 20 се сигурни гласачи за ВМРО-ДПМНЕ. Тоа воопшто не значи 20 парламентарни места за нив! Затоа што, доколку само 40 луѓе гласаат вистински (не неважечки) од сите 120 луѓе со право на глас, тогаш со оние 20 гласа, како половина од 40, ВМРО-ДПМНЕ си обезбедила 60 парламентарни места – половината од вкупно 120!
Затоа, врвен интерес на изолационистичкиот фронт е да нѐ парализира сите со слободна мисла, сите неизрекетирани од партии, сите нормални, секојдневни луѓе на коишто единствена цел ни е нормален мир без вишок стресови од неправедни правила и нетокму закони, поопшта благосостојба (што ќе ми е само јас и грст други да сме во благосостојба?!) и стабилност што важи за сите, а не едно-две, местејќи за некого, или заради нечии глупи бубачки, ти се сменил законот – ти се сменил животот. Сите акробации им се со цел, како ние, слободните граѓани да се затвориме самите себе, како да не сфатиме дека имаме право на одлука и како да останеме разбиени точкички, со чувство на осаменост, со чувство на себе-чудност… Душевен терор. Не, фала, памтам сѐ.