Целите на Израел во Појасот Газа можат да се постигнат само делумно со воени средства, смета воениот аналитичар Карло Масала. Пред АРД, тој ги процени шансите за успех на очекуваната израелска копнена операција
ЏАСПЕР ШТАЈНЛАЈН
Меѓународните набљудувачи ја чекаат копнената офанзива на израелската армија во Појасот Газа, која се уште не е започната. Некои од нив се на мислење дека одложувањето е корисно за Хамас. Така, на пример, мисли воениот експерт професор Карло Масала. Тој во интервју за АРД вели дека на тој начин терористичката организација добива можност уште подобро да се подготви.
Набљудувачот смета дека и копнената операција на израелската армија се одложува, бидејќи, Израел се’ уште работи на своите планови за времето по него, односно откако ќе се постигне целта за уништување на Хамас. Ова, сепак, нема да биде воопшто лесна задача, како и другата – да се ослободат приближно 220-те заложници кои ги држи Хамас, смета Масала. Само делумно поставените цели може да се постигнат со воени средства, рече тој за АРД: „Израелците можат да го направат тоа Хамас повеќе да не биде воен фактор во регионот. Тоа не значи дека Хамас ќе престане да постои, туку дека организацијата повеќе нема да може да му се заканува на Израел“.
Што се однесува до заложниците, специјалните сили би можеле да се обидат да ги спасат без копнена операција. Но, важно е прашањето што планира Израел да направи следно, бидејќи ако не знае што сака, дури и да ги исполни поставените задачи, нема многу да помогне, уверува Масала.
Во врска со околностите во Газа – една од најгусто населените области во светот, со многу станбени згради и систем на тунели во кои терористите можат да се забарикадираат – Израел се соочува со големи воени тешкотии, наведува понатаму АРД. Како може да се заштитат животите и на заложниците и на цивилите кои живеат таму?
На ова прашање Карло Масала вели дека Израел го повикал населението да се повлече на југ, но борбите ќе се водат во област каде што доаѓа опасност од сите страни. „Ова ќе биде една од најсложените воени операции досега. Ќе има улични борби и, доколку останат цивили во областа, ќе има и цивилни жртви. Ова не може да се избегне“, вели експертот.
Во овој поглед, тој потсетува дека Хамас ги користи луѓето како жив штит, додека својата воена опрема ја крие во цивилни згради. „Ова природно ѝ претставува проблем на израелската војска: дали воената цел е толку важна за да се оправда смртта на цивилите? Ако се оцени дека тоа не е толку суштинско, треба да се откаже“, изјави Масала за АРД.
Исто така, кога ќе започне копнената операција, ќе стане многу тешко да се ослободат заложниците, бидејќи Хамас веќе кажа дека во тој случај ќе ги масакрира и ќе објави снимки од егзекуциите на Интернет за да ги види целиот свет. Но, ако Израел е решен да го уништи Хамас воено и политички, офанзивата нема алтернатива. „Во тој случај, мора да се маневрира, може да се направи во бранови или со мали чекори. Но, ако сака да ја постигне својата цел, израелската влада не може да ја избегне копнената операција“, додава воениот набљудувач.
Што се однесува до иднината на Газа, професорот Карло Масала за АРД вели дека тоа е отворено прашање. „Нема план. Има изјави на израелскиот амбасадор во ОН дека Израел нема намера да ја деокупира Газа, како што беше случај до 2005 година. Ова би била најлошата можна одлука, бидејќи повторно ќе го стимулира тероризмот“, рече воениот експерт. Тој ја наведе и изјавата на министерот за надворешни работи за можното создавање на тампон зона меѓу Израел и Појасот Газа, но нагласи дека тоа е единствена изјава, т.е. останува прашањето што ќе прават Израелците со Газа, како и многу други дилеми: дали Израел ќе дозволи палестинската партија Фатах да управува и да ја контролира Газа? Дали појасот ќе биде ставен под меѓународна администрација, како што е ОН? Што ќе се случи со Газа после денот кога Израелците објавија дека ги постигнале своите политички и воени цели?.
Професорот Масала одговара и на прашањето колку е веројатно по евентуалниот крај на Хамас да се појават други терористички структури. Ова ќе зависи од многу работи, вклучително и дали ќе се внимава да се „затнат“ изворите на финансирање на Хамас и патиштата за снабдување со оружје за организацијата.